Одговорноста е кај народот – пишман нема

by Фокус

Народот е навистина непредвидлива билка. Тој си има некои свои „вијуги“ во структурата и кога мислиш дека доволно го познаваш тој, оп, ќе те изненади. Така беше во 2016 година, со бомбите од прислушувањето. ВМРО-ДПМНЕ победи, тесно, ама го победи СДСМ! Така ќе биде и на следните избори.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Не знам, богами, во која фаза на развој сме сите ние како граѓанство во текот на овој период од осамостојувањето до денес.

Поточно, имаме ли ние, како држава, некаков природен редослед во фазите на развојот што е карактеристичен за растот на секој жив организам.

И државата е жив организам, само што нашава Македонија одамна е нападната од една болештина што создава тешка зависност, не толку опасна, но со долготрајно дејство и со последици по менталното здравје на нацијата.

Лекот за оваа болест е еден единствен – ВЛАСТ. И сите сакаат да бидат власт. Добро, ама сите не можат во исто време и на исто место да бидат власт.

Што е право, СДСМ подобро се справува во ситуациите кога не е на власт, но ВМРО-ДПМНЕ тоа ептен тешко го поднесува – просто паѓа болно ако не е на власт – а овој пат некако многу му се стори.

Цели четири години и згора како пости! Е сега, дека пости и не се гости е само утешителна прикаска за народот.

Го имаат тие навреме настегано шпајзот, и тоа до врв, така што можат плус уште четири години во опозиција да кркаат печено, а камоли да не можат комотно да ги поминат овие „последни месеци во егзил“.

Додуша, не се баш во егзил. Ја имаат речиси цела Македонија со најголемите општини и цело Скопје со речиси сите општини. Ама власт, централна власт е нешто друго!

Повеќепати сум пишувала за застојот на една држава, особено како нашава, кога влегува во период на избори, особено предвремени.

КРВОЛОЧНА КАМПАЊА

Кај нас изборите реално претставуваат голем потрес и разнебитување на државата, и тоа во сите сегменти.

Речиси половина од годината поминува во неофицијална, крволочна предизборна кампања, па организирање и завршување на изборните денови, па жалби и поплаки, па препукување околу конституирањето на новиот парламент, а потоа и околу формирањето влада, па сто дена влада… и, како и да вртиш, ќе помине речиси цела година додека новата власт се зафати здраво со државните работи.

Да сме саглам држава со јака институционална традиција и професионална администрација, функционалноста на државата не би бележела никаков пад.

Но, во наши услови и при завршени избори и стокмена влада, поради разните опашки во партизираните институции не може да се очекува стабилност и некој минимален напредок.

Но, еве, некако се довлечкавме до редовните избори во 2024 година. Како што почнавме, така си теравме на секои 4 години до… Ај по ред: 1990, 1994, 1998, 2002, па 2006 година, сѐ до доаѓањето на Груевски.

Веќе од 2008 година почна серијата на предвремени избори по волја на ВМРО-ДПМНЕ. Овој циклус на предвремени заврши со изборите во 2016 година кога некако го фативме редот со изборите во 2020 г. и сега тераме накај 2024 година. Возбудливо! Избори и Олимпијада. Ќе биде весело.

Но, како е тргната „предизборнава“ игранка, уште отсега се гледа дека ќе се игра доста валкано, ќе биде „dirty dance“!

НЕПРЕДВИДЛИВА БИЛКА

Криминали, корупција, убиства… сѐ ќе се стави во игра: изгорената модуларна болница, потонатиот брод со бугарските туристи, автобуските несреќи, Тамара, Вања и болните на онкологија, па полицајците во Диво Насеље, па хашките случаи… и како црвено винце капнато врз погачата: „Гоце е наш“!

Добро, наш е, ама не мешајте му ги коските секогаш кога некому ќе му се приоди по нужда.

А, народот е навистина непредвидлива билка. Тој си има некои свои „вијуги“ во структурата и кога мислиш дека доволно го познаваш тој, оп, ќе те изненади.

Така беше во 2016 година, со бомбите од прислушувањето. Море, фрапираност на целата јавност од тоа што се правело со личните карти за човечињата, ендеци за непослушните, ВМРО-МВР, огорченост на сите што се најдоа во бомбите, Шарената револуција и… што?

ВМРО-ДПМНЕ победи, тесно, ама го победи СДСМ! Во услови кога ќе чуеш изворно што сѐ се правело, си велиш овде победата ќе донесе, не 63, туку 70 пратеници.

Ама цврц! Народот решил поинаку. Така ќе биде и на следните избори. Само време е граѓаните конечно да размислат и да ја прифатат и својата сериозна одговорност за состојбите во државата кои со нивниот избор ќе бидат такви како што тие посакале.

Пишман нема. Има да си траат и ако треба да си трпат до следните избори. Доста нѝ е од предвремени!

Поврзани новости