Будалите се интересни само кога мудрите се здодевни

by Фокус

Ако дозволиме политиката да стане здодевна, луѓето, или сосема се исклучуваат од неа, или остануваат вклучени, ама под висок напон. Затоа потребни се, неопходни се одвреме навреме секакви провокатори и провокации да ја пецкаат јавноста и да го одржуваат интересот за политиката кај граѓанството. Како кога гледаш филм и ти се спие, и одвреме навреме има бомба или крик во филмот што те враќа од сон. Или уште подобра аналогија, идеите и луѓето со кои не се согласуваш треба да бидат присутни во јавниот дискурс баш како што лутите или горчливите или киселите зачини се неопходни во некое јадење за да го засилат апетитот

Пишува: Нено БОГДАН

Ако на нешто може да се смета со сигурност на македонската политичка сцена, тоа дефинитивно е фактот дека Христијан Мицкоски никогаш не пропушта шанса (фигуративно, ко во цртан филм) да се лизне на некоја банана, која можеби случајно се нашла на неговиот пат, а можеби и некој ја фрлил таму баш со намера да му наштети.

Пред само еден месец го беа наместиле да се изглупира на лидерската средба кога испадна дека се согласува со уставните промени само ако му се даде власт, а еве сега поради сплет на коинциденции, личи дека Мицко застанува во одбрана на оние вработени во „Комунална хигиена Скопје“, кои наводно земале плата, иако не оделе на работа, а кога дошло времето да се расчисти со нив, без срам и перде го ставиле под блокада системот за одржување на јавната хигиена во главниот град.

Плус, она што од гледна точка на потенцијалните гласачи на Мицкоски (тврди десничари, тешки националисти и радикални патриоти) е најважно, луѓето со кои тој се најде на иста страна против градоначалничката Данела Арсовска се – Албанци.

А баш станува збор за тотална коинциденција кога ѓубрето не се собираше низ градот, па одлучи Мицкоски да ги ангажира неговите градоначалници тие да го собираат ѓубрето со свои, општински сили.

Со тој потег реши да се пофали Мицко и воедно да ја нападне Данела, ама тоа се случи баш истовремено со ескалацијата на протестите на оние вработени во КХС за кои Данела вели дека не одат на работа, па испадна дека Мицкоски и Албанците се во сојуз, тој ги брани нив, а тие протестираат по негов диктат. А двете работи немаа врска една со друга!

Дали некој го намести пак, дали сам се зафркна откако лошо го процени тајмингот, никогаш нема да дознаеме. Но, како што е јасно секому, ептен лошо изгледа коинциденцијата во очите на луѓето од кои очекува гласови.

КОИНЦИДЕНЦИИ

Можеби лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, сепак, извади некоја поука од дебаклот на пиаровски план што го доживеа по минатомесечната лидерска средба, па затоа објави дека ја прекинува комплетно комуникацијата меѓу неговата партија и власта.

Сфати дека што и да каже во таа комуникација, може да го извадат од контекст душманите и онака малициозно да го искористат против него. Додека да објасни што точно сакал да каже, штетата по неговиот имиџ веќе ќе биде направена и многу тешко ќе се поправи.

А тоа е голем проблем во секоја форма на комуникација, кога луѓето сметат дека само затоа што во исто време или на исто место со некоја друга работа се случува некоја сосема трета работа, тие две работи се само затоа поврзани, па ако за таа работа веќе имаат лошо мислење, ќе имаат лошо мислење и за третата работа, па дури ќе смислуваат секакви комплексни теории да објаснат како тие две работи се поврзани.

Војната во Украина и трендот на инфлација што ги погоди сите земји во светот е најсвеж глобален пример за ова. Една со друга немаат врска тие две теми. Чиста коинциденција.

Во текот на пандемијата сите централни банки испечатија цели брда пари за да ја поттикнат економијата, која беше секаде во длабок застој поради строгите ограничувања на движењето и работењето, и кога се уфрлаат еден куп пари во оптек, кога-тогаш мора да се појави инфлација проследена со зголемување на сите цени.

Војната во Украина е производ на сосема други причини и околности, кои врска немаат ни со пандемијата, ни со печатењето пари. Ама, бидејќи се случуваат практично истовремено, нормално е сите да си велат дека мора да има некоја врска меѓу тие две работи. Па, теории на заговор колку сакаш се испојавија.

Баш како што секогаш има некоја теорија на заговор кога во некој медиум ќе му се даде простор да си ги каже ставовите на некој непопуларен или барем контроверзен лик. Најсвеж пример е токму нашиот неделник на чии страници, во претходниот број имаше интервју со Љубчо Георгиевски и нормално секаде по социјалните мрежи каде што беше поставено известување за тоа, вриеше од коментари од типот „зошто му давате простор на овој да труе“ или „колку ве платија за да ширите пропаганда“ или „нели ви е срам на ваков човек да му овозможувате да се промовира“ и слично.

