492
Наспроти ВМРО-ДПМНЕ, чија влада потроши 700 милиони евра за „Скопје 2014“, владата на СДСМ за две години изгради и реконструираше патишта во вредност од 800 милиони евра, изјави претседателот на Комисијата за транспорт на СДСМ Благој Бочварски, кој воедно е градоначалник на Штип.
-Еден милион евра во патна инфраструктура враќа 3,5 милиони евра во економија и бизнис, а со тоа и нови работни места и тоа е шанса за граѓаните на нашата држава. Доколку ВМРО-ДПМНЕ парите од „Скопје 2014“ ги инвестираше во патишта, досега требаше да се вратат 2,5 милијарди евра во економијата на државата. Додека ВМРО-ДПМНЕ градеше фасада на МЕПСО за 10,5 милиони евра, СДСМ со 11 милиони евра ги реконструира постоечки патни правци: Битола – Демир Хисар (10 км), Кочани – Пониква (12 км), Тетово – Попова Шапка (18 км), Струмица – Ново Село (13 км), Штип – Радовиш (21 км), Куманово – Свети Николе (32 км) – рече Бочварски.
Тој додаде дека денес, за разлика од порано, се плаќаат многу пониски цени за тампонирање на патишта, за арматура, за асфалт, додека истовремено, како што рече, се исправаат грешките од минатото, како што е случај со автопатот Кичево-Охрид.
-Се работи за нецелосен и промашен проект, со промашени и нецелосни геомеханички испитувања, проект со лошо проектирани косини, усеци и тунели за кои беше потребно да се репроектирааат. Досега се репроектираат околу 25 отсто од трасата на овој автопат со цел да може да се изгради. Првичниот проект е со грешни податоци за тунелите, проект без клучки, проект кој поминува над резервоарот за вода на Кичево, па затоа треба ново решение и за овој дел од трасата. ВМРО се одговорни за импровизациите од проект кој го оставија, па затоа цената на чинење од 400 милиони евра, ќе се зголеми за дополнителни 185 милиони евра – рече тој.