ДИК одново ги проверува податоците од сите записници, попладне ќе има резултати

by Fokus

Државната изборна комисија (ДИК) се очекува во попладневните часови да одржи седница на која треба да бидат соопштени конечните неофицијални резултати од изборите. Во Комисијата сега се прави контрола на податоците што синоќа ги испратиле општинските изборни комисии, што е стандардна и вообичаена постапка по секои избори.

„Пристигнати се сите податоци и материјали од ОИК. Сега се прави стандардната процедура односно контрола на податоците внесени во софтверот на ДИК со податоците од записниците број 16 и број 21, што ги содржат бројките од гласањето во избирачките места. Откако ќе заврши контролата, ДИК во попладневните часови ќе има седница кога ќе бидат соопштени конечните неофицијални резултати од изборите“, вели портпаролот на ДИК, Адмир Шабани.

По соопштување на овие податоци почнуваат да течат роковите за приговори од политичките партии.

ДИК, иако најавуваше дека резултатите од гласањето ќе бидат соопштени многу бргу, не можеше да го направи тоа бидејќи имаше проблем со веб-страната за објавување. Веб-страната на ДИК и сега не функционира, а тоа според Шабани е поради тоа што на сајтот на Комисијата се работи и се проверува моментот на напад.

„Се детектира проблемот затоа што се претпоставува дека е напад од надвор“, изјави портпаролот на ДИК.

Претседателот на ДИК Оливер Деркоски претходно изјави дека нападот е пријавен во Министерството за внатрешни работи лично до министерот и оти очекуваат припадници на полицијата да дојдат во Комисијата. Како што кажа Деркоски, станува збор за хакерски напад од надвор и оти случајот ќе се испитува.

Поврзани новости