“Дневник”: Дуња е една фина госпожа, како не сме се знаеле порано

by lali

Високиот претставник за медиуми на ОБСЕ Дуња Мијатовиќ денеска ја посети редакцијата на дневниот весник “Дневник” и одблизу се запозна со работата на една независна, слободарска редакција. По кафето што го испи со главниот уредник, таа ги разгледа владините реклами во утрешниот број, а потоа лично присуствуваше и на кроењето на списоци за бркање на неподобни новинари во телевизијата “Алфа”. Презадоволна од остварените средби, таа ја повика власта да им помогне на медиумите кои не лапаат грантови од Сорос и мора сами да се соочуваат со своите мали тиражи.

– Добро е што Владата финансиски ги помага медиумите. Барајте уште повеќе владини реклами. Јас сум тука да ве поддржам, но не можам да се изборам за вас. Сами мора со својата послушност да си се изборите. А премиерот е еден благодарен господин кој ќе знае да ја цени вашата послушност – порача Мијатовиќ.

Таа се пожали дека нема мандат да се погрижи бркањето новинари да продолжи и да биде уште поправедно од досега.

– Мерката домашен притвор е одлична. Штета што само еден новинар засега ја ужива привилегијата да е дома. Другите за жал мора да одат на работа. Но, премиерот ми вети дека нема тука да се застане и има надеж дека ако законите продолжат да стануваат се подобри и подобри, новинарството во Македонија ќе стане ветена професија.

Мијатовиќ од гостопримливите домаќини доби и подарок – врамена насловна страница од весникот “Дневник” (фото) на која се презентирани нејзините досегашни заслуги за подобрувањето на медиумските слободи на Балканот, во Европа и во светот.

Поврзани новости