Мицкоски: Реализацијата на проекти во енергетиката е 2 отсто, во РЕК Битола вртат камионите на фамилијата

by Фокус

Владата предводена од СДСМ реализирала само 2 проценти од ветувањата од предизборната програма кои се однесуваат на енергетиката, изјави на прес-конференција Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Во групата на ветени, но нереалазирани проекти, тој ги наброја пренамената на термоелектраната Неготино во енергетско-земјоделски комбинат, изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште, имплементација на современи еколошки стандарди во ТЕЦ Битола и ТЕЦ Неготино…

-Ќе го споменам проектот каде што експертскиот тим на СДСМ во енергетиката ветува дека ќе набави сопствена механизација во РЕК Битола и нема повеќе да користи услуга на надворешни кооперанти. На тој начин ќе заштеделе во македонскиот буџет околу 120 милиони евра. Имаа пари, имаа тендер кој што претходното раководство им го остави во АД Електрани на Македонија, јас бев тогаш претседател на управниот одбор и директор на АД Електрани Македонија, го поништија и еве веќе трета година по ред си врткаат камионите на фамилијата. Така што не само што се одлеваат тие 120 милиони евра туку имаме основани индиции и сомневања за сериозно крупен криминал кој што веќе трета година по ред се случува во Битола – рече Мицкоски.

Потоа, тој посочи дека еден од ветените проекти во сегментот не гасификацијата е приклучување на Македонија на Трансадриатик цевководот, што исто така се уште не се случило.

-Понатаму ќе го споменам проектот за интерконективно поврзување со соседна Бугарија и Грција, истата судбина како и претходните лаги. Немаме ниту пак административна подготовка за овие проекти да бидат реализирани и за волја на вистината доколку денеска и најспособната Влада ја имаме, а не оваа најнеспособна која што некогаш функционирала во Република Македонија, нас ќе ни требаат неколку години за да ги изведеме овие два интерконектори со кои што Македонија ќе се поврзе со националните гасоводни системи на соседна Бугарија и соседна Грција кои што морам да признам се исклучително добро развиени – посочи Мицкоски.

Тој потсети дека актуелната влада во 2017 година го поништи јавниот повик за изградба на терцијална гасоводна мрежа, што доколку не го сторела, според него, веќе ќе можело да почне да се гради на терен мрежа до домовите на граѓаните.

Поврзани новости