И покрај сите притисоци, во средните училишта нема да се одржува настава и оваа недела, соопштуваат од Средношколскиот пленум. Бојкотот ќе трае се додека не се постигне договор меѓу Средношколскиот пленум и Министерството за образование и наука.
Од Пленумот апелираат до професорите и директорите да не вршат притисок врз учениците.
-Пленумот го замолува училишниот персонал да ги елиминира притисоците кои беа вршени врз учениците изминатата недела. Бојкотот ќе продолжи и во најлошите услови бидејќи имаме право да го искажеме нашето незадоволство. Бојкотот ќе се спроведува по планираните агенди освен ако тоа не ни биде оневозможено (агендите вклучуваат едукативни и забавни активности за сите ученици). Ние средношколците, говориме во еден глас и тој глас ќе биде слушнат, велат од Средношколскиот пленум.
Освен изјавите на министерот за образование Адеми дека ќе оствари средба со претставници на Средношколскиот пленум, досега нема ништо од средбата.