Бектеши: Има економска логика за зголемување на акцизата на горивата, нашите цени се најниски во регионот

by Фокус

Aко се донесе предлог од страна на Министерството за финансии на Влада за зголемување на акцизата било за два или три денари, ние како Министерство за економија ќе го поддржиме, изјави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши. Според него, постои економска оправданост за зголемување на акцизата на горивата.

-Како министер за економија надлежен за енергетиката и имајќи ја предвид анализата на Министерството за финансии, но и трендовите кај нашите соседи и падот на цената на светските берзи, во моментот има економска оправданост за зголемување на акцизата. Но, истовремено има и механизам со тоа што во моментот кога ќе се покачат цените автоматски ќе се намалува акцизата – рече Бектеши.

Тој појасни дека денеска ја добил и анализата на цените на горивата во регионот каде споредно со цените кај нас, тие се повисоки. Како што посочи тој, во Албанија на пример, цената на горивата е 37 денари поголема, во Косово за 28 денари, а во Србија за 33 денари.

-Затоа ние како Министерство за економија треба да им излеземе во пресрет и на Минстерството за финансии, но и наш став е дека ние не треба да се грижиме само за страната на расходите во буџетот, туку истовремено треба да се грижиме и за страната на приходите – порача тој.

Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска изјави дека се прави анализа за зголемување на акцизите на горивата, но, како што рече, најверојатно нема да дојде до изедначување на акцизите на дизелот и „црвената нафта“, како што побара Стопанската комора.

Поврзани новости