Десетте мантри на груевизмот

by lali 20:10
20:10

arhivaТекстот е објавен во 965. број од неделникот „Фокус“ на 4.април 2014 година 

Технологијата на популистичкото и авторитарно владеење на Никола Груевски е раскажана многупати, но поради тоа што власта до болка ги користи мантрите на своето рециклирање и во текот на оваа изборна кампања, добро е уште еднаш да се раздипли тој дпмневски инструментариум на народната мисла.

Зборот мантра преведен од хинду во буквална смисла значи „инструмент на мислата“, па иако во науката нема единствен став за неговата дефиниција – повеќе се употребува религиски, факт е дека тој има широка политичка примена.

- Advertising -

Најчесто се користи за анализа на идеолошките сидра на еден режим, разбрани марксистички како лажна, искривена свест, како митови со кои една политичка „каста“ ја купува лојалноста на својот народ. Мантрата се потпира на религиски догми кои не смеат да се оспорат, а политичките митови на Груевски имаат токму таква догматска димензија.

1.НАРОДНА ПОДДРШКА

Иако можеби не е најважна за манипулација со масите, мантрата за народна поддршка на режимот на Груевски е клучна за обесхрабрување секаков политички отпор. Седумте изборни победи ДПМНЕ ги користи за да ја делегитимира, да ја криминализира, море да ја погребе потребата од каква било народна поддршка за опозицијата. Штом народот така гласа по своја волја неколкупати со ред, не можеш против народот, настрана што ОБСЕ одамна не ја употребува синтагмата „фер и демократски избори“ кога станува збор за Македонија.

Тоа што ДПМНЕ и ДУИ владеат со помалку од 30 отсто од гласовите на народот, не е дел од мантрата, се разбира. Голем дел од народот, исто толку големо мнозинство Албанци и Македонци не гласаат за Груевски и Ахмети, уште речиси 40 отсто не гласаат воопшто, но тие немаат легитимитет на народ. Значи, ако гласаш за опозицијата, ти си против народот. Ако, пак, се свртиш против народот, тогаш не си народ, ти си непријател на народот, или во најдобар случај можеш да бидеш втора класа народ, ако зборот „народ“ воопшто го заслужуваш.

А народот е рамен на бог. СДСМ сака да се врати на власт без народ! ВМРО-ДПМНЕ е народна власт, СДСМ е ненародна опозиција. Оттаму, секој политички отпор е ненароден. Народна е само поддршката на ВМРО-ДПМНЕ и политичката битка против СДСМ. Затоа и сателитските опозициски партии што се борат против СДСМ се народни.

2. АНТИЧКИ ПАТРИОТИЗАМ

„Државата пред сѐ“ е слоганот на претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов. Паролата сугерира оти државата е загрозена, небаре под воена закана и треба да се брани, а кој друг ќе ја брани?

Одбраната на државата се потпира на мантрата на патриотизмот, за кој Груевски фрли сидро во античкото минато. Ако сакаш да се наречеш патриот, не е доволно да кажеш дека си за унитарна, стабилна и просперитетна Македонија, членка на ЕУ и НАТО. Не е доволно да кажеш дека си Македонец, дека говориш македонски јазик, дека си ја сакаш државата Македонија. Не си патриот ако не го славиш античкото минато и античкиот македонски идентитет.

Мора да ги опеваш и Александар и Филип, и Аминта и Птолемеј, како твои горди претци и да ги пцуеш Грците што ни ги крадат, за да се квалификуваш како заштитник на името и идентитетот. Во спротивно си предавник или грчки платеник. Ете, тоа е разликата меѓу Груевски, Иванов и Заев и Пендаровски.

Навистина, Ѓорге и Никола се спремни да направат „разумен компромис“ со Грција и како што информира Нимиц, прифатиле географска одредница пред уставното име Република Македонија, но тие никогаш нема да се откажат од мисијата на светот да му ја плеснат в лице вистината оти македонскиот идентитет е антички, а не грчкиот!

Заев и Пендаровски, пак, ги штитат „само“ македонскиот идентитет, македонскиот јазик, македонската државност и македонското име. А Филипа? Него ќе им го остават на Грците!? Ќе оди ли Пендаровски во Москва, Вашингтон, Берлин, Париз, како Ѓорге и на тамошните академици да им ја „открива“ античката вистина за Македонија!?

Сѐ додека не го оправда споменичниот букефализам вклучително и десетиците милиони евра испрани во таа „патриотска“ операција, никој не може да се нарече патриот. Патриотизам, во интерпретацијата на Груевски, е да ја штитиш државата од опозицијата и од предавниците што гласаат за неа.

