Зошто битките со перењето на пари редовно ни завршуваат со пораз?

by Фокус 14:20
14:20

Текстот е објавен на трети декември 2010-та во неделникот „Фокус“ број 805

Пишувал
Ване ЦВЕТАНОВ

- Advertisements -

Министерството за внатрешни работи, финансовата полиција, на чело со одделот за борба против организиран криминал во обвинителството, се главните играчи во борбата против перењето пари. Управата за спречување на перење пари ја има неблагодарната улога на ловџиско куче кое го дотерува пленот до цевката на ловецот, односно истражните органи. Колку и да е инвестирано во другите елементи од системот, колку и да вложуваат труд банките, агенциите за недвижности, осигурителните компании, нотарите, трудот останува бесполезен ако истражните органи на крајот самоволно одлучуваат кому да му простат, кому да му земат рекет, а кого да го затворат.

Уште полошо е што дури и  таму каде што истражните органи ќе решат да работат според законот, и таму се крајно неспособни, да не речам  килави.

СЕКОЈ СЕ ПЛАШИ ДА НЕ „ИЗГОРИ“!

Причината за неспособноста ја наоѓам во големиот страв кај полицајците кои се плашат да не згрешат некому и не постапуваат ни милиметар повеќе во работата без прецизна наредба. Ако полицаец или инспектор, кој е на терен, може да добие информации од прва рака и да направи спој помеѓу цела криминална група, се плаши тие информации да ги сподели со својот шеф, што е погубно. Шефот, пак, и да сака некогаш да организира сериозна акција, не може да смета на искрен и отворен пристап од оперативците, бидејќи тие се плашат да не „изгорат”!

Има многу примери во кои, наместо награда за успешно завршен предмет со организиран криминал, или за откриена криминална организација, оперативци биле деградирани, уназадувани со по три четири места во хиерархијата, прераспоредувани по полициски станици, а често и бркани од работа. Една од најнеблагодарните работи во оваа земја е да се работи како инспектор за организиран криминал и да се остане чесен.

Секој инспектор има два пата. Првиот е да остане чесен, да го работи само она што ќе му биде наредено и со крајно внимание да прашува кај шефовите дали смее да отвори нов предмет за некои оперативни сознанија добиени од терен. Вториот пат е да се врзе со криминалните структури во државата, кои ќе му обезбедат унапредувања и блискост со одредени шефови, кои директно се вклучени во истиот „бизнис”. Во тој случај инспекторот престанува да биде инспектор туку станува вазал на криминалните структури и влегува во одлични релации со определени високи структури во полицијата.

Покрај заштитата и привилегираните позиции, има можности да се стекне и со сериозна имотна корист. Имајќи ја предвид состојбата во полицијата, која ја знаат и чесните и нечесните, судбината на извештаите за сомненија за перење пари е однапред определена. Во согласност со јавните податоци објавени во годишните извештаи на Управата за спречување на перењето пари, таа има доставено купишта извештаи до МВР, до финансиската полиција и се разбира до јавното обвинителство. Но, во нашиов случај целта е да се девалвира сработеното. Се гради слика дека целиот труд од субјектите и од управата не вреди ништо и е чист блеф или шпекулација. Владата се обидува да изгради слика пред јавноста дека е чиста, дека не постои организиран криминал и дека Ване Цветанов лажел!

Накратко ќе презентирам неколку примери од предметите, каде секако ќе ги избегнам податоците за лицата, но преку типологиите на самите трансакции јавноста нека процени дали вреди вклучување на институциите на прогон или е оправдано криењето и забошотувањето на овие предмети со години?

НЕВРАБОТЕН ЧОВЕК ИЗНЕСУВА МИЛИОНИ ВО СТРАНСТВО!?

Прв случај: Станува збор за целосно собрани и анализирани податоци за едно лице од град од централна Македонија. Тоа не е евидентирано како вработено во Агенцијата за вработување, нема поднесено годишни даночни пријави до Управата за јавни приходи, значи нема пријавено никакви дополнителни приходи од било каква активност.

Исто така, од проверките во базата на централниот регистер беше констатирано дека лицето не е сопственик ниту управител во ниту едно правно лице. Од податоците од централниот депозитар за хартии од вредност беше утврдено дека не е сопственик на ниту една акција во ниту една компанија.

