(АРХИВА) Правосудството во рикверц – маратонот на правдата, наместо кон целта, се трчаше кон стартот!

by Фокус

Текстот е објавен на 28 декември 2023 година во неделникот Фокус со број 1.473-1474.

Нема правда, нема мир! Оваа парола и годинава ечеше на сите гласила. Неказнивоста, уште еднаш, по којзнае кој пат, блесна со највисок сјај. Политичарите си го стокмија законот по свое, а обичните смртници и понатаму двојно плаќаат.

Пишува: Валентина ВУРМО

Дедо Мраз и годинава им ја исполни новогодишната желба на криминалците со бели јаки, (поранешни и сегашни), најлудата ноќ да ја поминат на слобода наместо зад решетки.

Ќелијата и оваа година останаа резервирани само за онаа што требаше да ги пикне другите в затвор, некогашната специјална обвинителка Катица Јанева.

И наместо да се трча кон целта, бидејќи, како што вели републичкиот јавен обвинител во заминување, Љубомир Јовески, правдата е маратон, повторно се трчаше во обратната насока, кон стартот.

Поранешната министерка Гордана Јанкулоска и бизнисменот Сеад Кочан веќе излегоа од затвор, на пат е и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, а останатите стотина на листата воопшто не влегоа.

Бегалецот, некогашниот премиер Никола Груевски и оваа најлуда ноќ ќе ја прослави во странство, во неговото прибежиште во Будимпешта, Унгарија.

Единствено, пред да чукне 24 часот, се разјасни дека тој нема да може да се врати во државата на бел коњ, бидејќи Врховниот суд му ја забетонира 9-годишната затворска казна за „Плацови на Водно“.

Така се заврши и вечната дилема околу неговото враќање, но само за в година, бидејќи не се исклучува можноста некогаш да добие милост од идниот претседател на државата.

АТЕНТАТ ЗА ПРАВДАТА

За изгубената битка со правдата годинава, најзаслужни беа политичарите, кои здружено, налик група обединета во злосторничко здружување, прогласија колективна амнестија.

Со еден удар, преку измените на Кривичниот законик, отепаа две муви, односно ги доуништија предметите на СЈО, а обезбедија и спас за актуелните криминалци во своите редови.

Но, застарувањето на десетици актуелни предмети против поранешни и сегашни функционери, не е единствениот проблем што го предизвикаа шверцерските измени на Кривичниот законик. Тие ќе ги минираат и идните предмети против белите јаки, отежнувајќи ја дополнително работата на истражните органи.

Ако до вчера кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Злосторничко здружување“ важеа за сериозни, со запретена висока затворска казна од над 5 години, повеќе не е така.

Сега, со последните измени на Кривичниот законик, овие дела безмалку се изедначија со кривичното дело кражба, и тоа лесна. Па така, ако некој функционер ја злоупотреби позицијата и украде стотина илјади евра или милиони од државниот буџет, ќе се соочи со затворска казна до пет години.

Арамијата без костум, пак, ако украде значителна вредност, ќе се гони за тешка кражба и ќе добие затворска казна до 10 години.

Со самото намалување на казните, се менува и кривичната, и судската постапка.

Ако досега функционерите со лепливи раце, обвинети за член 353, во судница ги пречекуваше гломазен судечки совет од петмина членови, двајца судии и тројца поротници, отсега ќе им суди само судија поединец.

Сликата е променета бидејќи со намалување на казните, постапката од редовна станува скратена, со скратени рокови за постапување.

Друг аспект по однос на скратената постапка е тоа што, согласно ЗКП, е скратено и времетраењето на притворот.

Притворот пред поднесување на обвинителниот предлог не може да трае повеќе од 8 дена, додека, пак, од поднесување на обвинителниот предлог до завршување на главната расправа, тој не може да трае повеќе од 60 дена.

Друг аспект што е проблематичен и не е усогласен со Законот за јавното обвинителство и Законот за судовите е надлежноста на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и специјализираното одделение во судот за организиран криминал и корупција.

Имено, досега ова обвинителство беше надлежно за гонење сторители по ставот 5, чл. 353 од КЗ, односно ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот, од јавните фондови или од други средства на државата.

Со измените, со оглед на фактот што овој став е избришан, се констатира дека Организиран нема веќе надлежност за постапување по овој член за предмети во кои има висока корупција од страна на функционери, односно основните јавни обвинителства ќе бидат надлежни за гонење на овој член.

