Бизнис-мрежата на внуците и синот на Ахмети: Од концесија во Зајас до трговски во Скопје!

Дрин Ахмети, внук од брат на Али Ахмети, преку „Тор индустрис“ станува косопственик на бизнис-центарот „Соравиа“ во Скопје, но, како што неодамна пишуваше „Фокус, тој ја поседува и „Еверест ЏД“, која има активна концесија за експлоатација на варовник во Зајас, а добила и неколку тендери.

by Фокус

Купувањето на мнозински пакет во трговскиот центар „Соравиа“ од страна на македонско-албански конзорциум, каде удел има еден од внуците на лидерот на ДУИ Али Ахмети – Дрин Ахмети, стана главна вест во медиумите, откако претходно Комисијата за заштита на конкуренцијата објави дека „Тор индустрис“ од Скопје и „Пе-вла-ку ШПК“ од Тирана ја преземаат контролата на атрактивниот бизнис-центар.

Како што информираа од Комисијата, примиле известување за концентрација со која „Тор индустрис“ и „Пе-вла-ку ШПК“ ќе стекнат заедничка контрола над Друштвото за градежништво и услуги „Соравиа инвест“ и над Друштвото за градежништво и услуги „Соравиа менаџмент“. Во известувањето се наведени и активностите на компаниите учесници во постапката.

Тор индустрис има подружница во Северна Македонија – Тор ИТ-системс, која врши компјутерско-консултантски дејности. Пе-вла-ку е една од најголемите градежни компании во Албанија и Косово, основана во 2005 година. Во своето постоење, а особено во последните години, има планирано и успешно реализирано десетици градежни проекти, има направено успешни чекори во слободната пазарна економија и со своите проекти беше дел од развојот на двете земји“, стои во известувањето.

И инвестициската компанија со седиште во Австрија „Хано Соравиа џи-ем-би-ејч“ преку писмено соопштение објави дека продава 90 отсто од акциите во двете нејзини клучни фирми во Македонија – „Соравиа инвест“ и „Соравиа менаџмент“, кои стојат зад бизнис-центарот „Соравиа“ во строгиот центар на Скопје. Од таму велат дека задржуваат 10 отсто од акциите.

Задржувањето на акциите од 10 отсто ја покажува континуираната верба и посветеност на Хано Соравија џи-ем-би-ејч во растот на компаниите и потенцијалот на новото партнерство. Тоа означува гласање за доверба во можностите и искуството во индустријата на Пе-вла-ку ШПК и Тор индустрис за да се поттикне траекторијата на компаниите“, стои во соопштението.

Се огласија и од албанската „Пе-вла-ку ШПК“, од каде пак велат дека се посветени на искористување на „синергијата создадена од ова партнерство за да генерираат вредност и силен раст“. Ова, истакнуваат од таму, е монументална аквизиција во стратешко партнерство со „Тор индустрис“ –  доверлив и успешен деловен субјект од Северна Македонија.

Инаку, компанијата „Тор индустрис“ се споменуваше и во темата што ја обработуваше „Фокус“ пред неколку месеци за имотната состојба на Ахмети и неговото потесно семејство, што се отвори откако потпретседателот на Беса Фатмир Лимани, исто така внук на лидерот на ДУИ, објави видеоклип, кој, според неговите тврдења, покажува куќи и вили во сопственост на Ахмети.

Ахмети реди стихови, а негови роднини вили, тендери и концесии!

Нашите проверки во Катастарот на недвижности покажаа дека во кичевски Зајас имот поседува Шкумбин Ахмети, син на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Поточно, станува збор за катастарската парцела со број 1549/1 со површина од над 500 квадратни метри, на која има неколку објекти, од кои дел се пробиваат и на соседни парцели.

Според податоците од Централниот регистар, пак, синот на Ахмети го поседува друштвото „Архитектас Пројект Студио“, основано во 2017 година. Преку оваа компанија, помладиот Ахмети неодамна ја формираше и фирмата за производство на струја „Тхеас Енергу“, која се уште реално не проработела.

Воедно, Шкумбин Ахмети е еден од тројцата содружници во друштвото „Хелиос-Плант“, формирано во 2018 година, исто така за производство на струја. Другите двајца косопственици се неговите први братучеди Бесиан Ахмети и веќе споменатиот Дрин Ахмети, кои се синови на Фекри Ахмети, еден од браќата на лидерот на ДУИ.

Од сите нив, најактивен во бизнис-секторот токму е Дрин Ахмети, кој, меѓу другото, од 2020 година ја поседува компанијата за развој на градежни проекти „Тхор индустриес“, идниот косопственик на бизнис-центарот „Соравиа“. Воедно, нашето истражување покажа дека тој поседува и друштво со многу подолга историја.

Станува збор за компанијата „Еверест ЏД“ основана во 2005 година, чија основна дејност е „изградба на други објекти од нискоградба“. Моментално, нејзин единствен сопственик и управител е Дрин Ахмети, додека историјатот на друштвото покажува дека порано сопственик бил и неговиот брат Бесиан Ахмети.

Како што не информираа од Министерството за економија, „Еверест ЏД“ има договор за концесија за експлоатација на минерална суровина – варовник на локалитетот „Буковиќ“, општина Зајас од 7-ми јули 2006 година, кој е усогласен во 2007 и во 2014 година согласно Законот за минерални суровини.

Концесијата за експлоатација е доделена за период од 20 години и Договорот важи до истекот на периодот за кој е доделена концесијата, односно заклучно со 7-ми јули 2026 година, со можност за продолжување за уште еден период од 20 години“, ни одговорија од Министерството предводено од Крешник Бектеши.

Освен што црпи природен ресурс, оваа компанија има допир и со јавните средства, преку неколку договори за јавна набавка. Според податоците од Бирото за јавни набавки, „Еверест ЏД“ досега добила 5 тендери во вкупна вредност од речиси 8 милиони денари или 130 илјади евра. Последниот договор, компанијата го склучила лани со државната компанија за производство на струја АД ЕСМ.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости