Дали Света Софија е недовршениот храм на Соломон?

by Фокус

arhivaТекстот е објавен во 718. број на неделникот „Фокус“ на 3. април 2009 година

Пишува
Блаже МИНЕВСКИ

Пред 339 години познатиот отомански патеписец Евлија Челеби сѐ што прочитал кај латински и грчки историчари чул и од месните жители во Охрид, а тоа е дека монументалниот храм Света Софија имал некаква врска со старозаветниот пророк Соломон, односно како што го нарекува „хазарети Сулејман“. Поточно, изградбата на овој храм во Охрид, Евлија Челеби ја поврзува со синот на пророкот кој се викал Мелик Раџ, или Мелик Раџим, што ќе рече царот Раџ.

Овој учен османлиски инспектор и патеписец тврди дека храмот во Охрид бил довршен во времето кога владеел спомнатиот наследник на пророкот Соломон, а нему пак му бил потчинет локалниот кнез Охри, или кнезот според кој градот подоцна го добил името Охрид. Како и да е, според Челеби, токму кнезот Охри ја надгледувал изградбата на храмот на Светата Мудрост, односно изградбата на црквата Света Софија. А што точно запишал Евлија Челеби за изградбата на храмот Света Софија, кој прво бил христијанска црква а потоа бил преправен во џамија?

Еве го тоа интересно место од патеписот на Евлија Челеби:
„За време на владеењето на Раџим, син на Соломон, ја изградил кралот Охри. Брат на Јанван. Да не се смета за споредување, ама оваа сегашна џамија за тогашните христијани била нивниот Ерусалим. Но Алах рекол денес тоа да биде место за молитва на муслиманите“.

Ете тоа го запишал Евлија Челеби во 1670 година кога бил во Охрид, што Челеби го нарекува „хазарети Сулејман“, познат како цар Раџ, неговиот вазал Охри го градел, или барем го довршувал, храмот посветен на Божјата Мудрост. Од друга страна, според едно од запишаните преданија, а тоа е балкански старословенски апокриф, порачката за изградба на храмот е од „светиот“ цар Давид, татко на Соломон и дедо на Раџим. Апокрифот вели дека Давид го видел нацртот на идниот храм на небото. Записот подвлекува дека „кога царот Давид наврши 30 години се случи голем ужас; бидејќи беше болен од лута болест, душата му беше земена од ангел. Тој му покажа црковен лик на небото и му рече: Таков да биде божјиот дом во Ерусалим“.

„Ова нѐ тера да претпоставиме дека основите на храмот на мудроста ги следат имагинарните линии кои ги поврзуваат ѕвездите од некое впечатливо соѕвездие. Тоа би бил тој „црковен лик на небото“. Ако е така, најприфатлива ни се чини претпоставката дека тоа е соѕвездието кое нашиот народ го вика „големиот крст“ а астрономите го нарекуваат Cygnus, односно Лебед, и спаѓа во таканаречените цуркумполарни соѕвездија. Карактеристично за ова соѕвездие е дека неговите вечерни и утрински изгреви, и неговите опозиции со сонцето, приближно ги маркираат двата еквиноција и двата солстициума на соларниот круг. Појдовна точка за мојата претпоставка дека станува збор за соѕвездието „голем крст“ е фактот дека голем број претхристијански и христијански храмови имаат крстовидна или Т-форма, а „крстообразните базилики“ биле имитација на спомнатото крстообразно соѕвездие.
Откако Соломон на татка си Давид му рекол дека не може да си го претстави тоа што го видел на небото, значи описот со зборови не му е доволен, царот Давид наредува тројца слуги да му донесат по 100 восочни свеќи. Топејќи и лепејќи ги свеќите, Давид направил своевиден восочен модел на идниот храм. Стариот цар Давид умрел, а Соломон го зачувал „моделот“ на светилиштето, и, кога се стекнале соодветни услови, започнал да го гради“, вели Милош Линдро, еден од најревносните истражувачи на мистичното минато на Охрид.

ИСТОРИСКИ „ХОКУС-ПОКУС“ НА ВАТИКАН!

Во една друга легенда, за која има податоци зачувани во светата книга на муслиманите, храмот започнат од Соломон на „светиот рид“ до неговата смрт, и една година потоа, останал недовршен. Легендата тврди дека Соломон заповедал да не престануваат со работа а тој испуштил душа потпрен на својот царски жезол.

Потоа цела година царот стоел мртов, потпрен на жезолот, влевајќи им стравопочит на градителите кои продолжиле со работата за да го довршат храмот. Но, во еден момент, дрвениот жезол се скршил и трупот на мртвиот цар се срушил на земјата. Тогаш градителите разбрале дека се плашеле од мртовец и престанале со работата, оставајќи еден дел од храмотнедовршен.

