Бројот на загинати во Мароко се искачи на повеќе од 2.000 лица, а над 1.400 се во критична состојба

by Fokus

Бројот на загинати во земјотресот во Мароко се искачи на 2.012 лица, јави рано утринава мароканската државна телевизија, повикувајќи се на соопштение на Министерството за внатрешни работи.

Бројот на повредени се искачи на 2.059, вклучувајќи 1.404 лица кои се во критична состојба.

Владите ширум светот изразија солидарност и понудија помош. Турција, каде во февруари во силните земјотреси загинаа повеќе од 50.000 луѓе, рече дека е подготвена да даде поддршка.

Алжир, кој ги прекина врските со соседен Мароко во 2021 година, како што ескалираа тензиите меѓу нив поради конфликтот во Западна Сахара, рече дека ќе го отвори својот воздушен простор за хуманитарни и медицински летови.

Маракеш треба да биде домаќин на годишните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка на почетокот на октомври. Портпаролот на ММФ го коментираше закажаниот настан со зборовите „Сега нашиот единствен фокус е на народот на Мароко и властите кои се справуваат со оваа трагедија“, пренесува Ројтерс.

Поврзани новости