Џонсон: Украина заслужува да биде домаќин на Евровизија

by fokus

Украина може и треба да биде домаќин на Изборот за песна на Евровизија во 2023 година, изјави денеска британскиот премиер Борис Џонсон, откако организаторите најавија дека се во преговори настанот наместо во Украина да се одржи во Британија, поради војната.

Иако повеќедецениската традиција налага победникот на натпреварот да биде домаќин наредната година, организаторите рекоа дека безбедносните гаранции потребни за одржување на натпреварот во Украина значат дека ќе се разговара со второпласираната, Британија.

„Секако дека би сакал да биде во оваа земја, но факт е дека тие победија и заслужуваат да го имаат и верувам дека можат да го имаат и верувам дека треба да го имаат“, рече Џонсон пред новинарите по пристигнувањето во Британија по неговата ненајавена посета на Киев.

„Верувам дека Киев или кој било друг безбеден украински град ќе биде фантастично место за него“, додаде тој потсетувајќи дека има уште цела година до настанот.

Коментарите на организаторот Европската радиодифузна унија во петокот дека е во разговори со британскиот радиодифузер Би-Би-Си да биде домаќин на следниот настан, беа дочекани со разочарување во Киев, кој побара дополнителни преговори.

Украинскиот бенд „Калуш оркестар“ победи на изборот за песна на Евровизија кој се одржа на средината на мај.

Шестчлениот бенд, кој ги меша традиционалните народни мелодии и современиот хип хоп во намерната одбрана на украинската култура, беше омилен меѓу 25 бендови и изведувачи кои се натпреваруваа во големото финале.

Поврзани новости