Тодоров одлучи, ќе ги контролира лекарите преку отпечатоци на прсти, тие контра, ако се воведе проектот ќе штрајкуваат

by Fokus

Министерот за здравство Никола Тодоров не се откажува од идејата да ги контролира лекарите и медицинскиот персонал во државните болници преку отпечатоци на прст, па затоа упорно инсистира да започне примената на овој проект.

Според нашите информации, од Управата за електронско здравство со потпис од директорот Милан Аризанковски, на 3 март испратиле писма до сите директори на скопските клиники, барајќи од нив да назначат овластено лице за овој проект, кое ќе биде во постојан контакт со нив и со тимот што ќе го имплементира овој проект.

– Регистрацијата на вработените ќе се извршува во вашата установа и притоа нема да биде повреден ниту еден личен податок на ниедно вработено лице. Постојат забуни кај одредена група здравствени работници дека нивните отпечатоци на прсти ќе бидат злоупотребени, но во ниту еден момент, во ниту една база не се запишува отпечаток на прст за да биде злоупотребен. Системот при првата регистрација, отпечатокот на прст го запишува како код(шифра), а не како слика и со секоја следна верификација се споредуваат шифра со шифра, а не отпечаток со отпечаток – се наведува во документот испратен од ресорното министерство.

На документот може да се забележи и фотографија на која се објаснува начинот како се користи Централниот систем преку проверување на личниот идентитет на вработените во јавното здравство со користење скенер со биометриски сензор (отпечаток од прсти), кој ќе биде сместен внатре во секој објект, со што министерот ќе има целосна контрола врз движењето на вработените.

„Фокус“ пред неколку недели објави за воведувањето на овој проект, кој Тодоров уште во 2014 година го има вметнато во измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита.

Што значи земање отпечатоци од прсти на вработените во јавното здравство? Отпечатокот од прст е биометриски личен податок, кој подлежи на најголема заштита и ваквиот начин на идентификација го користи МВР кога ги евидентира граѓаните кои вадат лични карти и пасоши. Отпечатоците служат и во истрагите за кривични дела, кога крим-техниката на МВР може да провери во својата архива, дали собраните отпечатоци од местото на настанот, на потенцијалниот сторител на кривичното дело одговараат на нечиј идентитет со кој располага МВР.

Од друга страна, лекарите се револтирани, не можејќи да се помират со фактот дека ресорниот министер има намера да ги „дисциплинира“ на таков начин. Тоа предизвикало негативни реакции кај речиси сите вработени на скопските клиники, кои веднаш дале отпор да се воведе биометриски софтвер (отпечатоци од прсти), со што министерството ќе има пристап до нивните лични податоци, за кои се плашат дека со оглед на тоа каква е ситуацијата во државата, во секој момент можат да бидат злоупотребени и искористени за разни цели, па дури и за криминални.

– Ние, од сите клиники доставивме писма до министерството за здравство дека ваквиот систем за евиденција на работното време не го прифаќаме. Тоа е незаконска одлука и се коси со Уставот на Македонија, со Законот за работни односи, како и со Законот за заштита на личните податоци. Целта за која е наменет е страшна. Никој нема надлежност да го бара тоа од нас. Исто така, испративме допис до сите директори дека тоа за нас е неприфатливо. Ако упорно се потрудат да го наметнат, ќе преземеме радикални мерки и ќе одиме на штрајк – тврди абдоменалниот хирург Горан Беговиќ, кој истовремено е претседател на Самостојниот Синдикат на скопските клиники.

Од Дирекцијата за заштита на лични податоци велат дека согласно  Законот за заштита на личните податоци, биометриските податоци претставуваат „посебна категорија на лични податоци“ за чија обработка нема потреба од добивање одобрение од Дирекцијата за заштита на личните податоци во случај кога обработката на личните податоци е утврдена со закон. 

Ваквиот систем за евиденција на работното време на лекарите и медицинскиот персонал беше испитан пред неколку години во министерството за здравство кога со него „владееше“ Бујар Османи. Ова функционирало како пилот-проект само одреден период и било укинато

Ирена МУЛАЧКА

 

 

Поврзани новости