Четворица студенти пронајдени мртви во кампус на Универзитет во Ајдахо

by Fokus

Полицијата претпладнево била повикана во еден од студентските домови во градчето Москва, во американската сојузна држава Ајдахо, по пријава за онесвестено лице. Меѓутоа, по пристигнувањето полицајците пронашле четири мртви лица во домот, наведува локалната полиција.

Набргу по пронаоѓањето на телата, универзитетската управа им порачала на студентите и вработените да најдат засолништа и да се држат подалеку од областа на инцидентот. Универзитетот, во кој има 6.800 студенти, ја укина тревогата околу три часа подоцна, соопштувајќи дека нема реална закана.

Полицискиот оддел на овој северозападен град со 25.000 жители се уште не ги идентификуваше студентите кои се починати.

Отворена е кривична истрага, но полицијата не ги открива деталите за инцидентот.

Наставата на универзитетот денеска е откажана и најверојатно ќе продолжи утре, соопштија претставници на универзитетот.

Инцидентот се случил неколку часа пред пукањето на Универзитетот во Шарлотсвил, во сојузната држава Вирџинија, во кое загинаа три лица, а уште две се ранети.

Поврзани новости