Барањето за линеарно зголемување на пензиите е не уставно, им одговори Тренчевска на пензионерите

by Fokus

Делегација на пензионерите кои денеска протестираа во Скопје попладнево беше примена од министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска на која ѝ ги доставија нивните барања што ги соопштија и на собирот пред МТСП.

Тие бараат усогласување на пензиите со објавените податоци од Државниот завод за статистика во ноември 2021 година, линеарно зголемување од 3.500 денари на основицата на пензијата и наместо 12.500 денари, минималната пензија да изнесува 18.000 денари.

Четиричлената делегација побара од министерката Тренчевска да се заземе за нив и да ги пренесе нивните барања во Владата. Тие појаснија дека бараат линерано зголемување од 3.500 денари што ќе влезе во пензијата на сите 336 илјади пензионери во државава, и тоа да не биде еднократен надомест, а потоа да ги добиваат и процентните покачувања што ќе им следуваат.

Министерката Тренчевска им одговори дека ќе ги разгледа нивните барања – и во МТСП и на седница на Влада, но смета дека нивното барање за линеарно зголемување е противуставно, а барањето за минимална пензија од 18.000 денари не е праведно кон пензионерите што овој износ го земаат сега, а имаат 35 или 40 години работен стаж.

Таа посочи дека минимална пензија од 12.500 денари земаат најголем дел од пензионерите кои биле работници со малку стаж и кои земале минимална плата и дека ги немаат исполнето условите за пензија како пензионерите со 35 или 40 години стаж.

„Не може да зема исто некој што работел 40 години и некој што работел 15 години. Јас сум за праведност и социјална правда. Не можел некој што се потрошил 40 години, без разлика дали на машина или во државна институција, да го изедначиме со некој што работел 15 години… Сега се бунат тие со најниска пензија, потоа ќе дојдат тие што земаат 17.000 и 18.000 денари пензија. Како ќе го затвориме тој круг“, рече Тренчевска.

За барањето за линеарано зголемување на пензиите, таа рече дека е противуставно и дека таква одлука во 1998 била поништена од Уставниот суд.

Поврзани новости