Пишува: Ирена МУЛАЧКА
„Поврзани на механичка пумпа 24 часа на ден, овие луѓе се целосно зависни од батериите што се полнат. Батериите, каблите и струјата им значат живот. Секојдневно се изложени на овој животозагрозувачки ризик и единствена надеж им е трансплантација на срце, што се прави само со заложба на владата“.
Ваква порака до властите редовно испраќаат пациентите од здружението „Храбро срце“, кои со години чекаат трансплантација, нормално доколку се најде соодветен донатор. Досега, во Македонија сѐ уште не е извршена трансплантација на пациент со механичко срце.
Сепак, најпрвo да објасниме – што значи механичко срце? Тоа, всушност, е уред што се вградува во постоечкото срце на пациентот, додека да се најде срце за трансплантација. Му помага на болниот да ја надмине срцевата слабост и да може да ги врати нормалните функции. Само едно механичко срце ја чини државата околу 125.000 евра.
„Станува збор за пациенти со срцева слабост, на кои ниту медикаментозна терапија, ниту интервентна кардиологија не може да им помогне. Овој тип уреди се користи додека да се најде соодветен донор.
Притоа, пациентот носи ранче со батерии со себе, а уредот служи и за лекување, односно за закрепнување на работата на срцето“, ова е краткото објаснување на лекарите.
Во Европа годишно, над 15 милиони луѓе умираат од срцева слабост, што ја прави оваа состојба една од водечките причини за смртност. Срцевата слабост може да биде акутно настаната и таа вообичаено се повлекува по адекватен и навремен третман, но може да помине во хронична или, пак, да заврши со смрт. Доколку срцевата слабост не се препознае, дијагностицира и не се третира адекватно, води кон лош квалитет на живот, чести болнички лекувања и смрт.
Во целата приказна ништо поразлична не е ни Македонија. И овде пациенти се заглавени низ здравствените лавиринти, за чија операција, иако се на државна сметка, сепак повторно џебот треба да им биде полн со пари за да ги завршат сите патешествија по извршената интервенција.
На сметка на овие пациенти, чиј живот е поставен на батерии, печалат многу, а нивниот живот е ставен на коцка, па не се знае што може да им донесе утрешниот ден. Сепак, надежта последна умира.
ТРОШОЦИ ЗА КРВНА СЛИКА, ПРЕГЛЕДИ…
На годишно ниво, во Македонија околу 25 пациенти добиваат механичко срце, во кои влегуваат и оние новите, на кои истата година им е извршена интервенција, но затоа пак 6-7 пациенти умираат, што од тоа што не можеле да ја добијат битката, што и од негрижата на државата – конечно да се почне со трансплантација. Ги има и млади и стари.
„Пациентите со механичка потпора се на товар на Фондот за здравство, без разлика дали интервенцијата се извршува на Државна кардиохирургија или, пак, во двете приватни болници „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“.
Во последните пет години, бројот на пациенти со механичко срце се движи од 20 до 25, додека, пак, 6 до седум умираат. Многу е лошо тоа што откако ќе му се стави на еден пациент механичко срце, тоа треба да се носи само неколку месеци, а потоа да се изврши трансплантација.
Тоа кај нас е невозможна мисија, па ние сме заглавени со механичка потпора и до пет години и повеќе, што ни предизвикува дополнителни здравствени проблеми и на другите органи, доаѓа до крвавење“ – тврди во изјава за „Фокус“, еден од пациентите и претседател на здружението „Храбро срце“, Васко Јолевски.
Тој додава дека во приватните болници, исто така, им бараат дополнително уште многу пари откако ќе биде извршена операцијата.
„И во двете приватни болници, операцијата е на сметка на ФЗОМ, но со тоа тука завршува сѐ. Потоа, ние си плаќаме сѐ од свој џеб.
По логика на нештата, кога ќе се оперираш на едно место, тука потоа ги правиш и прегледите, контролите, па така само со една контрола, на која ќе кажеш добар ден, им оставаш 4.000 денари.
Ако се работи за крвна слика или за нешто дополнително, тогаш е и до 12.000 денари, многу често оставаме и по 30.000 до 40.000 денари. Тоа се пари што ги немаме. Како можеме да опстанеме на овој начин, ем со болно срце, ем без пари“, додава Јолевски.
