Младите сонуваат за државен леб, но кога ќе добијат партиски трошки, заминуваат по иднина во странство

by Фокус

Текстот е објавен на 30-ти март 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 874

Пишувала
Мирослава СИМОНОВСКА

Секој втор средношколец за десет години се гледа себеси надвор од Македонија. Во прилог на неговите желби одат неколку фактори, меѓу кои најистакната е недефинираната пазарна структура во Македонија, потценувањето на работниот труд и квалификациите, но исто така и недоволната обука што ја нуди високото образование, од причина што практичниот дел од едукацијата е сосема забатален и е сведен на максимата – „Мали, ај оди купи ми четврт со месо”!

Наместо секој втор средношколец за десет години да се гледа како образован, вработен, успешен млад човек, кој професионално напредува во онаа област во која може да го даде својот максимум, кој веќе има едно од предвидените три деца и штеди за станче, седнат зад воланот на едно просечно „голф 4” возило купено на старо, тој се гледа себеси како слугува на туѓи бели бродови, во прекуокеанските кафетерии или супермаркети, каде, ако ништо друго, барем физичкиот труд е платен дури и повеќе од интелектуалниот во Македонија.

Вистинската дилема е, дали се одливаат мозоци или само тела од Република Македонија? Одговорот на ова прашање не смее да се генерализира, зашто во секој случај едно е јасно – не сите што си заминуваат се генијалци и продиџи студенти, но и не сите што остануваат се нестручни и необучени. Ги има и вакви и онакви. Некохерентноста на она што го пишува во книгите и она што се применува во стварноста ги депримира, ги фрустрира младите и не им дозволува слободно да го покажат она што вистински доброто образование треба да им го даде – практични вештини и академско образование!

КОГА ПАРТИСКИТЕ ПРИФАТИЛИШТА ЌЕ ТЕ ИЗНЕВЕРАТ

Во исто време, во нашата земја наместо за работа, ред се чека за партиска книшка. Партиите глумат своевидно „прифатилиште”, кое ги собира сите, и верни и неверни поклоници на партиската кауза и идеологија, но место има и за оние што ја сфаќаат истата таа партија како Биро за вработување. Со текот на времето, листата партиски ветувања за вработување расте, а бројката реализирани вработувања опаѓа.

За споредба, во главниот град на Чешката Република, Прага, невработени се само 2 отсто од населението. И тоа не важи само за домашните, туку и за странските граѓани. Млади луѓе од странство, како реки се доселуваат, за да работат во многубројните претставништва на најголемите светски и локални корпорации, во индустриските погони, угостителските објекти, фабриките..!

Професорката Татјана Стојановска од Институтот за социологија, за феноменот на одлевање млад кадар од државата, вели дека е резултат на неколку фактори, меѓу кои се политизираноста и лошо поставената пазарна структура, кои на долг рок може да донесат последици.

– Немањето стратегија на национално ниво за задржување на потенцијалните капацитети од човечки ресурси се причина поради која кадрите си заминуваат. Неопходно е да се спроведе национална кампања и стратегија „Stop Brain Drain”, која ќе влијае на младите да ја развијат свеста за односот кон својата држава, но и државата треба да направи план за вработување на најдобрите.

Од тоа ќе има бенефит и индивидуата и општеството – уверува Стојановска.

Анкетата на „Барометар”, пак, објавена пред две години, го покажува истото – секој втор македонски средношколец мисли дека за десет години ќе присобере пари за билет во еден правец и ќе замине во странство.

Дури 50 отсто од испитаниците не ја гледаат иднината во родната земја. Тоа е последен пат некој да го опипувал пулсот на македонската младина, за нејзината перцепција за Македонија од економски и социјален аспект. Визната либерализација ги подотвори вратите и ги спакува нивните куфери, за и реално да можат барем да ѕирнат во другите европски земји!

ПАРИТЕ СТАНАА ЕДИНСТВЕН МОТИВ

Некои од начините што ги користат студентите, за да ги искусат предностите и слабостите на живеењето во странство, се студентските размени, стипендиите за академска наобразба, но и сезонската работа во Европа и во Америка, каде студенти без речиси никакво работно искуство влегуваат во светот на возрасните, се адаптираат на нови услови, правила и работни навики.

Особено летниот период е погоден за сезонска работа на брод, или, пак, во некој угостителски објект, а претставува и добра шанса за заработка. Во Македонија има десетина агенции што се занимаваат со посредување за работа во странство за студенти, а нивните капацитети се пополнуваат до последното место, особено во летниот период.

Од вкупно пријавените студенти, повеќе од половина ја одбираат Америка за своја дестинација, а позициите што им се нудат за работа се претежно од областа на хотелиерството и услужните дејности, зашто тие не бараат некоја поголема подготовка ниту долготрајна обука.

