Да беа нашите политичари поети, сигурно ќе даваа понекогаш изјави во стихови со рими. Но, бидејќи сепак тие не се поети, ни останува само да замислиме како би ги објасниле пред јавноста своите (не)дела во периодот од изминатата недела.
*Во секоја од строфите има линкови за сериозната вест од која се инспирирани стиховите.
Христијан МИЦКОСКИ противник на голтари
Кога реков дека имаме политичари кои од голтари станаа милионери,
Груби се навреди, но не мислев на ДУИ, идните коалициони партнери!
Мислев на СДСМ, стандардна шема, не планирам да кревам прашина,
па протести ќе нема, да не ги плаши странците, партиската ми машина!
Данела АРСОВСКА ем дарежлива ем во криза
Знам дека е контрадикторно што се жалам оти за сметки пари немаме,
но на пензионерите бесплатен превоз три дена неделно им спремаме.
Точно, нема логика да сум дарежлива додека ја молам Владата за кеш,
таква е политиката, нелогична, но треба ли пензионерите да одат пеш?
Димитар КОВАЧЕВСКИ споделувач на документи
Па, искрено, нема потреба јавноста да знае со Софија како преговараме,
додека не договориме некој документ, не гледам зошто да ве замараме?
Плус нели, на 89-то место ни е државава според среќата, а така од века е,
и затоа ќе субвенционираме 80 % од сметките за струја, повесело нека е!
Целата рубрика, каде со „нивни“ стихови се застапени уште и Димитар Апасиев, Горан Милевски, Стево Пендаровски и Апостол Симовски е објавена во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.