Срцева слабост или како што уште се нарекува слабо срце – е долгoтрајна состојба, која се влошува со текот на времето. Настанува кога срцевиот мускул е ослабен и не е во состојба да испумпа доволно количество крв потребно да ги задоволи барањата на телото за нормално функционирање.
Затоа и се вградува механичко срце, кое му помага на пациентот да преживее и му го зголемува квалитетот на животот, но, сепак, и самите тие пациенти со години чекаат трансплантација, која воопшто не профункционирала во Македонија.
За првпат ваква операција во земјава е изведена пред шест години, поточно во 2018 година на скопската Државна кардиохирургија. Тогаш, пациент со терминална срцева слабост доби механичко срце, а во тој период беше посетен и од екс премиерот Зоран Заев.
„Денес е постигнато едно значајно достигнување во кардиохирургијата, на наш сограѓанин, кој е 54-годишен и е татко на шест деца му е вградено механичко срце. Тоа е придобивка за сите граѓани дека го имаме во Македонија како можност.
Ваквите операции во странство, во Германија чинат 340.000-350.000 евра, а севкупните трошоци овде не надминаа повеќе од 120.000 евра. Останува да ги охрабрам и другите лекари и директорите на клиниките да го следат ваквиот тренд“, рече тогаш Заев.
Од друга страна, во приватната болница „Аџибадем Систина“, првото механичко срце беше вградено, исто така во 2018 година, додека, пак, во „Жан Митрев клиник“ една година подоцна.
Без разлика што од сите три болници фрчеа соопштенија со пофалби, сепак и по шест години, ниту еден од овие пациенти не доживеа трансплантација, туку сѐ уште живеат живот, како што самите знаат да кажат, на батерии.
МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ОПЕРАЦИИ НА СРЦЕ
Болницата на Жан Митрев, од 2000 до 2010 година, е единствената во која македонските граѓани ќе можат да направат операција на срце и сложени кардиолошки интервенции. Во државното здравство, во тој период не постоеше таква опција.
Со првата бајпас-операција, на 1 март 2000 година, официјално почнува со работа Специјалната болница за хируршки работи „Филип Втори“.
Црвената панделка ја пресече тогашниот претседател Борис Трајковски, со што, како што велеа тогаш од болницата: „Се испишува историја во македонското здравство“.
Факт е дека докторот Митрев доби голема помош од државата, па на тој начин вртоглаво ја лансираше својата кариера, за што дополнително помогнаа и медиумите, каде што со години се рекламираше.
Сепак, по отворањето на „Систина“, дел од бизнис-колачот заврши и кај нив. Па, тука почнаа кавгите и препукувањата.
Без разлика што и во двете болници, повеќето здравствени услуги што се нудат се плаќаат приватно, сепак кардиохируршките интервенции се на фондовска сметка. За таа цел, на годишно ниво се одделува одредена сума пари.
Покрај нив, тука се и стентовите што им се вградуваат на пациентите. Сѐ друго граѓаните плаќаат од свој сопствен џеб, и тоа енормни суми пари.
„Фокус“ се обрати до Фондот за здравство, од каде што побаравме да ни дадат одговор на неколку прашања, а клучното прашање беше – колку пари на годишно ниво добиваат двете најголеми приватни болници и за кои здравствени услуги, како и колку пари добива скопската Државна кардиохирургија?
„Годишниот буџет за ПЗУ Аџибадем Систина за 2024 година е во износ од 515.000.000 денари. Согласно договорот, здравствената установа пружа здравствени услуги од болничка здравствена заштита од дејноста:
- Кардиоваскуларна хирургија и дел од интервентна кардиологија кај возрасни осигурени лица во болничка здравствена заштита,
- Детска кардиоваскуларна хирургија и интервентна кардиологија кај осигурени лица до 18 години за болничка здравствена заштита.
Годишниот буџет за ПЗУ Жан Митрев е во износ од 514.217.000 денари. Согласно договорот, здравствената установа пружа здравствени услуги од болничка здравствена заштита од дејноста:
- Кардиоваскуларна хирургија и дел од интервентна кардиологија кај возрасни осигурени лица во болничка здравствена заштита,
- Детска кардиоваскуларна хирургија и интервентна кардиологија кај осигурени лица до 18 години за болничка здравствена заштита.