Сепак, за поамбициозните студенти кои решаваат на своја сметка да поработат три месеци во Америка, постојат и поавантуристички работни позиции, како, на пример, оние за спасувачи покрај вода, но, од агенциите велат дека ваквата позиција е помалку атрактивна, зашто апликантот треба да помине и обука за добивање лиценца за работа, која самиот ја плаќа. Бејвоч, бејби!

Дека жедта да се заработи на млади години е голема, кажуваат и од агенциите посредници за работа во странство. Имено, младите што аплицираат поретко како мотивација го наведуваат дружењето, социјалните контакти и менувањето на средината. Почесто, мотив се парите!

Генералниот менаџер на агенцијата „Коузон”, Зоран Кочоски, ја објаснува важноста и придобивките на програмата за работа во странство, за која во само четири дена се одлучија повеќе од 450 студенти. Сите тие, во директен контакт со своите идни работодавачи, ги покажале своите знаења стекнати при обуките во „Коузон” и се избориле за вработување според нивна желба.

– Македонскиот менталитет е малку специфичен, бидејќи дел од оние кои се пријавуваат имаат преголеми очекувања. Повеќе ги мотивира економскиот аспект, отколку другите придобивки што ги имаат од програмите за работа и патување. На пример, доколку го имаат изборот да работат во национален парк за фиксна плата, или во ресторан или кафуле, каде што може да добијат бакшиш, повеќето би се одлучиле за втората опција.

Одат во Америка за да заработат, а има случаи и кога пронаоѓаат и две работни позиции. Не би требало да се занемарат и другите придобивки, како, на пример, тоа што се учи да се почитува хиерархијата, стекнувањето работни навики, запознавањето со различни луѓе, контактите што се прават. Можеби ваквото патување е товар за семејниот буџет, но придобивките од дадените пари се големи и се дел од едукацијата на еден млад човек – вели Кочоски, додавајќи дека шансата треба да се искористи додека човек сѐ уште го има статусот на студент, зашто тоа е една привилегирана позиција која странците особено ја ценат и ја вреднуваат.

Друга работа на која треба да привикнуваат македонските студенти кога одат да работат во Америка, е начинот на кој функционираат Американците во однос на плаќањето за работниот труд, кој дефинитивно е поинаков од оној кај нас. Таму никогаш не ни постоела максимата народски позната како „клати врата – земај плата”, туку напротив, работодавецот ќе го плати работникот за онолку часови колку што му е потребен.

На пример, доколку работите во национален парк и делите флаери, а времето дента се погодило да биде врнежливо, мала е веројатноста дека ќе добиете дневница, зашто реално, не сте имале никаква работа и бројот на посетители бил мал.

Работната позиција, покрај комуникациските способности, несомнено зависи од познавањето на англискиот јазик, зашто повеќето од понудите се за услужните дејности, каде комуникацијата на странски јазик е неизбежна.

Најчесто барани работни позиции се оние за келнер, шанкер, касиер или продавач во продавница за сувенири, а за оние со послабо ниво на познавање на англискиот остануваат позициите како дистрибутер на продукти во рестораните, спасувач на плажа или готвач. Интересна дестинација, исто така, е и Големиот Кањон во Аризона, кој изобилува со угостителски објекти како вистинска сензација за странците.

Додека во Македонија младината сонува за сигурна работа во јавната администрација, надвор младите учат да развиваат комуникациски вештини, да живеат опкружени со различни луѓе и култури, а во „грнето за мешање” го вдишуваат духот на либерализмот и слободата да ги заработат првите пари и да ги потрошат како што сакаат.

ОТСКОЧНА ШТИЦА ЗА ТРАЈНО БЕГСТВО

Менаџерот на „Коузон” вели дека тие се најзадоволни и воодушевени од духот и работната атмосфера, но и од тоа што успеале да се адаптираат во нова средина, со својот сопствен труд. Агенциите им помагаат на младите за да не бидат дезориентирани, но работата ја добиваат самите, во директен контакт што го остваруваат со работодавците, кои дури и доаѓаат во Македонија за да ги направат интервјуата за работа.

– Со самото стапнување на американска територија, секој студент добива свој социјален број, кој му претставува своевидна „виза” за престојот, односно добива свое здравствено осигурување. Понатаму, не е можно некој да замине одовде, а да не ја работи онаа работа што самиот си ја побарал и добил, што е дефинитивна мотивација за младите. Тие потпишуваат договор за работа и од овде ги советуваме да ја искористат визата правилно и да не ја злоупотребат за подолг престој.

