Брисел бара преговорите да продолжат

by Фокус

Прекинот на преговорите од страна на СДСМ, со оценка дека тие се неуспешни и дека договорот од 2-ри јуни во континуитет е миниран од Никола Груевски, вчера попладното ги вжешти телефонските линии на релација Брисел – Скопје, објавува Дојче Веле. Според информации на Дојче Веле, еврокомесарот Јоханес Хан имал телефонски разговор со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, но и со други лидери, а пораката била преговорите за надминување на политичката криза да продолжат.

Со Заев разговарале и амбасадорите на САД и ЕУ – Џес Бејли и Аиво Орав, кои се учесници во мониторингот врз преговарачкиот процес, но и други амбасадори од земји-членки на ЕУ. Пораката генерално гласи – „во интерес на земјата е преговорите да продолжат преку конструктивен дијалог“, велат дипломатски извори.

Извршниот одбор на СДСМ најверојатно денеска ќе расправа за актуелната состојба и за идните активности, а во следните денови ќе одржи средби со коалициските партнери и со граѓанските организации. Ќе се разгледуваат разни форми на идни активности, а ќе бидат структуирани во согласност со фактот дека летните одмори се во полн ек. На истата тема уште синоќа заседаваше Извршниот одбор на НСДП.

Во понеделник ќе се одржи и седница на Централниот одбор на СДСМ, веднаш по посетата на помошникот државен секретар на САД Викторија Нуланд, која за време на краткиот, неколкучасовен престој во Скопје, претпладнето ќе има средба и со лидерот на СДСМ. Засега никој не сака да прогнозира дали е можно посетата на Нуланд да иницира некаков пресврт, што ќе ги врати преговорите во живот.

 

Поврзани новости