„Вистинити приказни“ од Ерол Ризаов во Фокус

by fokus

Од овој број на „Фокус“ Ерол Ризаов е наш редовен колумнист. По неговото заминување во пензија му понудивме соработка која Ризаов ја прифати со задоволство. Нашите читатели ќе имаат можност да следат еден сосема поинаков пристап на авторот во неговите „вистинити приказни“. Се работи за редок жанр во новинарството, односно за кратки новински раскази кои се импресија на авторот од нашето секојдневие и од бурните исторски настани видени од еден друг агол.

Ерол Ризаов е познат новинар кој повеќе од 40 години е присутен во македонската јавност и на бившојугослевенските простори. Половина од работниот век го помина како новинар и уредник на весникот „Нова Македонија“ каде беше повеќе години одговорен уредник на весникот.

Еден е од оснивачите на „ Утрински весник“ и прв директор на редакцијата и повеќе години главен и одговорен уредник. Последните години работеше како уредник коментатор и редовен колумнист на „ Утрински“ во кој ги објавува своите секојдневни текстови „Мое ќоше“ и „Си велам“ .

Ерол Ризаов е познат во јавноста со своите критички текстови кон злоупотребите на властите и на центрите на моќ. Анализите на работењето на владите и на институциите на системот, независноста на судството, слободата на медиумите и заштитата на самостојноста на уредувачките политики, профсионализмот во новинарството и новинарската етика се негови чести и омилени теми. Секогаш на страна на онеправданите и послабите.

Ерол Ризаов е добитник на највисоките државни и еснафски новинарски награди. Два пати е добитник на новинарската годишна награда на Здружението на новинари на Македонија „Крсте Петков Мисирков“. Добитник е на наградата на ЗНМ за животно дело. Ја има добиено највисоката државна награда за новинарство „Мито Хаџивасилев Јасмин“, наградата на ЕУ „Жан Моне“ за текстови објавени во Македонија, годишната награда на „Нова Македонија“ и Златна „Буба Мара“ на популарноста.

Поврзани новости