Дали нафтените резерви на Гвајана ќе ја запалат Латинска Америка?

По уште една чудна и непромислена одлука на Мадуро за анектирање на Гвајана, на светот му останува да се надева дека овој референдум во Венецуела ќе остане само на хартија. Во спротивно, Гвајана со огромните нафтени резерви и делумно значајната стратегиска позиција е доволно интересна за да се отвори уште еден паралелен фронт на четвртиот континент. Со тоа, моменталната геополитичка ситуација уште повеќе ќе заличи на светска војна.

by Фокус

Бразилската армија веќе трупа огромни сили на својата северна граница, додека Николас Мадуро, претседателот на Венецуела, слави победа и се подготвува да ги ефектуира резултатите од домашниот референдум на кој Венецуелците одлучија да анектираат повеќе од половина од територијата на соседна Гвајана.

Дејан АЗЕСКИ

Вака на прва малку нелогично звучи што референдумот се одржа на територијата на Венецуела, а на Гвајана ѝ излегува дека населението таму никој не го прашува што сака. Но, овој проблем има длабоки колонијални рани, стари неколку стотици години, и малку е веројатно дека токму сега ќе се заврши.

Напротив, само може да се искомплицира, инволвирајќи ја половина Латинска Америка, плус САД во овој потенцијален конфликт од големи размери.

НАФТАТА И ГЛОБАЛНАТА НЕСТАБИЛНОСТ

Уште од времето кога Венецуела била владеена од Шпанците, а Гвајана од Холанѓаните, пред повеќе од двесте години, постоеле недоразбирања и разлики околу северниот дел на оваа територија, кои локациите го нарекуваат „Гвајана Есекуиба“.

Низ годините, тој се активирал и спласнувал согласно моменталните потреби на дневната политика, а многумина сметале дека тој е целосно решен уште во времето на покојниот претседател на Венецуела, Хуго Чавез, кој, под менторство на Кастро, дури и јавно се одрекол од спорните територии на Гвајана, сѐ во интерес на мирот и сојузништвото во Латинска Америка.

Но, очигледно сега се некои други времиња и ова се полуди политичари дури и од Чавез. Па, така неговиот наследник Мадуро, очигледно инспириран од случувањата во Африка, Азија и на Истокот на Европа сака да ја искористи гужвата и на мала врата да го реши ова прашање, кое не е решливо веќе неколку века.

Веројатно неговите претпоставки се дека, и покрај осудата од страна на Комонвелтот на нации (британскиот комонвелт чиј дел е Гвајана), Лондон не е во можност моментално да интервенира, како на пример на Фолкландите во 1982 година, а САД нема да сакаат да отвораат третиот, четвртиот, а можеби и петтиот (зависи како се гледа) паралелен фронт во светот.

Сепак, ни Мадуро, ни другите не треба да заборават дека САД имаат седум флоти, а нивните бродови од базата Норфолк, за само неколку дена можат да бидат на брегот на Венецуела и да го злоупотребат токму овој непромислен потег за да го урнат непријателскиот режим за нив во Каракас, кој трае веќе неколку децении.

За тоа веќе имаат и соодветна инфраструктура на теренот во Венецуела, како опозиција која е навистина многубројна и која со генерално слабата излезност на овој референдум покажа дека е фактор што не треба да се занемари.

Од друга страна, мора да се земе предвид дека Гвајана не е онаа истата фармерска или земјата на плантажи од пред половина век, туку една од најбрзорастечките економии во светот и држава каде што откриените нафтени резерви, сметано по жител, се поголеми дури и од оние на Блискиот Исток.

Па така, ако состојбата и понатаму се комплицира, дискутабилно е дали Гвајана би останала периферен фронт на Украина, Палестина и Африка, туку лесно може да се претвори во центар на случувањата.

Сепак, земајќи ја предвид „сериозноста“ на постапките на Јужноамериканските политичари од типот на Мадуро, многу медиуми и аналитичари предвидуваат дека овој референдум ќе остане само на хартија.

Тоа би значело дека официјален Каракас нема одлучни намери со голема војска да влезе на спорната територија, туку да поддржува некакви герилски акции и безвластие и секако дипломатски да се расправа до бесвест и проблемот повторно да го префрли на некоја следна генерација политичари.

Значи, во меѓувреме, сето ова, медиумски и дневно политички да се експлоатира со цел подигање на рејтингот и евентуален дефокус од други многу поконкретни проблеми.

Можеби ова звучи малку чудно, но режимите во Латинска Америка генерално удобно функционираат во тие сиви зони и на крај речиси секогаш успеваат да избегнат поголеми војни како оние во Европа.

Плус, реално Венецуела има доволно своја нафта, која може удобно да си ја троши целиот следен век, што значи дека не ѝ е крајно неопходно (иако нормално добро би дошло) да ризикува сѐ за гвајанските природни резерви.