Вакви коментари привлекуваат сите медиуми, особено на Балканот. На пример, ако човек ја погледне фејсбук-страницата на хрватскиот весник „Јутарњи лист“, секогаш кога некоја вест за Украина ќе биде споделена на неа, коментарите се полни со луѓе што го обвинуваат тој медиум дека е на платен список на ЦИА, дека лаже по нарачка, дека ја поддржува војната како таква и слично.

Во Србија имаше масовни протести на кои се бараше да се забранат некои ријалити шоуа (како „Задруга“ и слично), со објаснување дека со самото тоа што им се дава простор во медиумите на такви содржини, автоматски им се наметнуваат и лоши вредности на гледачите.

Слично, многу луѓе се лутат на рубриките за црна хроника и забава, и искрено веруваат дека ако не се објавуваат лоши вести за силувања, убиства и грабежи, како и за авантурите на полуголите старлети, ќе се намали лошото влијание врз населението што се создава со самото давање простор за такви информации.

СО СВОИ ЗБОРОВИ, СО СВОИ ОЧИ

Луѓето просто не можат да сфатат дека некои работи, иако се случуваат истовремено (или една по друга), немаат меѓусебно влијание ниту, пак, каква било врска една со друга. Ако за некоја тема информира некој медиум, не значи дека е приврзаник или противник на страните од темата.

Ако објавуваш за корупцијата во власта, не мора да значи дека те плаќа опозицијата, иако таа има корист од таквото информирање, а ако укажуваш на погрешните потези на опозицијата, не значи дека власта те плаќа, иако и таа има корист од таквите информации.

Во крајна линија, и на корисноста, и на штетата треба да се гледа и на долг, и на краток рок. Кога некоја власт гледа дека не може да ја скрие својата корупција и дека од секој нејзин апашлук излегува по некој скандал поради кој ѝ паѓа рејтингот, ако има памет, ќе го промени курсот и нема да биде толку апла корумпирана. Што на долг рок ќе ѝ донесе полза. Значи критиката била на краток рок штетна, ама на долг рок корисна за власта.

Обратно, ако на опозицијата некој ѝ ги предочува погрешните потези што ги влече, на краток рок тоа е лошо оти ја тера на размислување и преиспитување (нешто во што никој не ужива), ама ако стекне навика да анализира што прави понатаму, на долг рок ќе биде добро тоа за неа зашто нема да се глупира и резили, и со тоа да си наштетува на сопствениот рејтинг.

Што пак нѐ води до првата причина поради која во медиумите секогаш треба да им се дава простор на контроверзни ликови и теми, имено, за да се расчисти контроверзијата што поскоро.

Некој човек има некои ставови што ич не се популарни. Пушти го да си каже слободно што мисли, па кому му се тие ставови убави, нека го засака, а кому му се одбивни, нека се потсети зошто тој човек и до сега не го сакал. А плус, можеби и некои луѓе што не го знаеле тој човек со неговите непријатни ставови, ќе се запознаат, па ќе изградат цврсти ставови за темите за кои до тогаш немале цврст став.

На пример, на СДСМ му е во полза да добијат медиумски простор баш најзабеганите вмровци што трескаат тешки глупости (со вакцините ќе нѐ чипира сатанистичка елита составена од вонземјани рептили, кои владеат со целата планета која е рамна) и се одбивни за нормалниот свет.

Слично и ВМРО-ДПМНЕ треба да се залага медиумски да бидат експонирани најулавите сдсмовци, кои со своите пореметени изјави (сите треба да бидеме ЛГБТ затоа што религијата е отров, а патриотизмот е сељачки) само придонесуваат одбивни да бидат и партијата и нејзините умерени членови во очите на нормалното граѓанство.

Значи, ако некоја работа не ја сакаш, ако со некој човек фундаментално не се согласуваш, баш е во твоја полза да има тој максимална слобода на изразување, за да може да видат сите колку е погрешно сето тоа.

Ако не сакаш луѓето да гледаат ријалити шоуа, треба да им овозможиш да гледаат ријалити шоуа, за да се убедат и самите со свои очи кој шунд е тоа. Ако сакаш некоја теза да биде отфрлена од јавноста, дозволи да ја елаборираат нејзините поддржувачи темелно, со свои зборови што се вика, па луѓето сами да заклучат дека со тезата не се согласуваат.

КОЈ СЕ ПЛАШИ ОД ЗБОРОТ ЛОШ?

Ама што правиме ако луѓето се глупави и самите не разбираат дека нешто е лошо? Ти им пушташ концерт со сериозна музика на еден ТВ канал, на друг канал оди „Задруга“, на трет некој филм со сериски убијци, и кога ќе ја процениш гледаноста, испаѓа дека 50 отсто ја гледале „Задруга“, 49 отсто ја гледале серијата со сериските убиства, која изобилува со мрачни, насилни и крвави сцени, а само еден отсто од гледачите заспале на каучот пред да почне концертот, па не го смениле каналот, ама не го ни гледале тој обид за нивно културно воздигнување.

Што ако им дадеш простор во медиумите на лошите идеи, ама кај многу луѓе просто не се запали алармот, па да сфатат дека тие идеи се лоши, туку дури и им се допаднат таквите идеи?

Тоа е фамозната „пет минути за нацистите, пет минути за Евреите“ забелешка против слободата на говорот, кога луѓето со најчесни намери искрено се загрижени за давањето простор во медиумите на екстремните идеи, кои може да им се видат на многу луѓе како прифатливи.

На страна што оваа логика е многу снобовска оти оној што ја користи претпоставува дека самиот е имун на сите такви погрешни идеи, ама остатокот од народот е глуп и нема да знае да препознае моронски идеи, проблемот е многу посериозен.

Со тоа што одбиваш да им дадеш простор на лошите идеи, со тоа што дури и ги цензурираш (како што правеа социјалните мрежи за време на пандемијата), ти покажуваш дека немаш аргументи со кои можеш да ги побиеш тие очигледно глупави идеи, па даваш сигнал дека можеби идеите и не се баш навистина глупави.

А кога им даваш простор на тие идеи, кога се соочуваш со нив со свои контрааргументи со кои секое тврдење го разбиваш на парчиња, ти покажуваш дека немаш страв од нив. Следствено, луѓето што немаат сѐ уште оформен став, нема автоматски да помислат дека ти се плашиш од вистината што се обидуваш да ја скриеш.

На темата „како да ги натераме луѓето да слушаат сериозна музика, а не да гледаат ријалити шоуа“ има просто решение. Немој да забрануваш „Задруга“, туку додека трае на еден канал таа, на друг канал нека одат настапи на млади, талентирани музичари, кои на еден модерен, свеж и динамичен начин ќе изведуваат ремек-дела од класичниот репертоар, или модерни композиции во таков манир. Повеќето луѓе ако треба да избираат дали ќе гледаат инсерти од „Задруга“ или пак како хрватското дуо „Ту челос“ свири нешто од Моцарт, ќе ги изберат класичните, а, сепак, толку популарни ширум светот музичари.

Слично и со политичките ставови со кои не се согласуваш. Будалите се интересни само кога мудрите се здодевни.

ЗАЧИН ВО ПОЛИТИКАТА

Пред две недели имавме можност да видиме како премиерот Димитар Ковачевски ја одби понудата на лидерот на опозицијата за дуел, и тоа многумина разочара, ама, сепак, и не премногу, оти реално да збориме, лидерските дуели кај нас иако имаат можност да бидат вистински медиумски спектакли се најчесто бесконечно здодевни.

Редовните читатели ќе се сетат дека пред два броја предложив дуелите да се прават во пијана состојба на учесниците, за ем да ја чуеме и вистината (оти под дејство на алкохол е тешко да се лаже), но и да биде интересно кога едвај реченица ќе можат да спојат дрво пијаните лидери.

Тоа беше шеговита идеја, ама како подлабок концепт држи вода. Политичкиот дискурс мора да се направи поинтересен за широката јавност, оти народот кога ќе го загуби интересот за него, кога сите тие дебати од витална важност за иднината на државата ќе станат бескрајно здодевни, или се повлекува од политиката, па апстинира на избори, или остануваат само фанатиците, кои и онака не ги интересираат размените на мислења и аргументи туку гласаат како роботи за партијата чии заслепени партиски војници се.

Тоа е логичниот расплет. Ако политиката дозволиме да стане навистина крајно здодевна, луѓето или сосема се исклучуваат од неа, или остануваат вклучени, ама под висок напон. Затоа, потребни се, неопходни се одвреме навреме секакви провокатори и провокации да ја пецкаат јавноста и да го одржуваат интересот за политиката кај граѓанството.

Како кога гледаш филм и ти се спие, и одвреме навреме има бомба или крик во филмот, која те враќа од сон. Или уште подобра аналогија, идеите и луѓето со кои не се согласуваш, треба да бидат присутни во јавниот дискурс баш како што лутите или горчливите или киселите зачини се неопходни во некое јадење за да го засилат апетитот.

Ете затоа, кога човек ќе види нешто со кое не се согласува како добива простор во јавноста, не треба да се лути и да бара да се забрани или укине тоа, ниту, пак, со сила да наметнува свои идеи. Лошите идеи може да се победат само со добри идеи, искажани на интересен начин. Секој друг пристап е губење време.

Поврзани новости