Претседателката на Унгарија, Катлин Новак поднесе оставка

by Fokus

Претседателката на Унгарија Катлин Новак поднесе оставка од функцијата. Во обраќање за јавноста преку државната телевизија таа призна дека направила грешка кога помилувала осуденик замешан во сексуална злоупотреба на деца.

„Направив грешка. Денес е последниот ден кога ви се обраќам како претседател. Донесов одлука за помилување минатиот април, сметајќи дека осудениот не ја злоупотребил ранливоста на децата кои ги надгледувал. Направив грешка бидејќи помилувањето и недостатокот на расудување беа погодни да предизвикаат сомневања за нултата толеранција што се однесува на педофилијата“, порача Новак.

Одлуката на Новак следува по бројните реакции во јавноста и масовните протести што се одржаа во Будимпешта каде граѓаните бараа нејзина оставка.

По неа, оставка поднесе и актуелната пратеничка Јудит Варга која за време на помилувањето беше министерка за правда.

Како што пренесуваат странските медиуми, Новак помилува дваесетина луѓе во април 2023 година, пред посетата на папата Франциск. Меѓу помилуваните лица е и заменик директорот на домот за деца, кој му помогнал на поранешниот директор на домот да ги скрие своите злосторства.

Поврзани новости