Бугарската ЦИК ги објави конечните резултати од парламентарните избори

by Fokus

Централната изборна комисија ги објави конечните резултати од парламентарни избори во Бугарија, одржани на 4 април, јави дописникот на МИА од Софија.

Според нив, партијата на премиерот на Бугарија Бојко Борисов ГЕРБ ќе има 75 пратеници во новиот парламент, „Има таков народ“ на шоуменот и ТВ-презентер Слави Трифонов – 51, БСП – 43, Движење за права и слободи – 30, „Демократска Бугарија“ на поранешниот министер за правда Христо Иванов – 27, „Исправи се!“ на поранешниот Народен правобранител на Бугарија Маја Манолова – 14.

За ГЕРБ гласале 837.707 лица, или 31,25 отсто, за „Има таков народ“ гласале 565.014 лица или 21,25 проценти, за БСП гласале 480.146 лица или 17,92 отсто, за Движењето за права и слободи – 336.306 лица, или 12,50 проценти, за „Демократска Бугарија“ – 302.280 лица, или 11,25 отсто и за „Исправи се! – 150.940 лица, или 5,83 отсто од гласачите.

Излезноста во Бугарија беше 50,61 проценти, што е за 4 отсто помалку отколку на претходните парламентарни избори во 2017 година. Вкупниот број гласачи со хартиени гласачки ливчиња и машини е 3.334.233, од вкупно 6.789.605 бугарски државјани со право на глас.

Поврзани новости