Паралелно, истото се однесува и на судот, односно обвинетите што ќе се гонат по чл.353 од ставовите 1 до 4 ќе се судат во основните судови, а не во специјализираното одделение за организиран криминал и корупција.

Но, тоа не е сѐ. Брзоплетите законски измени на површина ќе извадат и нови слабости, кои им одат во корист на криминалците. Дополнително им ги врзаа рацете на инспекторите и обвинителите, бидејќи, покрај скратување на роковите за постапување и ограничување на притворот на само 8 дена, им се кратат и други „алатки“, со кои полесно се докажува криминалот.

Па така, отсега за кривичното дело „Злосторничко здружување“ не е дозволена употребата на ПИ-мерки, односно следење и прислушување.

Ова дело оди во комбинација со други кривични дела, правејќи ги многу посериозни, но сега со намалувањето на казната до 3 години, законодавецот ги сведе на ниво на казнени налози, како на пример за непочитување на ковид-мерките.

ЦРНИ ИЛИ БЕЛИ ЛИСТИ

Со законските измени засега нема зима за поранешните и сегашните функционери, а правдата не ги стресе ниту оние што се најдоа на црната листа на САД. Оваа листа ја составува Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД.

Досега, дел од неа беа околу 12 имиња, главно политичари, а на староседелците од лани, Груевски и Мијалков, годинава им се приклучија уште неколку звучни имиња.

Во славното друштво беа додадени бизнисменот Орце Камчев и неговата мајка Ратка Камчева, како и актуелниот струшки градоначалник Рамиз Мерко.

Друштвото се збогати и со рускиот бизнисмен во земјава, Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, а последен на листата, пак, осамна екс функционерот и актуелен бизнисмен Кочо Анѓушев.

Американската влада, во образложението за Груевски и за Мијалков наведе дека се одлучила на ваков чекор, како одговор на нивната вмешаност во значителна корупција.

Нивните постапки го поткопале владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји ѝ ја нарушиле довербата на јавноста во владите. Слично беше образложението и за другите.

Но, освен тоа што беа ставени на „ѕидот на срамот“, овие ликови од македонската политичка и бизнис-сцена продолжија од таму каде што застанаа.

Иако американските власти очекуваат, дома никој не им поведе кривична постапка за да ги истражат обвинувањата за криминалните активности.

Познавачите коментираа дека оваа листа може да се примени само со одлука на владата. Додека македонската влада не донесе таква одлука што потоа ќе биде објавена во Службен весник, тие листи немаат правна сила во Македонија.

Кратко и јасно, а згора на сѐ и практично. Владата, гледајќи само розово, одби да сврти поглед во црната листа, па така сѐ си остана по старо.

За листата не слушнавме што мисли ниту првиот човек на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази. Тој годинава ја помина во молк, а новинарите добиваа ветување дека обвинителот ќе им даде интервју кога ќе има со што да се пофали.

Очигледно сѐ уште не дошол моментот за фалби.

Единствената светла точка што за момент годинава го осветли кривосудството е што конечно легна некој денар од украдените пари на државна сметка.

Полека, но сигурно, со мали препреки, тече продажбата на имотот на Мијалков, а истиот пат ќе го помине и тајниот имот на Груевски.

НЕКАЗНИВОСТА РОДИ УБИЈЦИ

Системската неказнивост, од која исклучок се само обичните смртници, ги охрабрува криминалците и насилниците со „грб“ да ги повторуваат злоделата, а за тоа да поминат неказнето.

Слободно може да се заклучи дека овој систем го создаде и Љупчо Палески-Палчо, кој заедно со својата криминална дружина е осомничен за киднапирање и убиство на 14-годишната Вања и на велешанецот Панче.

Зад неговото име има неколку кривични пријави, но никогаш не лежеше в затвор. Тој е познат како градежник, кој градел и дивоградби, но и како сопственик на неделникот „Старт“.

Неговиот лик беше дел и од политичката сцена. Во 1998 година станува претседател на градскиот огранок на СДСМ. Познавачите велат дека токму ова е периодот кога тој добива можност да се зближи со тогашниот разузнавач Зоран Верушевски.

Според статистиката на МВР, тој има дебело досие. Во 2019 година му била  поднесена кривична пријава за неовластено прислушување и тонско снимање, а во текот на 2019 година, поднесени се прекршочни пријави поради омаловажување полициски службеник.

