ДКСК бара разрешување на директорот на Музичкото училиште во Битола бидејќи си ја вработил сопругата

by fokus

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) по една година и четири месеци од поднесената претставка констатираше дека Василчо Пецаковски во својство на Директор на државното музичко училиште-Битола постапил сопротивно на Законот за спречување на корупцијата и Законот за спречување на судир на интереси со чинот на вработување на својата сопруга Стела Пецаковска на работното место-наставник по пијано.

Оваа одлука денеска ја објави адвокатот кој ја поднесе ургенцијата до Државната комисија за спречување на корупција, Ѓоко Гажоски, кој за „Фокус“ вели дека оваа одлука има поширок контекст од самата конкретна ситуација.

-На овој начин се практикувала власта, како на локално, така и на централно ниво, вели Гажовски.

Тој апелира до Училишниот одбор на ДМУ-Битола да постапи по иницијативата од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата за поведување на постапка за разрешување на Пецаковски од функцијата директор во најбрз можен рок, поради незаконско и несовесно работење.

-Би сакал јавно да апелирам и до Министерството за образование, односно до министерката Десковска во што е можно побрз рок направи евалуација на состојбите во образованието и изврши промени како во наставниот концепт,програма така и во кадровската поставеност и екипираност за во иднина не се случуваат вакви еклатанти примери за непотизам каде што директор си ја вработува својата сопруга спротивно на сите позитивни законски норми и сетоа тоа поминува без соодветна контрола и санкција од надлежниот инспекторат (во случајот Државниот просветен инспекторат) и другите надлежни соодветни државни органи, вели адвокатот Гажоски.

Тој ги повика сите кои имале исти или слични ситуации да излезат во јавност и да ги поведат соодветните постапки за да се открие, како што вели, грдото лице на претходниот режим на ДПМНЕ во целост и да сфати јавноста, ако досега не сфатила, кој владеел во Македонија во изминатиот период и со какви методи се служел.

Поврзани новости