3

3. ВТОРО ПОЛУВРЕМЕ

Античкиот патриотизам го засилува мантрата за наводен мултиетнички модел на демократија, повторно античка, за кој во кампањата зборува Иванов. Тој модел е запишан во Уставот, а го изразува коалицијата „За Македонија заедно“, во која има партии на Србите, Ромите, Бошњаците, Власите и Турците, како и владината коалиција со ДУИ.

Настрана уставните права што ги уживаат етничките заедници во Македонија, коруптивната нишка што ја одржува во живот оваа коалиција доминира. Коалициските етнички партии се лукративни акционерски друштва и ако не сте долгогодишен активист на некое од нив, вашето право, да речеме на работа, нема шанса да се оствари.

Но, подраматично е што владејачката партија мами при спроведувањето на таквиот модел. Ги пали малите етнички заедници за да ѝ се напие крв на големата – албанската. Зад тој модел всушност се затскрива есхатолошкиот мит за второ полувреме од 2001-та, кое наводно оваа власт ќе им го донесе на Македонците. По мирен пат или со малку сила, кога за тоа ќе дојде време.

Само Груевски да ја зајакне државата и мултиетничкиот модел на демократија ќе процути, се разбира со доминација на етно-македонскиот антички етнос. Таа мантра пали народ. Што дека може да ја подели државата.

4. ВО ЕВРОПА, АМА БЕЗ УСЛОВИ

Последниот слоган во кампањата на Иванов, да ја донесеме „Европа во Македонија“ некому може да му прозвучи европски! Но, само ако не суди со мисловниот механизам на власта. Инаку – да, сакаме европски правила на игра, европски стандард на живот, европска демократија, европски човекови права, европска слобода на медиумите…

Но, не, не е тоа европскиот сон на оваа власт, во тоа се уверивме стопати. Брисел му е добар на Груевски за да се пофали во кампањата дека ЕУ не може да замижи пред успесите на неговата власт во реформите, па затоа на Македонија ѝ дава пет препораки за почнување преговори за членство!

Но, Европа не чини, таа игра грчко сиртаки, сака да ја обезличи Македонија, море блудничи врз нас и затоа треба постојано да се шиба, штом Филе, Баросо или некој друг ќе нѐ опоменат заради отсуство на демократија, независно судство, слобода на изразувањето. Е тогаш, Европа е гнила, само што не се распаднала, ма нека оди по ѓаволите…

И што бара тогаш Македонија во Европа, кога Брисел, како и Берлин и Париз, се виновни за нашата европска голгота? Ќе си ја донесеме ние Европа во Македонија и тоа, ако може само европските пари, зашто сѐ друго европско, нам ни е туѓо.

5. ГРАДИТЕЛИ ТАЛИБАНЦИ

Од историјата е познато дека големите воени освојувачи, цареви и кралеви, како Наполеон, на пример, или римските владетели со градителството оставале белег за да ги слават идните генерации. Но, по средновековните царства и војните од 20 век, градењето дворци и кули, замоци, тврдини и палати, се смета за демонстрација на авторитаризам.

Современите нации, демократскиот и цивилизиран свет кон кој се стремиме, градителството го прилагодуваат на потребите на граѓаните. Дури и заостанатите земји каква што била Македонија како дел од поранешна Југославија по Втората светска војна, граделе за да ја обноват и да ја изградат земјата за народот. Комунистите го кренале лозунгот „индустријализација + електрификација = социјализам“, а во социјалистичка Македонија тие ги изградиле главните инфраструктурни објекти, патишта, мрежи, државни институции.

Но, власта на ВМРО-ДПМНЕ се фали и во текот на оваа кампања дека за разлика од своите претходници – таа гради! А какви се градителските амбиции на Груевски? Бездруго авторитарни, наполеоновски. Неговото градителство кое наводно треба да го крене духот на нацијата и да им служи на граѓаните, има главна цел да го слави владетелот и да го наполни со пари чекмеџето на градителите.

Кревањето триумфални арки, паметници и антички колонади е ретро-политичко и коруптивно. Но, тоа е помалата несреќа од градителството на Груевски. Градителство кое не води сметка за граѓаните, како што се повеќето паметници и градби од проектот „Скопје 2014“ е арогантна и груба демонстрација на сила.

Градителство кое узурпира паркови и урбан простор за живот во центарот на метрополата, е рамно на рушителство. Градител, кој гради против волјата на граѓаните, со полициска асистенција, не е ништо поцивилизиран од Талибанец кој урива религиски споменик од минатото.

Дури во осмата година од своето владеење Груевски реши да гради за граѓаните – автопати, но и тоа градителство, како и другите, впрочем, не е помалку спорно зашто веќе има сомнеж за корупција.

1

6. ПРОСВЕТИТЕЛИ И АНАЛФАБЕТИ

Просветителството е најшупливата мантра на ВМРО-ДПМНЕ, што ја најави уште со програмата „Преродба во 100 чекори“. Небаре Григор Прличев, Груевски запнал да го просветува македонскиот народ зашто и себеси се смета за велеучен. Та, нели магистратурата го затекна на функцијата премиер!