„Според мојата хипотеза тоа е храмот Света Софија во Охрид. Еве неколку докази за тоа: Храмот Света Софија е изграден, или дограден, во времето „непосредно по смртта на старозаветниот пророк Соломон, односно во времето кога владеел неговиот син, царот Раџим“. Само со тој храм Охрид можел да биде „вистински Ерусалим на тогашните христијани“. Значи, Челеби во 1670 година не запишал дека станува збор за „тукашните“, „локалните“ туку за „тогашните“ христијани. Оттука, очигледно е дека со тој збор на Челеби се опфатени, ако не сите, тогаш барем мнозинството од некогашните христијани, не сметајќи ги, се разбира, издвоените еретички секти. Запишаното од Челеби може да помине и како веродостоен документ, но веднаш ќе се јават „стандардно“ школуваните „специјалисти“, кои се крстат во „општоприфатената“ хронологија на светските настани, за да демантираат сѐ што е надвор од ватиканските шаблони за тоа. Имено, ќе речат дека владеењето на Соломон и градењето на „Света Софија“ во Охрид не било во ист век! Црквата била градена 1.000 години по Христа, а Соломон владеел 1.000 години пред Христа. Така баба знае – така баба бае, би рекол нашиот народ. Меѓутоа, ако еден од најучените луѓе во тогашната Отоманска империја, кој лично бил на самото место и располагал со сите податоци за маркантните објекти во царштината, не знаел што видел, што чул, што прочитал и, на крајот, што напишал, како може да им веруваме на оние кои оддалеку, од своите кабинети во Ватикан, Париз, Лондон или Москва, значи посредно, се здобиле со некаква (полу)информација за овој настан, кој, потоа, од политичкоимперијални причини, сосема го извитопериле. Тука би сакал да кажам дека десетици, ако не и стотици книги на оваа тема се напишани од јавувањето и загосподарувањето на ватиканската црковна порачка, реализирана од Јозеф Јулиус Скалигер, син на Јулиус Цезар Скалигер и другар на Нострадамус. Делото на Нострадамус е уште живо и во него веруваат наивните, но делото на неговиот близок пријател Скалагер е уште поживо и во него уште веруваат оние кои се уште понаивни „историчари“ и „универзитетски професори“.
Затоа и најголемиот ум на 17-тиот век, Исак Њутн, му се спротивставил на Скалигер докажувајќи дека „старите Грци“ се најмалку 1.000 години помлади отколку што Скалигер ги претставувал. Сепак, благословот на папата бил посилен од аритметичката пресметка на прочуениот физичар, и Њутн ја загубил битката. Кога веќе ја загубил тој, што останува тогаш за другите автори кои со документи докажувале дека „историјата на светот“ е растегнувана во времето како обичен ластик. Што пречат тука некакви 1.000 или 2.000 непостоечки години? Токму со овој ватикански „хокус-покус“ некои народи станале ем стари, ем културни, а други, ем нови, ем груби, прости и примитивни! Еден артефакт од 12-тиот век ќе го престставиш дека е од вториот век пред Христа, ќе го припишеш на епохата на непостоечки император, Ситалк Шести, на пример, и ете ти ем старост, ем култура и, што е најважно, и најлукративно, право на наследство според првенство на владеење на една територија. Но да се вратиме на темата за нашата Света Софија и за цар Соломон“, вели Милош Линдро.

МОНУМЕНТАЛЕН ОБЈЕКТ ВО ПРОВИНЦИСКИ ГРАД КАКО ЛИХНИД?!

Според Линдро, досегашните две археолошки сондирања во непосредна близи на на Света Софија фрлаат ново светло на претпоставките за поврзаноста на Соломон и неговиот син Мелик Раџ, со монументалната охридска Света Мудрост.

„Првото археолошко сондирање е направено во 1951-52, а второто во 1985 година. Според увидот од првото сондирање, археологот Р. Љубинковиќ запишал дека „храмот е ѕидан на старо култно место, а под денешната градба има темели на две постари згради… Едната е од времето на Јустинијан.
Нашиот Борис Чипан, раководител на конзерваторските работи од 1951 година, користејќи ги и резултатите од испитувањата во 1985-та година, извлекува заклучок дека подлабокиот антички слој, кој оди во длабочина од 4,80, со под на 3,80 метри под земјата, дава основа за претпоставката дека тука имало монументален објект, односно „римска базилика – покриен пазар“. Тој, а не јас, го поставува и прашањето: „Како можело да се изгради таква монументална градба во еден провинциски град како Лихнид?“

