До 2020-та Скопјани ќе пијат вода од азбестни цевки, ама „Водовод“ веќе догодина ќе добие управна зграда во барок стил!

by Фокус 12:05
12:05

Текстот е објавен на втори март 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 870  

Пишувал
Гоце МИХАЈЛОСКИ

- Advertising -

Има многу примери кои покажуваат дека како нација веќе подолг период сме скарани со логиката и не знаеме да си ги одредиме приоритетите и да се обидеме рационално да ги трошиме и онака ограничените ресурси. Но, во ова преродбеничко време, еден особено се истакнува, а тоа е изградбата на административна зграда за скопски „Водовод”, која, како што е познато, ќе чини неверојатни 10 милиони евра!

Објектот почна свечено да се гради со удирање на камен-темелник во декември, а треба да биде готов за три години. За него, јавното претпријатие исто толку години од својот буџет ќе издвојува по 200 милиони денари, односно 3,3 милиони евра.  „Водовод” не е сиромашно претпријатие, како, впрочем, ниту едно што живее од продажба на природни богатства, па може да си дозволи ваква инвестиција. Но, прашањето е дали нема попаметна работа на која ќе ги потроши парите, од која ќе видат некој аир и граѓаните. Само еден поглед на работата и на системот на „Водовод” покажува дека и тоа како – има.

100 КИЛОМЕТРИ АЗБЕСТ

Првата и најважна го засега здравјето на луѓето. Скопјани и понатаму пијат вода од азбестни цевки, чие користење Европската унија го забрани уште во 2005 година, а истото претходно го направија и САД, Австралија, Нов Зеланд… Промената на ваквите цевки во главниот град почна во 2008 година, но за четири години, од вкупно 150 километри, отстранети се само третина. Така, денес во Скопје сѐ уште се користат околу 100 километри азбестни цевки, што е 10 отсто од вкупната водоводна инсталација. Според динамиката, годишно се менуваат по 15 километри, што значи дека скопјани ќе пијат вода од азбестни цевки и наредните седум-осум години, некаде до 2020 година!

Од „Водовод” уверуваат дека нема место за грижи, бидејќи цевките не биле штетни по здравјето. „Азбест-цементните и поцинкувани цевки се менуваат поради староста и воведување на нови технологии за производство на водоводни цевки, а не поради тоа што се штетни. Сите досегашни истражувања на ова поле, вршени од страна на Светската здравствена организација, покажуваат дека азбест-цементните цевки не се штетни за здравјето на луѓето, затоа што самата цевка е обвиткана со азбестно млеко, кое ја пружа неопходната заштита. Основна и единствена причина за замена на азбест-цементните цевки се заштедата и намалување на загубите на води, а во никој случај квалитетот на водата”, уверуваат од претпријатието.

АЗБЕСТОТ Е ШТЕТЕН САМО ЗА СТРУМИЧАНИ?

Но, тоа што не е штетно за скопјани, е штетно за струмичани. Општинскиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ пред неколку недели одржа прес-конференција, на која го обвини градоначалникот Зоран Заев дека го загрозува здравјето на граѓаните, со тоа што не ги менува азбестните цевки.

– Еден од главните проблеми во водоснабдувањето во Струмица се старите азбестни цевки, кои учествуваат со околу 25 отсто во водоводната мрежа. Со оглед дека се изработени од азбест, водата во таквите цевки може да биде штетна по здравјето на луѓето, па затоа тие треба да се заменат, за што и Европската унија уште пред повеќе години даде таква препорака. Со нивната замена, покрај подобрувањето на квалитетот на водата, ќе се придонесе и за намалување на загубите на вода, кои во моментот изнесуваат околу 50 отсто – рече во таа прилика Неда Бјадова, портпарол на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.

Струмичките вмровци на Заев му забележаа и дека народните пари ги трошел залудно, наместо за вистинските приоритети.

– Очигледно замената на азбестните цевки, обезбедување на здрава вода за пиење и намалувањето на големите загуби на вода, не биле негов приоритет. Негови поважни приоритети се набавка на „фул лед дисплеј”  (голем екран), за да се рекламира и најавеното игралиште за шутирање на голф топки под настрешница. Со тоа Заев ја потврдува тезата на Алберт Ајнштајн дека две работи се бесконечни, вселената и човековата глупост –  ќе заклучи портпаролката.

Но, тоа што во Струмица наводно е врв на човековата глупост, за Скопје очигледно не важи. Иако, за волја на вистината, светските научници сѐ уште немаат еден единствен став дали и колку пиењето вода од азбестни цевки влијае на здравјето на луѓето. Така, на еден ист собир, стручњакот на Светската здравствена организација Роко Ким изјави дека азбестот е штетен, а неговиот колега Ралф Пакроф дека и не е толку, колку што се мисли. Она што сигурно е јасно, е дека азбестот може да се јави како причинител на рак на белите дробови, но во случај кога се вдишува подолг период.