Така, реши да основа факултети во „секое село“, да дава компјутери на секое дете, да печати стотици странски универзитетски учебници на македонски јазик, на професори од „Харвард“, „Јејл“, „Ломоносов“…

Но, од компјутерите најмногу аир видоа набавувачите, а учебниците со кои власта има намера да ги просветли студентите, сведочат за сиромаштијата на духот на преродбениците. Многу од нив се речиси неупотребливи поради лошите преводи и недостапни за обичните граѓани. А барем да имаше кој да ги прочита книгите што дрочат со децении во библиотеките! Но, важно ли е тоа?

За просветителите се важни бројките. Наспроти митолошкото просветителство, на ТВ екраните гледаме како дефилираат полуписмени партиски апаратчици со магистерски дипломи. На новите државни универзитети, дипломци, магистри и доктори на науки се ројат како пчели. Факултетските катедри и институти се претворени во дуќанчиња за штанцање дипломи и пари. Не е далеку денот кога некои македонски универзитети од светски институции ќе бидат прогласени за „diploma mill“.

Учебниците се бесплатни, а од нивното печатење заработуваат партиски другари и пропагандисти. Средното образование е обврзно, дури и за оние кои одвај завршуваат четврто одделение. Никој не оди на занает, сите вабат место во државната администрација – регрути на гласачката машинерија.

Високото образование е беспари, а на приватните универзитети, како што навести лидерот на ДПМНЕ, очигледно лошо им се пишува до крајот на „преродбата“.

7. СОЦИЈАЛЕН МИР, ПОТКУП НА ГЛАСАЧИ

Груевски не излегува на ТВ, во својот медиумски вилает, се разбира, а да не проговори за економскиот раст, за зголемувањето на платите и пензиите и особено за кастрењето на бројот на невработените. Демек, од 38 на 28 отсто за последните осум години. Бројките ги мери секои три дена и секогаш заокружува на поголемиот децимал кога е во прашање времето на СДСМ, а на помалиот во негово време.

Во Агенцијата за вработување веќе имаат уплав. Мора да испраќаат СМС-порака за секој избришан невработен. А бројките говорат дека голем дел од потенцијалните невработени на списокот изминатата деценија ја напуштиле државата и се иселиле во странство – според Светска банка над 400.000 граѓани. Оттаму успехот кој си го припишува власта е „дупло голо“. Со ваква политика наскоро ќе нема невработени, ама ќе нема ни млади граѓани во државава.

За волја на вистината, економската криза во Европа ги урниса шансите за раст и на македонската економија, но надмените фалби оти во споредба со развиените европски земји, Македонија била на прво, второ, трето… место според растот, не се никаква утеха.

Факт е дека власта го насочи своето економско и социјално внимание на неколку категории гласачи. На пензионерите им ги зголемува пензиите, на државната администрација платите – но, главно номинално. Зголемувањето на цените и трошоците на животот ги јаде тие пари, стандардот на граѓаните е полош, се зголемува јазот меѓу богатите и сиромашните, а се намалуваат и вкупните средства од буџетот за социјална помош.

Земјоделците, навистина, добиваат високи субвенции, но земјоделското производство расте далеку поскромно од стотиците милиони евра што се трошат од буџетот. Во суштина, власта не бара отчет за субвенциите, оставајќи земјоделците да ги арчат парите како што милуваат. Наплаќа гласови, а не род.

Ја плаќа штедро и пиар-булументата, која лажно се претставува како новинарство, ги плаќа глумците – синхронизирано, ги корумпира културните работници, замолчените професори, лојалните интелектуалци. Купува гласови, а не социјален мир.

8. СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ – „АИРЛИЈА“ ФЕУДАЛИЗАМ

До лани, скорот странски инвестиции по толку изодени километри на роуд-шоуата беше многу скромен. Сепак, слободните економски зони не може а да не прикажат какви-такви резултати, па сега малку живнаа. Некои од тие фирми веќе се меѓу првите извозници од Македонија.

Странските инвеститори се ослободени од давачките кон државата – буџетот нема голем аир од нив, но главната придобивка е да отвораат нови работни места, да вработуваат што повеќе наши граѓани. Власта се фали со десетина и повеќе илјади работни места во слободните економски зони, но мрачната страна на приказната е што платите на работниците во овие зони се мизерни, експлоатацијата на трудот е на највисоко можно ниво, а работниците не смеат ниту да писнат.

Неодамна разбравме дека и во Кина најниската плата станала повисока од македонската, а премиерот на роуд-шоуата сѐ уште вели – дојдете и инвестирајте во Македонија, имаме евтина работна сила! Македонија се претвора во латифундија на белосветските производители на автогалантерија, а работниците во слободните зони во закрепостени селани.

