Во светот, политиката одамна е претстава, a секоја претстава има своја костимографија. Премиерите и претседатели не се само носители на власт — тие се актери во модна драма што се одвива меѓу протокол, еуфорија и суета.
За споредба, ако европските лидери се трудат преку стил да испратат порака за иднината, балканските изгледа како да се заглавени во 90-тите — кога костумот значеше статус, а не одговорност.
Северна Македонија — ролката како алатка за власт
Според модниот кодекс, темниот костим и белата кошула кои најчесто ги преферира премиерот Христијан Мицкоски се униформа на контролиран лидер — човек кој сака да изгледа сериозно, подредено, но сепак, премногу пластично и пресметано.
Неговата препознатлива ролка пак испраќа порака на самопрезентираниот „интелектуалец на власт“ и наместо длабочина, му дава дистанца; таа не кажува „мислам“, туку „се преправам дека мислам“.

Обично модните критичари велат кога костумот ти е посовршен од системот што го водиш, нешто во урамнотеженоста не штима.
Претседателката Гордана Силјановска Давкова, пак, е приказна за стил со волја, но без доследност. Еднаш изгледа како дипломатка, другпат како професорка што случајно се нашла на свеченост.
Нејзините избори често се раскрсница меѓу елеганција и несоодветност, од костими што делуваат достоинствено, до комбинации кои би биле прифатливи само на неформални настани.

Таа знае да изгледа културно, но не секогаш контекстуално. И токму тоа ја прави метафора за македонската политика — има идеја, но е без чувство за време и место.
Србија — униформата на авторитетот
Кај српскиот претседател Александар Вучиќ, костумот е продолжение на вертикалната власт. Секогаш темен, секогаш ист, со кравата што никогаш не се поместува.
Неговиот стил е монотон како и неговите полтички настапи — стабилност без шарм, строгост без инспирација. Вучиќ не се облекува за да убеди, туку за да потсети дека е таму.
Премиерката Ана Брнабиќ, напротив, со својата минималистичка, речиси унисекс естетика, се претвори во икона на рационалниот стил. Без кравата, без детали, без боја. Тоа е стил што вели: „Јас сум компетентна, не декоративна.“

Но со текот на времето, таа едноставност стана стерилна. Од визуелен отпор, прерасна во естетика на досада.
Албанија — боја против бирократија
Еди Рама останува единствената вистинска модна фигура во регионот. Со своите бели патики, живописни кошули и опуштен став, тој делува како човек што би можел да држи изложба на современа уметност и потоа да потпише меѓународен договор — во исто попладне.
Неговата естетика е визуелна стратегија: да се разликува, да ја продаде сликата на „либерален уметник во политика“, но токму таа театарска енергија често ја поткопува суштината: премногу форма, премалку содржина.
Претседателот Бајрам Бегај, пак, поранешен генерал, е негова спротивност. Костумите му се едноставни, кројот строга линија, тоновите темни — војнички стил преведен во цивилна политика. Кај него нема ништо за модна колумна, но барем нема ни глума.
Црна Гора — од италијанска елеганција до нова едноставност
Во црногорската политика Мило Ѓукановиќ останува класата сама за себе. Италијански костуми, свилени кравати, перфектна кројка. Тој во јавните настапи изгледаше како човек што владее дури и кога молчи. Но неговата естетика беше и неговата политика: префинета, скапа, елитистичка.Со заминувањето на Ѓукановиќ, Црна Гора доби нов лик — Јаков Милатовиќ, кој е неговиот стилски антипод. Млад, умерен, технократски облечен. Но токму таа умереност е и празнина: неговиот изглед не остава впечаток, не праќа порака, не создава карактер. Тоа е тип на европски костум што може да стои на секој – и токму затоа не кажува ништо.

Премиерот Милојко Спајиќ се облекува слично: чисто, коректно, но без идентитет. Нивниот визуелен стил изгледа како реплика на европскиот модел без личен потпис — како фотокопија на нечија идеја за „модерен политичар“.

Босна и Херцеговина — костумот како статус
Денис Беќировиќ делува како човек кој се труди да изгледа професионално, но ретко излегува од сенката на бирократијата. Секогаш коректен, никогаш впечатлив.

Милорад Додик, напротив, обожава да изгледа како локален цар. Големи костуми, сјајни часовници, став што повеќе прикажува статус отколку стил. Неговиот изглед е стереотип на моќ без естетика — комбинација што само на Балканот може да биде мода.

Косово — модерна прецизност и минимализам
Вјоса Османи е еден од ретките лидери на Балканот кои имаат природно чувство за стил. Нејзините костими се балансирани, современи, но достоинствени. Таа изгледа европски без да се преправа дека е европска.

Албин Курти е спротивноста: црн костум, обична кравата, ист израз секојпат. Неговата едноставност е порака против помпата, но понекогаш делува и како одбивање да се изгради препознатлив имиџ.

Политичката мода на Балканот е еден голем парадокс: сите се облекуваат да изгледаат различно, а на крај сите изгледаат исто — скроени, сигурни, но без душа.
Можеби затоа костумите на нашите лидери изгледаат толку совршено испеглани — затоа што ништо друго во државата не е.