Тука од географски или од стратешки аспект, уште треба да се спомене најсеверниот дел од базенот на Амазон до кој преку потенцијалната нова територија Каракас би добил пристап, но тоа не менува многу бидејќи реката Амазон, иако е најголема во светот, не е ниту Мисисипи, ниту Рајна, па евентуалниот излез на неа, сам по себе да носи некакви огромни бенефиции.

КОЛКУ РЕАЛНО Е МОЌНА ВЕНЕЦУЕЛА?

Засега, американскиот Стејт департмент, иако секако не одобрува вакви акции, е навистина поприлично воздржан во оваа ситуација. Причините за тоа ги објаснивме и погоре.

Но, ако дојде до вистинска ескалација, јасно е дека единствената сила што потенцијално би интервенирала се повторно САД. Британија отпаѓа веднаш, бидејќи нејзината флота е буквално заглавена меѓу Гренланд и Исланд (бранејќи го Атлантикот од Русите) плус сега и на Балтикот по сѐ, поизвесни се блокади на мореузите околу Копенхаген.

Шпанија има флота што е помалку ангажирана во НАТО, но нивната интервенција би можела да биде само мировна бидејќи во спротивно природно и историски единствено би можеле да застанат на страна на Венецуела (но не ваква на чело со Мадуро). Франција барем засега не покажува никакви интереси, а Холандија одамна не е поморска сила што повторно ги остава само САД.

Во тој случај, на евентуална воена интервенција се поставува прашањето колку Венецуела е реално подготвена да се брани. Теоретски, тоа не е мала држава и ако го искомбинира регрутниот капацитет на триесет милиони жители со парите што ги има од природните ресурси, би можела да состави поприлично силна војска.

Но, тоа е само ако земјата е обединета. Со ваква економија, каде што населението навистина е неприродно сиромашно (со оглед на природните предиспозиции) и со огромните внатрешно-политички поделби, оваа држава навистина би можела да колабира побргу од Ирак во 2004 година.

Секако дека Мадуро не би бил оставен сам, и Кина, а, пред сѐ Русија, би направила сѐ што е во нејзина моќ да го поддржат својот најголем сојузник, ако не со оружје, тогаш сигурно со инструктори и со приватни воени групи.

Но, единствениот спас од САД реално е создавање на некој поширок латиноамерикански фронт, кој би ги вклучил Колумбија, Никарагва и Куба и генерално сите држави што имаат некакви недоразбирања со Вашингтон.

Во тој случај, веројатно психолошки би се одвратиле генералите и адмиралите во Пентагон од принципот на интервенционизам, кој толку го преферираат. И за ова постои расположение на теренот во Латинска Америка, уште од времето кога претседател на САД бил Теодор Рузвелт.

Едноставно, Латиноамериканците се слободоумни за мирно да го прифатат неоколонијализмот што Вашингтон го сее цел ден век. Но, за жал, како Арапите на Блискиот Исток, така и Латиноамериканците никогаш не успеаја да се обединат за да го покажат сиот свој потенцијал.

САМО ДА НЕ СЕ ОТВОРИ ПРАШАЊЕТО НА ПАНАМА

Она што Гвајана е за Венецуела, тоа секако е Панама за Колумбија, поранешна провинција на Богота, каде што луѓето во најголемиот дел се поистоветуваат со колумбиската култура, па и со националната припадност.

Но, уште од времето на изградбата на Панамскиот канал (пред цел еден век), САД наоѓаат начини да го стимулираат сепаратизмот кај Панамците и на тој начин да го држат безбеден својот најважен стратешки канал, без кој силата на нивната флота ќе биде барем за половина намалена.

Во таа насока, не е ни чудо што пограничниот регион на Колумбија и Панама е оставен да биде последната неприродна прашума во светот, која и ден денес во 2023 година не може да се помине со никакво возило.

Тоа значи дека Јужна Америка де факто е остров од кој копнено не може да се премине во Централна и во Северна Америка. И сето тоа поради одбрана на Панамскиот канал и нормално ја дестимулираат миграцијата, која е сѐ поголема.

Но, ако Колумбија, слично како и Венецуела, токму сега се сети дека е гужва пред геополитичкиот гол и дека е дојдено времето да се врати во Панама, навистина би можел да се создаде поголем проблем. Вашингтон, во тој случај, без никакво размислување би испратил трупи и експресно би пламнала цела централна Америка.

Точно е дека веќе подолго време се заговара иницијативата за паралелен Никарагвански канал, кој конечно би го нарушил монополот на Панамците. Но, тоа е навистина тешко брзо да се изведе согласно габаритите што ѝ се потребни на американската морнарица, плус да сме реални, Никарагва моментално е во полоши односи со Вашингтон дури и од самата Венецуела.

Тоа ја остава Панама како единствена точка на светот, а надвор од границите на САД, која Вашингтон би ја бранел по секоја можна цена.

Поврзани новости