Од катастарските податоци се виде дека е сопственик на мала,  потпросечна куќа… Значи да резимираме, се работи за крајно сиромашен невработен граѓанин… Е, истиот тој граѓанин за околу две и пол години има изнесено повеќе од дваесет и пет милиони долари во кеш од границите на Македонија! Парите ги носел во банка во една соседна држава. Од таа банка ги трансферира во неколку земји од друг континент, од каде веројатно се внесуваат одредени нелегални стоки во нашата земја. Според нашите сознанија дотичниот работеше како курир, кој само ги пренесува парите за организирана група од Македонија.

Изнесувањето на парите преку граница и не е толку сложено. Многу посложено е внесувањето на стоката. За да може само од една група да се внесе нелегална стока во вредност од дваесет и пет милиони долари, неопходно е да бидат вклучени голем број високи државни функционери и службеници од повеќе институции.

Извештајот за овој предмет беше доставен до МВР пред околу две години. Секогаш кога ќе се заинтересирав за предметот ми одговараа дека на него се работи, дека се прави обид да се открие целата група, но за жал до ден денес, и по две години, нема ништо од тоа. Целото МВР, со сите технички ресурси, за кои троши милиони евра годишно, со целата армија кадровски ресурси не успеа да открие елементарни податоци!

Ви се верува ли? За две години јас лично сам дознав повеќе податоци, и за тоа каква стока и преку кои гранични премини се внесува, кои шпедиции се вмешани, а особено кој има корист од целата таа криминална организација.

ВРТАТ МИЛИОНИ ЕВРА, ЗА ДАНОК ПЛАЌААТ ТРОШКИ!

Втор случај: Македонска компанија која се занимава со извоз и со увоз со години прикажува минимални добивки, а по основ на поврат на ДДВ ја оштетува државата во континуитет. Истата фирма секоја година извезува и увезува стоки во просек во вредност поголема од дваесет милиони евра. Фирмата остварува по десетина милиони евра за извезени стоки и по десетина милиони евра годишен обрт за увезени стоки. Истата фирма има регистрирано неколку фирми ќерки. Преку работењето на оваа фирма и нејзините фирми ќерки за потребите на домашниот пазар, дневниот промет на годишно ниво достигнува преку милијарда денари. И покрај тоа, за илустрација, за 2006 година прикажаната добивка е само 50.000 евра! Ова значи дека фирмава која врти десетици милиони евра платила данок околу десет илјади евра!

Но, ова не е најстрашното. Освен што не плаќа данок, фирмава се потрудила преку најразлични форми да ја олесни државата за неколку стотици илјади евра. Само во една трансакција во 2007 година оваа фирма успеала да си врати ДДВ од околу петстотини илјади евра!

Ако го пресметаме работењето на оваа фирма од 2002 година до денес, ќе констатираме дека за тие осум години оваа фирма го олесниладржавниот буџет за дваесетина милиони. Тие пари се реинвестирани, односно испрани во најразлични објекти, погони и останати капитални инвестиции!

Овој предмет беше доставен до Финансиската полиција. Според нивните согледувања и според мислењето на еден обвинител, во овој случај немало перење пари, но тие “ќе дале максимум” за да се докажат и санкционираат останатите кривични дела, а данокот ќе бил наплатен. До ден денешен не чув за каква било кривична пријава за сопственикот на фирмата, ниту за каква било наплата на поголем износ на данок. Доколку се случила, а не сум разбрал, иако требало да бидам известен, сепак се извинувам!

ИСПУМПАНИ СЕ ПРЕТПЛАТНИЦИТЕ И ДИВИДЕНДИТЕ НА ДРЖАВАТА!

Трет случај: За овој случај македонската јавност беше запознаена и веројатно читателот  многу лесно ќе го препознае. Се работи за афера во телекомуникацискиот бизнис, која за жал беше откриена во други земји. Сакам да напишам неколку реченици со цел да се разјаснат некои нејаснотии во врска со овој случај. Менаџментот на оваа компанија беше обвинет дека ја извлекувал дивидендата преку најразлични фирми ќерки и избегнувал да го прикаже реалниот профит. Од двата оператори, фиксниот и мобилниот, во текот на повеќе години, континуирано се одлевале десетици милиони евра.

Ако се земе предвид дека државата е малцински акционер, кој нормално треба да земе дел од дивидендата на овие две високопрофитабилни компании, станува јасен мотивот зошто фиктивно е намалуван реалниот профит.

