Македонија ќе добие покана за првиот состанок на Европската политичка заедница

by Фокус

Македонија ќе биде поканета на првиот состанок на Европската политичка заедница што треба да се одржи на почетокот на октомври во Чешка.

Турција и Обединетото Кралство исто така треба да бидат поканети на состанокот, којшто треба да ги собере лидерите на 27-те и оние на земјите кандидати за членство или соседните земји во Прага на 6 октомври.  

На состанокот во Прага, за првпат шефовите на државите и владите од европскиот континент во пошироката смисла, ќе се најдат за да зборуваат на рамноправна основа, што е многу важно за земјите од соседството на ЕУ, вели француската државна секретарка за европски прашања Лоранс Боон.

-Тоа ќе биде истовремено политичка дискусија на високо ниво со цел да се воспостави сорабока која се однесува на сите, на пример во областа на енергијата или безбедноста, но исто така да се испрати и геополитички сигнал – додава таа.

Покрај земјите-членки на ЕУ, лидерите на шесте земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија), Обединетото Кралство, Норвешка, Швајцарија, Украина, Молдавија, Исланд, Грузија, Турција , Ерменија, Азербејџан и Лихтенштајн треба „наскоро“ да добијат покана.

Поврзани новости