Можниот одговор на ова прашање е дека не се работи за световен објект туку дека уште во оние древни времиња тука бил изграден сакрален објект. Темелите од слојот на 2,70 метри под земјата, според Чипан, треба да се земат дека биле основите на ранохристијанска базилика од времето на Јустинијан Велики, кого стандардната скалигерова хронологија го лоцира во 6-тиот век. Слојот, пак, од 0,85 метри под сегашниот под на храмот датира од првата половина на 9-тиот век, а слојот означен како кота 0,00 е датиран од првата половина на 11-тиот век. Врз основа на овие објекти, Чипан прави реконструкција на претпоставените придружни објекти, па се обидува да обезбеди докази дека меѓу средновековниот христијански храм и брегот на езерото имало резиденцијален објект, односно палата на Охридската архиепископија.
Од друга страна, едно старо охридско предание, пренесувано меѓу православното население со векови, говори дека тука била палатата на Цар Самоил, а малубројното муслиманско население верува дека на тоа место бил „сарајот на Селим паша“. Или, накратко, и едните и другите тој простор го нарекуваат С’р’ишче (или Сараишче). Оттука сосема легитимно се поставува прашањето кој се крие зад името Селим, Самоил или Соломон, вели Милош Линдро, додавајќи дека уште пред 339 години најголемиот патеписец од тоа врерме запишал дека храмот во Охрид, а со тоа и самиот град, отсекогаш „бил вистински Ерусалим за тогашните христијани“.

ХРАМОТ НА СОЛОМОН ВО ЕРУСАЛИМ

Според Кристофер Најти и Роберт Ломас, двајца масони кои со години ги истражуваат корените на масонството, царот Соломон во свое време се зафатил со градење на редица големи зданија, вклучително и храмови, со кои сакал да го смилува Бог. Соломон често бил карактеризиран како мудар цар, а карактеристиката „мудар“ била давана уште со илјада години пред него на сите градители и цареви кои финансирале изградба на разни зданија.

Самите Евреи немале никакво архитектонско искуство и ниту еден од нив не поседувал градителски способности да изгради нешто посложено од обичен ѕид. Затоа, храмот во Ерусалим, според Најт и Ломас, бил изграден од ѕидари најмени од феникиецот Хирам, кој царувал во Тир. Според нив, Соломон и Хирам биле единствените кои биле посветени во тајните на мајсторите – ѕидари, а храмот што бил изграден бил малечка зграда, која по димензиите личела на обична англиска селска црква, односно двапати помал од дворецот на Соломон. Оттука, сметаа тие, тој малечок храм во Ерусалим, воопшто не бил изграден да биде посетуван од луѓе, туку тој, во буквална смисла на зборот, бил Божји дом, живеалиште на самиот Бог. Многу битен податок од истражувањето на овие двајца научници – масони е тоа што „не е зачуван никаков физички остаток од храмот на Соломон ниту пак негови описи од независни извори, така што не можеме да бидеме уверени дали тој навистина постоел“. Затоа тие се согласуваат со можноста сето тоа да е „измислица на еврејски писатели што живееле подоцна“.

Во тие записи, храмот се помни најмногу по огромното количество злато со кое биле прекриени подот, ѕидовите и таванот. Само еднаш во годината, за Денот на простувањето, во храмот влегувал врховниот жрец, носејќи ја со себе крвта „Жртвеното јагне“. Откако ќе излезел, вратите што ги разделувале малиот од големиот простор во храмот, се затворале со масивен златен синџир.

Тоа бил објектот што бил почитуван од темпларите како централна светиња на нивниот орден. Меѓутоа, урнатаините во кои вршеле ископувања припаѓале на друг храм, изграден на истото место од царот Иродточно илјада години подоцна. Затоа Најр и Ломас се чудат зошто темпларите кон името „Бедни воини на Христа“ додаваат „и на Соломоновиот храм“, кога сосема е јасно дека “автентичниот храм на Соломон не е таму каде што го барале’, не е во Ерусалим.

Дали пет или десет метри под сегашната охридска катедрална црква се крие нешто многу поголемо од она што досега е познато, можеби ќе се дознае тогаш кога комплетно ќе бидат завршени сите археолошки истражувања поврзани со овој мистичен и мистериозен објект во кој, како што велат, не само што има фрески на папи, иако станува збор за праваославен храм, туку има и многу неодгатнати знаци кои се поврзуваат токму со оние „Бедни воини на Христа и на Соломоновиот храм“.

Легенди
КОЈ Е МУДРИОТ ЦАР И ПРОРОК СОЛОМОН?

