Пендаровски: Здружени акции на институциите, но и подадена рака од граѓаните за почист воздух

by fokus

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, денеска прими ученици од осум средни училишта од разни градови во Северна Македонија.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, на средбата со учениците, Пендаровски ја истакнал потребата секој од нас да посвети повеќе внимание во одржувањето на здравата животна средина, бидејќи правото на живеење во здрава животна средина е право на секој од нас. Претседателот истакнал дека токму овој период од годината е круцијален за одржувањето на животната средина, бидејќи аерозагадувањето е многу повисоко и веќе ја надминува границата на дозволената јаглеродна емисија.

 –Затоа очекувам здружени акции на релевантните институции, но и подадена рака од нашите граѓани кои освен што ќе преземат конкретни еколошки акции, ќе бидат и во улога на еколошка патрола или еколошки патроли и набљудувачи на загадувачите. Сите ние преку самокритичност и навремена и брза реакција треба да бидеме упорни во нашата заложба да имаме почиста и поздрава животна средина, истакнал претседателот Пендаровски на средбата со учениците.

„Не игнорирај, реагирај!“ е платформа која обединува експерти од различни области, граѓански активисти, екологисти, креатори на јавно мислење, невладини организации и граѓански иницијативи, медиуми и поединци со цел да се изложат проблемите со кои се соочуваме како заедница; да се насочат прашањата кон соодветните институции; и да се провоцираат решенија за подобра животна средина и квалитет на живее.

Кампањата, која во организација на Институтот за комуникациски студии започна во март, се фокусира на постоечките ризици и последици од климатските промени во државата. „Не игнорирај! Реагирај!“ се фокусира на три клучни теми: одржливи градови, почиста околина и климатски промени.

Поврзани новости