Читај приказни на прошетка, новитет во Неготино

by fokus

Локалната библиотека „ Страшо Пинџур“ Неготино започна со реализација на проектот „Приказна низ прошетка“- прв од ваков вид во Македонија.

Проектот кој се реализира со поддршка на Општина Неготино вклучува трајно инсталирани десет табли во паркот на улица „Маршал Тито“ спроти Музеј на град Неготино на кои има поставено содржини адаптирани за деца.

Содржината креирана од библиотеката ќе се менува еднаш месечно. Првата поставка е приказна од енциклопедиски карактер и го опфаќа живиот свет на Арктикот.

„Приказна низ прошетка“ е едукативен проект кој на работењето на библиотеката и дава една нова димензија, при што делот на здравиот развој на децата и едукацијата се промовираат на еден неконвенционален и иновативен начин.

Децата имаат можност низ едукативна прошетка во парк на забавен начин да читаат приказни и да научат многу нови информации и факти. Оваа прва поставка е замислена како една мала детска „експедиција“ на Арктикот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости