Чешка и Словачка забранија влез за невакцинираните во угостителските објекти

by Fokus

Луѓето кои не се вакцинирани против коронавирус, а немаат доказ дека неодамна го преболеле ковид-19, од денеска нема да можат да влезат во угостителските објекти и јавните служби во Чешка и Словачка, откако овие земји забележаа пораст на бројот на заразени и хоспитализирани.

Двете земји ги усвоија овие мерки минатата недела, а чешката влада испрати војници на помош во болниците, во кои се наоѓаат 700 лица на одделенијата за интензивна нега.

Согласно одлуката на чешките власти, само лицата кои се вакцинирани или имаат доказ дека го преболеле ковид-19 во последните шест месеци ќе можат да посетуваат ресторани, хотели, јавни институции или настани како што се спортски натпревари.

Медицинската комора се залага за уште порестриктивни мерки, односно за карантин.

Во Чешка, наскоро треба да се формира нова влада, откако партијата на премиерот во заминување Андреј Бабиш беше поразена на изборите во октомври. Бабиш порача дека Чешка нема да воведе карантин, додека претставниците на победничката коалиција, исто така, зборуваа против карантин и затворање на училиштата.

Во големи делови на Словачка со одлука на владата, рестораните можат да служат храна само на терасите, а невакцинираните не можат да одат во ресторани.

Владите со рестрикции сакаат да го зголемат бројот на вакцинирани. Околу 60 отсто од Чесите примиле најмалку една доза на вакцина против ковид-19, додека 46,8 отсто од Словаците се вакцинирани против ковид-19, а помалку вакцинирани отколку во Словачка се само во Романија и Бугарија од земјите на ЕУ.

 

Поврзани новости