Годишниот буџет за ЈЗУ УК за државна кардиохирургија за 2024 година е 376.520.910 денари, од кои основен буџет во износ од 285.390.910 денари, од кој се финансираат трошоци за плата на вработените, лекови и потрошни м-ли, комунални услуги итн.
Условен буџет во износ од 91.130.000 денари, кој е наменет за материјали за изведување на следниве здравствени услуги во макс. количина од: 8 зу TEVAR со еден стент; 8 зу EVAR со еден стент; 13 зу FET; 8 зу VAD; 3 зу BIVAD; 10 зу MIAVR“, се наведува во одговорот од Фондот.
Според пресметките, во последните 5 години, во касите на двете најголеми приватни болници влегле околу 88 милиони евра за операции на срце и кардиолошки интервенции.
Поточно, од 2019 година наваму, „Жан Митрев клиник“ добиле околу 49 милиони евра, додека, пак, „Аџибадем Систина“ околу 39 милиони евра.
Меѓутоа, последната 2024 година има одредени промени во буџетите, па така „Систина“ добива 8,4 милиони евра годишно, додека во болницата на Митрев влегуваат малку помалку или околу 8,3 милиони евра.
Тука е и Државна кардиохирургија, која добива доста помалку пари од приватните, па така нејзиното чекмеџе од ФЗОМ за оваа година изнесува околу 6,1 милиони евра, иако поголемиот дел од операциите се изведуваат таму.
Тоа е вкупниот буџет што го добиваат трите болници, кои работат кардиолошки интервенции, меѓу кои влегуваат и операциите за механичко срце. За нив нема посебен буџет од Фондот за здравство.
ЗОШТО УМИРААТ ПАЦИЕНТИ?
Сепак, „Фокус“ успеа од ФЗОМ да ги обезбеди податоците за последните 3 години, односно колку интервенции биле извршени во трите болници на државна сметка и колку пари се одобрени.
Според податоците со кои располагаме, во 2022 година за вградување на механичко срце од касата на Фондот се одлеале 1,4 милиони евра, од кои четири такви интервенции биле направени во болницата на Митрев, ниту една кај Камчев, и шест на Државна кардиохирургија.
Една година подоцна, поточно во 2023 година, се зголемила сумата, па така од државна сметка завршиле вкупно 1,6 милиони евра, од кои кај Жан Митрев биле вградени четири механички срца, во „Систина“ ниту едно, додека, пак, на скопска Кардиохирургија уште шест.
Со оглед на тоа што 2024 година сѐ уште не поминала, податоците до август покажуваат дека во двете приватни болници не е извршена ниту една ваква интервенција, додека, пак, на Кардиохирургија, во првата половина од годината, само четири, за што се потрошени 531.707 илјади евра.
Дополнително, фондовски пари се трошат и за контролни пакети, а батерии се менуваат на секои три години.
Но, тоа што е еден од поголемите проблеми, а кој никој не го отвора, е кои се причините што дел од пациентите со механичко срце умираат?
Го прашавме Јолевски, претседателот на здружението „Храбро срце“, кои се најчестите причини зошто пациентите со механичка потпора умираат, а тој како од пушка ни одговори – мозочните удари.
„Има разни причини, но најчесто се мозочните удари бидејќи се предизвикува крвавење поради притисокот од вградената пумпа. Колку таа во моментот може да ти го спаси животот, толку подоцна, ако се носи подолг период влијае врз целиот крвен систем и скроз го нарушува.
Од вкупно 11 трансплантации на срце што досега се направени во Македонија, ниту една не е на пациент со механичка потпора“, цели Јолевски.
Факт е дека откако ќе им биде вградено такво срце, кое претставува еден вид мост до трансплантација, треба да се носи само неколку месеци, а не пет, до шест години како што го носат овие пациенти.
Како што веќе претходно објавивме, смртноста на Државна кардиохирургија е зголемена, а тоа го покажа и официјалниот извештај на Комисијата за надзор.
На повеќе од десет страници, извештајот покажува дека смртноста на оваа клиника е зголемена во 2023 година во однос на 2022 година, за незаконското разрешување на кардиохирургот Сашко Јовев, како и за сите неправилности на скопска Кардиохирургија.
Поточно, во извештајот се констатира трендот на морталитетот, каде што е најголемото интрахоспитално зголемување во 2023 година и се бележи во групата елективни кардиохируршки операции од 13 на 29 пациенти (13 во 2022 година, а 29 во 2023 година).
