Дескоска го повлече учебникот „Граѓанско образование“ за 8-мо одделение поради дискриминација врз жените

by fokus

Министерството за образование донесе одлука за повлекување од употреба на учебникот „Граѓанско образование“ за 8-мо одделение, откако Народниот правобранител утврди дискриминација по основа на род, пол, здравствена состојба, попреченост и религија.

„Само почитуваните жени и здрави мајки може да обезбедат здрави семејства, од што зависи и понатамошниот развој на општеството,“ се вели во учебникот, на страна 34 и 35 каде што се учи за правата на жената.

„Во прилог на истата лекција има две фотографии, на едната фотографија е прикажана жена со престилка која истовремено готви и стои пред компјутер, а на другата фотографија жената седи со прекрстени нозе и списание во рака, додека пред неа маж чисти со правосмукалка. Под фотографиите стои прашање: „Која од овие жени се изборила за своите права?” Ваквите фотографии воопшто не се соодветни за темата која се разработува во лекцијата, ниту пак може да даде одговор на прашањето „Која од овие жени се изборила за своите права” бидејќи ниту една од сликите не покажува дека некоја од жените на фотографиите не се избориле за своите права“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ.

Претставката е поднесена од Мрежата за заштита од дискриминација во врска со дискриминаторски содржини.

„Во понатамошниот дел од истата лекција авторите прават осврт на улогата на жената во времето кога Адам и Ева живееле во рајот, со што се фаворизира христијанската религија, наспроти сите останати религии кои постојат во Република Македонија, со што се врши дискриминација врз основа на религија и верско уверување кон жените и учениците кои припаѓаат на други религии или не се религиозни. Обидувајќи да ги објаснат женските права низ призмата на религијата, авторите велат дека „се смета дека жената го сторила првиот грев во рајот. Го вкусила забранетото овошје, го довела Адам во искушение и оттогаш страда. Во првата книга „Постанок” на Мојсеј, Бог и вели на жената „Ќе ти ги зголемам маките кога си бремена, со болки ќе раѓаш деца, ќе бидеш под власта на мажот свој и тој ќе ти биде господар”, се вели во соопштението.

Според Хелсиншкиот комитет, ваквиот обид за објаснување на женските права низ призма на една религија, со цитат во кој се наложува покорност на жената кон мажот, покрај тоа што претставува дискриминација врз основа на религија и верско убедување, поттикнува и промовира дискриминација кон жените и родови предрасуди.

„Дополнително, ова претставува прекршување на принципот на секулаларност во образованието, бидејќи религиски текстови се претставуваат како легитимни извори на информации за женски права“, додаваат од Хелсиншки.

Од истите причини, во јули Министерството донесе одлука за повлекување на учебникот по Општество за 4 одделение.

Поврзани новости