Сепак, се случува еден мал дел, 2 до 3 отсто од студентите, да ја злоупотребат визата и да останат подолго, но им е јасно дека тогаш се влошува нивниот однос со амбасадата во Скопје. Уште од овде знаат каде одат, каде ќе престојуваат, имаат комплетен увид за околината и за местото каде што ќе бидат ангажирани, бидејќи ерата на технологиите тоа им го овозможува.

За некои работни позиции, како на пример спасувач, потребен е сертификат, односно одреден вид „лиценца” за работа, која паѓа на товар на самиот апликант. За да се добие лиценцата, потребно е да се отиде порано во Америка, некаде околу 25 мај, па дури и порано, а со оглед на тоа што повеќето студенти тогаш се на факултет, за ваков потег се одлучуваат помал број од нив и оваа работна позиција не е толку атрактивна – вели Кочовски.

Противничка теза на тоа дека сезонската работа во странство може да биде отскочна штица за студентите да се иселат трајно од Македонија, е онаа дека за таквиот потег е потребна храброст, познавање на западните вредности и кодекси на однесување, навиката да се почитува хиерархијата во работењето и преголемите очекувања кои некогаш може да бидат деструктивни и да ги обесхрабрат младите. Големите очекувања може да бидат погрешниот пат за да се стигне до посакуваното, бидејќи тоа влијае на тоа како работникот ќе се покаже на работното место.

Матеа Миланоска е студентка на Економскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј” во Скопје. Таа е една од петте илјади студенти од Македонија кои решија ова лето да го поминат работејќи во Америка, а во нејзините мотиви за овој потег може да се препознаат и да се сумираат, воопшто, најчестите причини заради кои студентите од Македонија одат да работат надвор.

– Поентата е да прошетам, да видам различни простори, стилови на живеење, но дефинитивно улога игра и финансискиот момент, бидејќи „на глава” секогаш стојат парите кои сме ги позајмиле од дома, или, пак, како некои од моите колеги кои ќе дојдат со мене, со пари подигнати од кредит. Целокупните трошоци изнесуваат околу две илјади долари, кои, се разбира, дека ми е важно да ги вратам, а сѐ останато го препуштам на околностите, односно, зависи од тоа дали ќе успеам да пронајдам втора работа – објаснува Миланоска.

Нејзината желба ја делат уште многу млади луѓе, кои, притиснати од тековната политичка, економска и социјална преса, живеат со надеж за подобро утре и за поголема вклученост на студентите во општествените процеси. За таа цел, неопходно е да се биде финансиски независен, а капацитетите и енергијата за работење и за творење на млади години неспоредливо се коси со стегите и со „подреденоста” што се обидува да ги наметне општеството.

Освен тоа, доколку нема каде да се работи, а непотизмот пламнува од година во година сѐ повеќе, тогаш сосема логичен е чекорот што таа го направила со сопствените напори. И, додека партиските книшки се множат, една плата во домот се дели, оставајќи добар дел студенти да бараат поинвентивни и поевтини варијанти за заминување од Македонија во подобра иднина.

Власта смело ги поттикнува младите да се осмелат, но не дава перспектива како тоа да го сторат, ако не сакаат да се подјармат под стапот на партиската послушност!

Д-р Татјана СТОЈАНОВСКА
КОГА
ПАРТИСКАТА КНИШКА Е КАРТА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ!

Д-р Татјана Стојановска од Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје ги објаснува социјалните аспекти на феноменот на одлевање млади мозоци од Македонија, кои чаре за тешката економска состојба бараат надвор.

– Во Македонија од самото осамостојување се случува миграција, а последниве години особено е актуелен одливот на млад кадар, млада интелигенција, која е дефинитивно потенцијал на државата. Жално е кога ќе ги видите бројките на одлив, кои и не се секогаш реални, бидејќи под превезот на размената на студенти и привременото вработување, многумина заминуваат, и, за жал, остануваат таму.

Прво, државата не води сметка за таа проблематика, бидејќи тоа е еклатантен пример на бела чума. Младите заминуваат и населението старее, нема доволен природен прираст и сето тоа во продолжен рок ќе донесе проблеми за државата.

Штетата е повеќеслојна: се одлива млад кадар кој е иднина на државата, младата интелигенција своето знаење нема да го оплоди во својата матична држава, напротив, своите способности ќе ги покаже во некоја друга држава, која ќе има бенефит од тој кадар.

Значаен потенцијал се одлива и тоа оној кој е најработоспособен, интелектуално и образовно надарен, перспективен и во смисла на идно родителство, зашто тие што заминуваат ќе создадат семејства во друга држава.

Причините заради кои младите се иселуваат може да се побараат во лошата економска состојба, енормно високиот степен на невработеност и сиромаштија, која директно влијае на мотивот на младиот човек да замине да бара егзистенција и подобро утре!

Поврзани новости