Да се воздржиме од навреди и провокации, апелира Заев

by Fokus

Говорот на омраза за жал е подигнат од двете страни. Апелирам до сите, ние сме прво добар и кроток народ и сме пријатели, прво до нашите граѓаните должност ни е да градиме пријателства и заради сегашните и заради идните генерации, порача денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата има истражување и одговор за говор на омраза во бугарските медиуми.

Тој апелираше и до граѓаните на, како што рече, пријателска Бугарија, да се воздржуваат од какви било провокации заради тоа што навистина никому не носат добро.

– Секако ние како одговорни политичари и најодговорните во овој дел почнувајќи од претседателот на државата, претседателот на Парламентот и пратениците, јас како претседател на Владата, нашите министри, постојано работиме на отклонување, демотивирање и конкретни активности за спречување на говор на омраза, не единствено заради тоа што чекаме од Бугарија да го тргне ветото, туку тоа не е добро за нашиот народ. Ние сакаме низ пријателство да развиваме инвентивност, идеи, нови инвестиции, наши во Бугарија и бугарски овде, кои ќе отвораат работни места, ќе ги покачуваат платите, ќе овозможат средношколски турнири во сите спортови, каде ќе се пренесува знаењето и меѓусебното разбирање и поддршка. Тоа ни треба, тоа е европскиот пат, а ние знаеме дека друг пат не постои, дециден е претседателот на Владата.

Поврзани новости