Во 2020 година е поднесена кривична пријава за недозволено држење оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година, за лажно пријавување кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување.

Палчо беше „таргет“ и на СЈО, но никогаш против него не беше поднесено обвинение и не беше осуден.

Неделникот „Фокус“, пред три години, истражуваше што се случи со случајот „Никола Тесла“, кој водеше до името на Палчо, но и до мотивите зошто предметот се кочи.

Поточно, во 2017 година, Палчо беше уапсен поради сомнеж дека објавува нелегални прислушувани разговори, но предистрагата никогаш не беше завршена.

Имено, во 2016 година, на јутјуб-каналот „Никола Тесла“ почнаа да протекуваат прислушувани разговори, од кои повеќето приватни. Тогаш најзасегнати беа пратеничката Ермира Мехмети, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, новинарите Оливера Трајковска, Драган Павловиќ Латас, Ивона Талевска, бизнисменот Јордн Камчев, поранешниот премиер Хари Костов и други.

Тогаш Латас побара помош од СЈО и поднесе пријава по што беше отворена предистражна постапка. Шефицата на СЈО ги повика и другите оштетени да дадат исказ во обвинителството.

По една година од пријавата, по наредба на СЈО, Палчо беше уапсен. Тогаш сите медиуми, повикувајќи се на неофицијални информации, објавија дека Палевски е приведен како осомничен за објавување на овие „бомби“, затскривајќи се зад псевдонимот Никола Тесла.

По дваесетина часа поминати во полициска станица и четири часа во просториите на СЈО, тој беше пуштен на слобода.

Од домот на Палевски, истражителите на СЈО одзедоа и компјутери и мобилни телефони, но не беше откриено што пронашле во нив.

„Фокус“ тогаш откри дека СЈО има обезбедено голем број докази за осомничени што поседувале нелегално прислушувани разговори, а со кои наводно уценувале и рекетирале бизнисмени и политичари.

Според нашите доброупатени извори, беа обезбедени и докази и сведочења за извршените изнуди, како и пресметка за тоа колку пари се свртеле од „бизнисот“ со бомбите.

ВРХОВЕН ГО ОБЕЛИ ОБРАЗОТ

Од друга страна, пак, беше нејасно зошто тогаш СЈО овој предмет сѐ уште го држи во фаза на предистрага?

Поради недостиг од официјални податоци, нашите сознанија беа дека се штити одреден осомничен, кој е во роднинска врска со тогашен владин функционер. Односно, ако картите се отвореле до докрај, наводно, и оваа заштитена ѕверка би завршила зад решетки.

Набргу Палевски повторно беше уапсен, во полициска станица во Прилеп, откако претходно, заедно со уште двајца пријатели на собир, на отворено, на разглас пуштаа телефонски разговори од актуелни и поранешни министри. По 24 часа повторно беше пуштен.

И така, неодамна се случи трагедијата со двојното убиство, која ја зацрни годинава што измина.

Примерот со Палчо, најдобро ја отсликува гнилоста на правосудниот систем. Наместо да ги сосече монструмите во корен, им ги шири канџите.

Па така, наместо да се бараат виновниците, кои со години му прогледувале низ прсти, на отстрел најчесто се наоѓаат обвинителите и судиите, кои си ја знаат и професионално си ја вршат работата.

Дека и годинава не ја научија лекцијата, најдобро покажува Судскиот совет, кој по бламот и срамот низ годината, во очи Нова година, на сослушување ја викна претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.

Се „осмелила“ да се пожали дека судиите работат под притисоци и закани од разрешување, па ѝ покренаа дисциплинска постапка, заканувајќи ѝ се со разрешување.

Од друга страна, пак, највисокиот суд се осмели и да донесе и две клучни одлуки, односно да му ја потврди 9-годишната затворска казна на Груевски, и покрај политичкиот пазар за негово „воскреснување“, но и да пресечат дека не ја признаваат аболицијата дадена од екс претседателот Ѓорге Иванов.

Тие, пак, што чуваа предмети во фиоки, сѐ до нивно застарување, наместо тие да се викнат на „сослушување“, сѐ уште правораздаваат.

Сума сумарум, и годинава се испушти шансата маратонот да се трча кон целта, туку повторно, по којзнае кој пат, имавме враќање во рикверц кон стартот!

Поврзани новости