ДВЕ ТРЕТИНИ ОД ВОДАТА ОДИ ВО НЕВРАТ

Ако ова сѐ уште не е расчистено меѓу светските научници, а богами и во владејачката партија, за финансиските штети што ги предизвикува старата водоводна мрежа нема никакви дилеми. Бројките покажуваат дека загубите на водата во системот на скопски „Водовод” секоја година надминуваат две третини. Според последните достапни податоци, во 2010 година вкупното годишно производство на вода изнесувало 103 милиони метри кубни вода, а од нив фактурирани се само 38 милиони метри кубни или 36,86 отсто. Остатокот од 65 милиони метри кубни, или поточно 63,14 отсто, е загуба!

Огромните загуби драстично негативно се одразуваат на финансиите на претпријатието. „Водовод” истата година од продажбата на водата, што на домаќинствата и на стопанството им ја наплаќа во просек по 30 денари за метар кубен, заработила 18 милиони евра, а требало – 50 милиони евра! Така, само во 2010 година, низ водоводниот систем во неврат заминала вода вредна фантастични 32 милиони евра.

Од јавното претпријатие, како главен виновник за ваквата состојба, ги посочуваат дивите приклучоци долж системот, иако повеќе од сигурно е дека не може да се украде двојно повеќе вода отколку што пие цело Скопје, што недвосмислено наведува на фактот дека најголемиот дел од загубите се предизвикани само поради старите и дотраени цевки во водоводната мрежа.

Но, и покрај ваквата состојба, локалната власт на чело со Коце Трајановски, одлучи во следните три години во фокусот на „Водовод” да биде изградбата на идната административна зграда на претпријатието, што ќе се гради во барок стил. За неа, во 2012, 2013 и 2014 година, ќе се издвојува по една третина од буџетот за инвестиции на „Водовод”, кој во просек е 10 милиони евра годишно, односно по 3,3 милиони евра. За промена на азбестните цевки, пак, кои ако не се штетни, сигурно се дотраени и предизвикуваат огромни загуби, следниве години ќе се инвестираат по само 2 милиони евра.

„ВОДОВОД” тврди
СКОПЈАНИ ПИЈАТ ЗДРАВСТВЕНО ИСПРАВНА ВОДА

„Водовод и канализација – Скопје” одржува 1.030 километри водоводна мрежа во главниот град. Цевките од водоводната мрежа се главно изработени од лиено железо, околу 70 отсто, а мал процент од други материјали и тоа, поцинкувани околу 9 отсто, челични околу 4 отсто, пластични околу 3 отсто, дуктилни околу 4 отсто и салонитни (азбест-цементни) околу 10 отсто.

„ЈП „Водовод и канализација – Скопје”, во својот Центар за санитарна контрола, врши редовен мониторинг на квалитетот на водата за пиење. Добиените резултати потврдуваат дека водата од водоснабдителниот систем е здравствено исправна, односно ги задоволува сите критериуми пропишани во Правилникот за безбедност на вода за пиење. Физичко-хемиските параметри се детерминираат по методологии на АСТМ (Америцан Социетѕ фор Тестинг анд Материалс), по ИСО стандардите за оваа област и одговараат на директивите на ЕУ и на ЊХО (Њорлд Хеатх Организатион). Независно од нас, Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје вршат анализи и нивните анализи, исто така, покажуваат дека водата што ја пијат нашите корисници, граѓаните на град Скопје, е здравствено исправна”, соопштуваат од претпријатието.

На чекор до 2014-та
ВО СКОПЈЕ СЀ УШТЕ ИМА МЕСТА БЕЗ ВОДОВОД!

Звучи неверојатно, но во Скопје и во 21 век сѐ уште има места во кои луѓето мака мачат да се снабдат со вода. За две такви во неговата општина реагираше градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.

– Веќе трета година го молам Коце Трајановски за изградба на водовод за високата зона на Козле и на Нерези, каде што граѓаните по шест месеци во годината немаат вода за пиење. Неговиот одговор постојано е дека изградбата на овој водоснабдителен зафат ќе чини над 2 милиона евра и дека тоа е многу скапа инвестиција. Врв на цинизмот е удирањето камен темелник на новата управна зграда на ЈП „Водовод и канализација”, која ќе чини 10 милиони евра. Сакам да го прашам: може ли да ми наведе едно градско претпријатие на Балканот кое има управна зграда од над 10 милиони евра, а во исто време дел од неговите граѓани немаат вода за пиење? – праша тогаш Јакимовски.

Поврзани новости