Навистина, светот, а особено Европа го зафати тешка економска криза, но ако се има предвид стандардот на граѓаните, резултатот кај нас е поразителен. Имаме најниска просечна плата во Европа и шампиони сме во сиромаштија. Што мислите, како реагираат студентите кога ќе видат слоган „Аирлија минимална плата 8.800 денари“! Вадат бугарски пасош и фаќаат џаде!

За жал, оваа диктатура не раѓа ни економски плодови како другите во Европа. Братот по „демократија“ Орбан, на пример, економски е далеку напред, за братот Ердоган и да не зборуваме. А лесно му е и на Лукашенко, кога си го има Путин.

2

9. БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА ИЛИ УЦЕНА НА ОЛИГАРСИТЕ

Власта на ДПМНЕ веќе осум години ликува дека наводно жестоко и неселективно се бори против корупцијата и организираниот криминал. За таа цел во првата влада дури ги повика за консултанти и романската антикорупциска шампионка Моника Маковеј и италијанскиот обвинител Франческо Мандои. Но, што се случи?

Во текот на изминативе години видовме неколку големи акции против ситна криминална боранија, таксисти кои пренесувале имигранти преку граница, цариници кои земале по пет евра мито од патниците, наплатувачи на патарини кои краделе по 10 денари за свој џеб, а не за партискиот шеф и за „преродбата“.

Наспроти таа практика, партијата претходно „опинци искина“ да ја убеди јавноста дека има намера да расчисти со криминалот од минатото. Но, ВМРО-ДПМНЕ не само што не ја чепна т.н. приватизациска олигархија во Македонија, туку ја уцени и ја впрегна во својата „преродба“. Зад решетки ги стави непослушните, како Јорго Ќука и Велија Рамковски, кој се дрзна политички да ѝ се спротивстави. Другите медиумски магнати ги уцени да работат за нејзина пропаганда или ги откупи.

Чепна и свои непослушници, како поранешниот градоначалник на Аеродром – Кирил Тодоровски. Со приватизациските гревови на Штерјо Наков, пак, се справи така што му ја зеде ТВ Алфа. Сите олигарси што ја финансираа опозицијата ги оддалечи од СДСМ со застрашување, ако сакаат слободно да си ги арчат своите пари. Ги замолча Свето и Хари, склучи пакт со Минчо.

На некои им дава и по некое тендерче за да ги држи на узда. На крупните капиталци им ги наполни џебовите со даночни олеснувања. На противниците осомничени за корупција им ги одолжи до бескрај судските процеси за да се плашат од сатарот на нејзината одмазда, да „гувеат“ и да одработуваат. Врз опозициските бизнисмени фрли сомнеж дека се „криминалци на привремена слобода“.

10. КОРУПЦИСКА НЕВИНОСТ, КРВАВА СВАДБА

Својата чесност дпмневската политичка елита ја мантра како „Оче наш“. Груевски и сега, осум години по своето владеење изгледа сосема „опуштено“, како за Нова година, на пример, муабети и се клешти на „шегите“ на Тони Михајловски дека живее во скромно станче, а не во „расипничката“ премиерска вила на Водно!?

Таа негова скромност е толку патетична, што ви доаѓа просто да го запрашате – навистина ли сте толку наивен премиеру, или, пак, сметате дека народот е глупав? Ма, можно ли е тој да биде толку скромен и да живее од премиерската плата, додека малкумина привилегирани вртат милионски бизниси со фирми на офшор-дестинации, кога мајката на една негова пропагандистка од ТВ Сител, која Груевски му ја украде на Црвенковски, добива милионски тендери во здравството, кога „клети“ Грци во Неготино подигаат стотици илјади евра во кеш од буџетските пари за автопатот Демир Капија – Смоквица, кога пратеници и министри купуваат станови како да се чевли…

Не, не, „Актор“, „Висарис“ и „Скопје 2014“ се чисти како солза. Тука нема корупција, нема организиран криминал, нема перење и нема валкање пари. Па, дури и да има, сигурно Заев или некој друг од опозицијата вмешале прсти.

Всушност, во изборната кампања Груевски многу жолчно се занимава со тоа како градоначалникот на Струмица ги троши народните пари. На братучеди, вујковци, чичковци, браќа, снаи… И вели, што мислите, што ќе се случи ако народот му даде да го троши буџетот на државата!? Па, еве, друже Грујо, предлагаме милиончињата да им ги даде на Сител, на Лимба, на Вале Букефал и на Зиогу! Што велиш, а!? Може?

Но, важно е да ечи мантрата дека власта е чесна, невина како цвет. А ВМРО-ДПМНЕ не може да го спаси ниту хименопластика. Шика крв од сите страни. Изборите ќе бидат крвава свадба.

Поврзани новости