Директорот на Градска болница: Прв пациент заразен од Ковид 19 тргнат од респиратор, почнува да дише сам

by Fokus

Триесет и седум годишен пациент заразен од Ковид 19 е првиот пациент кој е тргнат од респираторна машина во Градската болница „8 септември“, потврди за „Фокус“ директорот Кристијан Костов.

„Станува збор за млад пациент кој пред саат ипол, два е тргнат од респиратор. Тој беше во лоша состојба, со пневмонија и три недели беше на апарати за дишење. Сега полека почнува да дише сам, но сепак ја следиме неговата состојба. Ако му падне сатурацијата (присуството на кислород во крвта) може повторно да го ставиме на респираторна машина. Добро е што дојдовме до таков стадиум да го тргнеме. Морам да нагласам дека никогаш не се знае како ќе се одвиваат понатаму работите. Во моментот е добар, но може да се смени ситуацијата за кратко време и затоа сме тука да го следиме цело време – истакна доктор Костов во изјава за „Фокус“.

Тој потврди дека на пациентот, исто така му давале и озон и дека досега има вкупно десет пациенти кои добиле озон.

Според досегашните статистики, сите пациенти кои досега беа ставени на респиратор починаа.

Во денешниот извештај на министерството за здравство има една почината пациентка од корона вирусот, 8 новозаразени и 21 излекуван пациент.

И.М.

 

 

 

 

Поврзани новости