Бектеши бара поддршка од ИВЗ и МПЦ за штедење струја

by Фокус

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска побара поддршка од поглаварот на Исламската верска заедница, реисот Шаќир Фетаху, за почитување на мерките за штедење на струја од страна на ИВЗ и нејзините верници.

Тој најави дека ќе разговара и со Македонската православна црква за поддршка во активностите за справување со енергетската криза, со цел да се намали потрошувачката и да се ослободат повеќе количества на струја за индустријата.

-Голема поддршка ќе биде секоја порака што ќе излезе од страна на ИВЗ, а тоа ќе се сподели преку џамиите до сите верници, било да се тоа Албанци, Турци… Тоа е многу важно заради тоа што секое штедење го помага семејниот буџет, воедно ги помага и институциите во делот да се намалат трошоците, а и потребите во делот на потрошувачката заради тоа што имаме одредена потрошувачка која е на регулиран, а другата на слободниот пазар, за да се ослободат количества со кои може да се помогне на индустријата која креира работни места и на таков начин приходите во нашите семејства да не се скратат – рече Бектеши.

Фетаху апелираше до сите граѓани во овие тешки моменти да бидат свесни за улогата и придонесот што може да го имаат.

– Имаме над 700 објекти, 13 муфтивства , со сите ќе разговараме како да се придонесе во ова, а и јас како поглавар на ИВЗ секој петок ќе бидеме заедно со моите соработници и верниците ќе зборуваме на оваа тема и за излез од кризата. Електричната енергија многу малку се употребува во нашите објекти, само поради тоа што внимаваме со трошење. Значи штедење кај нас во верските објекти е и верска обврска, општествена обврска, како и индивидуална обврска – нагласи Фетаху.

Како што информираше Бектеши, неговиот тим денеска разговара со МПЦ за да се одреди термин за средба на оваа тема.

Поврзани новости