Штитениците во Воспитно-поправниот дом (ВП Дом) „Тетово“, што привремено се сместени во затворот во Охрид, пијат седативи 24 часа на ден, алармира заменикот на Народниот правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа. Според извештајот иако најголемиот дел од 16 -те штитеници се деца, им се дава доза од пет до 20 милиграми од овие антидепресиви.
„Од увид во медицинските досиеја при посетата во јули, констатирано е дека сите деца од ВПД „Тетово“ примаат јака седативна терапија препишана од матичен лекар од Здравствен Дом Охрид или од специјалист доктор невропсихијатар, психијатар. Терапијата се состои во повеќекратни дози во текот на денот, (а особено во вечерните часови), при што им се препишани следниве лекарства за смирување: Дијазепам, Хелекс, Мендилекс, Депакине, Рисперидон и други, од 5 до 20 милиграми дневно, што со оглед на возраста на децата е многу силна доза“, стои во посебниот Извештај на Народниот правобранител по спроведената посета на Домот.
Психијатарот за деца и адолесценти, пак, кој дошол заедно со тимот на Народниот правобранител во посета на ВП Дом „Тетово“, од разговор со децата кои биле посконцентрирани, открил дека во психијатрискиот преглед најчесто не се одвивал во доверлива атмосфера, односно насамо со психијатарот.
При прегледот секогаш било присутно е лице од обезбедувањето, па место детето да одговара на прашањата од психијатарот, надзорникот ги давал одговорите.
Народниот правобранител констатира дека нема мултидисциплинарен пристап во третманот кон децата. Единствен стручен кадар кој е инволвиран во давањето стручна поддршка и третман кон децата се двајца психолози кои според систематизација се водат како воспитувачи.
Покрај ова, се констатира во Извештајот, не се вклучени специјални едукатори, иако имало и такви штитеници кои немаат официјална утврдена дијагноза, а покажале лесна интелектуална, но и комбинирана попреченост со психијатриски нарушувања.
За сите овие затекнати состојби од Народниот правобранител директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ вели дека веднаш е постапено по неговите препораки и оти деновиве и на писмено ќе го извести.
„Проблемите се влечат со години, децата ќе добијат соремен дом во Волковија, општина Брвеница што е можно поскоро и ресоцијализацијата ќе се одвива на соодветен начин. Здравствената заштита во казнено-поправните установи по закон е под Министерството за здравство, во случајов за здравјето на децата се грижат лекари од ЈЗУ во Охрид. Според моите сознанија лекарот при прегледите барал обезбедување, а не дека управата го наметнала истото, вели Стојановиќ.