„Мудриот, славен цар и пророк Соломон бил помал син на царот узурпатор на јудејскиот а подоцна и на израелскиот престол, односно син на легендарниот „свет цар“ Давид, синот Есеев од Вирсавија. Кога остарел и легнал болен, овој цар го избрал својот помал син Соломон за свој наследник. Тој веднаш го задушил востанието на својот постар брат Адонијах, којшто сметал дека нему законито му припаѓа престолот, и од својот татко, кој бил на смртно легло, веднаш добил благослов и бил прогласен за цар. Така помалиот од браќата станал владетел на Израел, кој во старословенските и во постарите латински текстови се нарекува Хиздраел. Владеејќи, Соломон стекнал голема, ненадмината и неугаслива слава. Во старозаветните списи, но и многу пошироко од Блискиот исток до Индија, и од словенските земји до Ирска, насекаде се пишувало за него. Достапната литература ни кажува дека нашироко се раскажувале легенди за неговата неспоредлива мудрост. Освен Библијата и Коранот, него го споменуваат и „Илјада и една ноќ“, многу персиски и турски поети, а се говори и во грчкиот завет за Соломон, во латинската Геста романорум и во многу други. Во 14-18-тиот век за него биле раширени многу старословенски, француски, германски и англиски легенди. Повеќето легенди кажуваат дека Соломон наредил да се изгради голем дворец со многу жени, меѓу кои и многу туѓинки. Бидејќи кон крајот на својот живот почнал да почитува идоли, славниот но и порочен цар умрел во немилост пред Бога.
Бог ги поттикнувал непријателите да се подигнат против него. Така Соломон ја загубил својата власт над Едом, но тоа не била единствената казна. Казнет бил да умре без да го доврши храмот на Божјата Мудрост, кој со негови средства и под негов надзор со години се градел а бил еден вид аманет оставен од неговиот татко Давид“, вели Линдро, отворајќи ја темата за тоа дали охридска Света Софија под темелите чува дел од мистеријата за Соломоновиот храм и темпларите

Света Софија и масоните
ЗОШТО СИНОТ НА ГРИГОР ПРЛИЧЕВ ПРЕД 65 ГОДИНИ БАРАЛ АРХЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА ВО СВЕТА СОФИЈА?

Охриѓанецот Кирил Прличев, син на големиот македонски поет Григор Прличев, полни 36 години бил во ВМРО, а истовремено бил и член на масонската ложа „Светлина“. Бил учител во Солун, Воден и Прилеп, а говорел француски, германски, грчки и латински јазик.

Велик Мајстор на силната софиска масонска ложа „Светлина“ бил охриѓанецот Александар Протоѓеров, кој долго време бил во самиот врв на ВМРО, а во еден период и нејзин неформален лидер. И тој е роден во Охрид во февруари 1867 година, а бил член на ЦК на ВМРО, заедно со Тодор Александров и Петар Чаулев. По убиството на Александров се спротивставува на терористичките методи на ВМРО, но тоа, за жал, ќе го чини живот, односно ќе биде ликвидиран од луѓето на Ванчо Михајлов.

Благодарејќи на масонските пријателства и контакти на Протогеров, македонската револуционерна организација имала одлични врски со значајни европски центри на моќ. Заедно со него во масонските ложи „Зора“ и „Светлина“ во тоа време членуваат и повеќемина други видни дејци на ВМРО, или луѓе поврзани со македонската ослободителна организација. Така, меѓу другите, масон бил Кирил Прличев, син на Глигор Прличев, потоа Ефтим Спространов, Наум Томалевски, д-р Д. Точков, Георги Баждаров, проф. Љубомир Милетич, Јордан Чкатров, Иван Ѓурков, Димитар Мирчев, проф. Н. Милев, д-р Руменов, Г. Кулишев и други.

Масон, се разбира, бил и Симеон Радев, главниот уредник на „Македонско движење“, најсилниот македонски весник во тој период. Во тоа време, преку задграничните претставници и раководители нареволуционерната организацијата, како Протогеров, Баждаров, Прличев, Спространов и Томалевски, по масонски канали, биле воспоставени значајни и многубројни контакти во Европа. По тие канали се одржуваат врски со Австрија, Унгарија, Италија, Германија, па дури и со Франција, која, како што вели Кирил Прличев, во тоа време била мошне „непријателски настроена кон ВМРО“.

Како и да е, масонот Кирил Прличев, син на Григор Прличев, во 1941 година доаѓа во Охрид за да го преземе раководењето со Градскиот музеј. Според сведоштва од тоа време, тој, меѓу другото, најмногу се интересирал за Света Софија, односно за тоа што се крие под нејзините темели. Постојат информации дека планирал да започне со големи археолошки истражувања токму на тој објект, а особено на теренот зад јужниот и западниот ѕид на црквата. За жал, Прличев починал во 1944-та година и не стигнал да ги провери на терен своите масонски информации поврзани со Света Софија.

Поврзани новости