Бабовски: Судиите потврдија дека сум чист, а лустрациска ќе остане македонски Голи Оток!

by fokus 17:05
17:05

Вистината е како шило, јасно беше дека кога тогаш ќе излезе на виделина и ќе се дознае неправдата што ми беше направена од страна на Комисијата за верификација на факти. Ме прогласија за кодош затоа што сум патриот и затоа што не попуштив пред притисокот да се откажам од мојата борба против грујевизмот, вели за Фокус Никола Бабовски, професор од Битола и претседател на Демократскиот сојуз на Власите.

Бабовски ги доби сите битки со лустрациската комисија. Вишиот управен суд го потврди поништувањето на лустрацијата откако го отфрли и последното барање на Комисијата за верификација на факти за повторување на постапката. Професорот Бабовски во април лани со тужба пред Управниот суд го поништи Решението за лустрација која не успеа да ја повтори постапката затоа што не доставила нови докази врз основа на кои судот би утврдил поинаква фактичка состојба од онаа што била утврдена во претходната постапка.

Бабовски кој е и претседател на Демократскиот сојуз на Власите вели дека сега откако ги добил сите судски процеси против Комисијата за лустрација во македонските судови, се подготвува и за тужба во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„Прво сакав преку домашните судови да ја докажам вистината дека сум чист пред законот и пред сите. Ова е сатисфакција за мене и за моето семејство, после голготата низ која поминавме во последниве седум години. Немаа никакви аргументи против мене, но тоа не ги спречи да ме обвинат за кодош, а во документацијата беа објавени и податоци за моите малолетни деца, се присетува Бабовски кој вели дека во случајот против него Комисијата за лустрација освен што го прекршила Законот за заштита на личните податоци, сторила тешка повреда и на Уставот на Република Македонија погазуваќи ја презумцијата на невиност.

„ Пред аргументите и боговите молчат. Јасно беше дека правдата ќе победи, а лустрацијата во аналите на правосудстсвото ќе остане запаметена како македонски Голи Оток“, смета Бабовски кој беше обвинет од Комисијата за верификација на фактите со која раководеше Томе Аџиев дека бил соработник на тајната полиција под псевдонимот „Ветеринар“ во периодот од 1998 година до 2010 година. Бабовски беше обвинет и дека за својот ангажман наводно земал и пари.

„ Власта ме обвини за кодош откако не успеа со притисоци да ме нетера да го сменам мојот личен и политички став. Не се откажав од мојата борба против грујевизмот и тогаш кога провалија во мојот автомобил и ја онеспособија електрониката на сопирачките во возилото“, вели претедателот на Демократскиот сојуз на Власите.

Бабовски вели дека ништо не може да ја надокнади штетата што му е направена нему и на неговото семејство сите изминати години, откако лустрациската комисија без докази го прогласила за соработник на тајната полиција.

Во перидот од седум години, до испливувањето на вистината на површина, освен за лична дискредитација, обвинението од лустраторите се испречува како брана и во професионална кариера на професорот. Сепак, сите судски инстанци на крајот, вели Бабовски, потврдиле дека тој никогаш не бил соработник на тајната полиција, ниту пак земал пари за каков било ангажман во поранешните полициски структури.

С.М.

Поврзани новости