Разлики во смртноста меѓу 2022 и 2023 година има кај кардиохируршките операции, покажува извештајот од стручниот надзор. Во 2022 година починал 21 пациент, кој бил опериран кардиохируршки, а во 2023 починале 38 пациенти што имале кардиохируршка операција.
Директорот Марјан Шокаровски, на крајот на мај, на прес-конференција рече дека е незаконски разрешен и дека некој сака да ја затвори клиниката. Тој, исто така, зборуваше и за одредена хајка, која се води против болницата, но не кажа кој ја прави таа хајка.
Тој истакна дека информациите за наводно нестручно работење и висока смртност се со цел да се прикријат вистинските намери на тогашниот министер Илир Демири, а пласирани од некоја комисија, како што ја нарече, која ја формирал министерот.
Од тука доаѓаме и до моментот дека веднаш откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, а актуелниот министер Арбен Таравари седна на министерското столче, Шокаровски повторно беше вратен на директорската позиција.
Тој стана прв човек на болницата во време на СДСМ, наводно како нивни кадар, но остана единствен директор со промената на власта, кој не беше сменет од позицијата. Брат е на поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Харлампие Шокаровски.
Тој, исто така, беше и член на Извршниот одбор на Лекарската комора, во времето кога со неа управуваше нефрологот Кочо Чакаларовски, а негова заменичка беше Ленче Неловска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Се обративме за да прашаме, дали е планирана негова смена од функцијата, со оглед на тоа што сите други директори се сменети, но добивме краток одговор: „Засега не се планира негова смена од директорската позиција“.
РАМКА 1
ВМРО-ДПМНЕ ГИ ПРЕБРОЈУВА ТЕНДЕРИТЕ НА „СИНЕРЏИ“
Иако од Фондот за здравство ги добиваат парите, сепак, Државна кардиохирургија самата распишува тендери за тоа преку која фирма ќе ги набавува апаратите потребни за вградување механичко срце.
Според податоците објавени на Бирото за јавни набавки, само во периодот од 2021 до 2024 година, компанијата „Синерџи медикал“ добила 15 тендери за набавка на делови за механичко срце, како медицински вграден материјал, резервни делови за сервис на апарати за циркулаторна поддршка на срце, потрошен материјал за центрифугална пумпа…
Податоците од Централниот регистар покажуваат дека како сопственици на компанијата се водат Горан Филипов и Христина Филипова, додека, пак, како управител фигурира Татјана Величковска. Историјата на фирмата е позната, а таа на бизнис-пазарот опстојува речиси 20 години.
Во последните неколку години е доста актуелна, со оглед на тоа што тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ редовно ја поврзуваше со тештата на актуелниот лидер на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче.
„Дали е можно, институциите да немаат ништо видено сомнително, тоа што од 25 декември 2017 година, кога Венко Филипче седна во министерското столче во Министерството за здравство, вкупно 7 милиони евра од сметките на Министерството за здравство и здравствените установи, завршиле на сметката на „Синерџи медикал“, компанија во сопственост на Горан Филипов, партнерот со кој куќа гради Катерина Савевска, тештата на министерот за здравство“, реагираа во 2021 година од ВМРО-ДПМНЕ.
Во последните неколку години, тогашната опозициска партија редовно ги пребројува тендерите на оваа фирма, иако и тие цело време имаат свои омилени компании.
РАМКА 2
СИТЕ ТРИ БОЛНИЦИ ГО ИГНОРИРААТ „ФОКУС“
„Фокус“, пред десетина дена испрати мејл до официјалните мејлови на двете приватни болници „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев клиник“, како и до Државна кардиохирургија:
- Може ли да ни кажете во вашата болница кога е вградено првото механичко срце?
- За целиот овој период, на колку пациенти сте им направиле вакви операции, колку се на годишно ниво?
- Колку од нив се успешни и дали има починати?
- На која возраст се пациентите?
- Колку за оваа интервенција добивате пари од Фондот за здравство?
Сепак, до затворањето на бројот не добивме повратни одговори ниту од една болница, освен од Државна, каде што ни кажаа дека нашите прашања ќе бидат проследени.
„Почитувана, Вашето барање за информации е примено и е проследено до надлежните лица. Веднаш штом биде разгледано и обработено ќе добиете одговор по истото. Ви благодариме на интересот“, се наведува во краткиот одговор од Државна кардиохирургија.