Преку фирми-ќерки беа плаќани милионски суми за секакви консултански услуги, школарини на деца во скапи универзитети по светот и слично. Една од фирмите ќерки, која имаше само еден вработен, беше ставена во ликвидација иако располагаше со значителни  средства. Имаше основачки влог во акции, кои во тој период вредеа неколку стотини милиони евра, а на својата сметка имаше орочени повеќе од 15 милиони евра!

Освен извлекувањето на дивидендите, што претставува директна кражба на државата, како акционер во компанијата, постоеја и други посериозни сомненија. Имено, уште пред да избие аферата во Германија и да се обелодени дека со пари на компанијата биле подмитувани високи политичари, истите информации Управата веќе ги сподели со сите компетентни органи. Според нашите сомневања, се работеше за подмитувања на високи политичари, кои директно влијаеле на Агенцијата за електронски комуникации и врз Регулаторната комисија за да се задржи постоечкиот модел на пресметување на цената на импулсите. Во светот постојат современи формули за пресметка на цената на импулсите, каде се ставаат во предвид сите расходи, како и максимално дозволениот профит. Со новата пресметка, согласно нашите информации, цената на услугите требаше да се намали за повеќе од двојно! Ако се пресметаат украдените пари од народот преку нереалните цени на услугите и украдената дивиденда од државата со испумпувањето на профитите, ќе стане јасно дека за десетина години, граѓаните односно претплатниците си ја купиле компанијата назад!

Во една пригода на премиерот му ја образложив оваа состојба и побарав поддршка за иницијатива за финансиско вештачење од некоја независна, реномирана и лиценцирана меѓународна компанија. Премиерот ми одговори дека тоа е невозможно и дека тој муабет е за пред селаните од Чешиново-Облешево!

КОЛКУ ЧИНИ КРИМИНАЛНАТА ВЛАДА?

Накратко, ова е содржината на само три од 34 предмети, кои се уште немаат никаков епилог. Јавноста нека цени дали овој труд заслужувал внимание. Управата за спречување на перењето пари во многу предмети посочуваше на даночни затајувања и милионски оштетувања на Буџетот на државата, но едно се покажа како факт: онаму каде не постои политичка волја, односно каде потенцијално има амин од власта, таму активностите се занемаруваат, се забошотуваат,  онаму каде што ќе се осоколи државата и ќе реши да се пресмета со некого, не е никаков проблем да се впрегнат сите државни органи и да се докаже дури и она што го нема!

Со целосен легитимитет имам право да верувам дека некој од многу високо целосно ги заштитува овие криминални шеми, со цел дебело да се офајди. Ова се само уште неколку примери како се  цица крвта на македонската економија во името и за лични интереси на одредена група на моќници од власта!

Нашата земја е преплавена со организиран криминал за чиешто сузбивање и оваа влада не прави апсолутно ништо. Полицијата е најдобриот чувар и соработник на секоја криминална влада. Целата моќ е концентрирана во МВР, која има механизми да постапува според законот. Според проекциите направени од меѓународни организации, а и според моите пресметки и информации, кај нас во државата годишно се генерира нелегален профит од повеќе од петстотини милиони евра, преку сите видови сива економија, шверц со најразлични стоки, трговија со дрога, приходи односно провизии од тендери и најразлични нелегални зделки.

Од овие средства, чисти педесет проценти остануваат на власта, односно врвот на владата ќарува во просек 250 милиони евра годишно, односно една милијарда евра за еден мандат!

Ако го пресметаме ова во патишта, во приватни џебови за изминатите четири години се имаат слеано околу четиристотини  километри автопат. Со овие пари ќе имавме модерни автопатишта кои ќе ја поврзуваа државата надолж и попреку. Не можам да се изначудам на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Се молат, фаќаат врски да бидат примени од некој заменик-министер, државен секретар или директор, бидејки за нив научна фантастика е да бидат примени од министер.

Дали се свесни тие луѓе дека се срамат самите себе, излегувајќи на говорница и бранејќи ги интересите на оваа криминална влада? Навистина е очајно кога ќе видам некој млад пратеник како излегува на говорница и безрезервно ги брани политиките за кои нема никаква информација, освен добиената директива.

Дали размислуваат како ќе се правдаат за предавството на својот народ, бранејќи власт која проневерува стотици милиони евра годишно, а самите се продале за пратеничката плата и некое ситно тендерче, ако некој се смилува да им го фрли?

Поврзани новости