АРХИВА Психопатологијата на психопаторот: Диктатор со лепеза психопатски карактеристики!?

by Fokus

Текстот е објавен на 16 јуни, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1132

Пишува: Јадранка КОСТОВА

Сликата од царскиот луксуз во владината зграда, која деновиве сефте имаа можност да ја објават медиумите, ем информациите за бункерот што Груевски го креирал од премиерскиот кабинет, со непробојни стакла и специјални боци за кислород, сепак малку ме изненадија. Иако, уште од 2011 г. тврдев дека „Преродбата“ е Дијагноза! И во 2012, кога го дијагностицирав груевизмот како идиотизам, слично реагирав за лаѓите на Вардар. Наивно верував дека ваква идиотштина е монтажа, а не реалност.

Да, Груевски замина во опозиција, ама груевизмот не е демонтиран. Затоа МОРА да биде ТЕМА за анализа. За да не се повтори. За да можеме да си ја вратиме нормалноста по една деценија. Но, прво ќе треба да најдеме одговор на повеќе прашања. Како успеа толку совршено да ја зароби државава? Зошто садистички им се одмаздуваше на „душманите“? Како го заведе сиромашниот плебс да му верува нему, а не на своите уши и очи?

ДВЕТЕ ЛИЦА НА НАШИОТ ЈОНУС

 Ако ги занемариме коруптивните и криминални шеми, како заеднички именител на сите досегашни наши владетели, пастирот се истакнува според опсесивната потреба за „царски одаи“. Таква е премиерската капсула во „Шампитата“, ама во тој стил е и скапоцениот ентериер во партиската палата на ДПМНЕ. Небаре е шеик во некој богат емират, а не лидер на партија во Македонија. Но, ваквите „чуда“ лесно ги проголтаа неговите верници.

Катерина Тодороска од Институтот за историја е вчудовидена од „нерационалноста на егзибиционистичката изведба на внатрешноста на ова, од корен сменето, здание“.

„Во неговата денешна појавност, нема рефлексија на мачниот сиромашен живот на македонскиот граѓанин, нема грам македонска историја, нема показ на каква било демократска власт, нема прашинка срам за безумното арчење на нешто што нема никаков призвук од државата што треба да ја претставува“.

Феноменот на груевизмот е и што пастирот владееше 11 години со сиромашната Македонија, ама својата партија ја направи најбогата во Европа. Изворот на парите веќе е тема на обработка на СЈО. Но, овојпат темата не е корупцијата и криминалот, туку каква дијагноза е груевизмот! Од каде ваква потреба за раскош?

Притоа, оддава слика на богот Јонус со две лица. Едното, демек, скромно за народот негов, кој не прогледа, а тајно во своите блиски кругови – невиден раскош што граничи и со кич. На пример, тој набавува најскап мерцедес, но не сака да го видат новинарите или сака плац на врв на Водно, ама, повторно, да изгради ѕид за да не го видат граѓаните?

Дури и реновираната владина внатрешност ја овековечија камерите откако груевци заминаа од таму. И ентериерот на партиската палата е строго чувана од очите на јавноста. Но, некои фотографии од инсајдери, сепак, го пробија ледот. Исто како што порталот Нова ТВ лани објави дека за опремување на седиштето биле нарачани над 50 уметнички слики со позлатени рамки. Најголема, со димензии четири метри на осум метри (ало, 32 квадрати, бре!), бил фамилијарниот портрет на Груевски, заедно со сопругата, двете ќерки и неговата мајка.

„КОЦКИТЕ“ ГИ СТОРИ „ШАМПИТА“

Мегаломанијата се гледа и според скулптурите на плоштадот. За да бидат најголеми повеќето ликови се на коњ, дури и оние како Гоце Делчев, кои не биле коњојавачи. Скулптурата, пак,  „Воинот на коњ“, како што го крстија Александар Велики, е висока 14,5 метри, изработена од бронза и поставена на бетонски постамент висок 10 метри по цена од 17,5 милиони евра. Мегаопсесија!?

Неговата опседнатост, пак, со „барокни“ фасади отиде до таму да стори и архитектонско злосторство. Особено кога владиниот објект, таканаречените „Коцки“ од стакло и метал, ремек-дело наградено и меѓународно признаено, го стори „Шампита“ затоа што така му било ќеф. Го промени и личниот опис на центарот на Скопје, правејќи од него своевиден Дизниленд.

Градбите олицетворени во „Скопје 2014“ претставуваат  досега невидено силеџиство на една владејачка гарнитура во која било држава во светот. Фактите говорат дека градбите што беа изградени, немаат допирна точка ниту со периодот на градење, ниту со општественото уредување, ниту со благосостојбата во државата“, коментира Катерина Тодороска.

Првиот човек, пак, на Асоцијацијата на архитектите, Мартин Пановски наведува дека секогаш имало и ќе има промени на фасади, доградби и надградби, но тие секогаш биле со современ израз соодветен на своето време.

„Историјата не познава ваков третман на архитектурата каков што го имаме во „Скопје 2014“, каде што се преоблекуваат објекти со ретрограден „стил“, барем јас и моите колеги што ги консултирав не познаваме. Повеќе би разбрал да ја имаа храброста на некои режими и комплетно да ги срушеа зградите на Владата, Нама, ЕСМ и сл., а не да ги асимилираат со своите паразитски фасадни интервенции“.

Невропсихијатарот Ѓорѓи  Чадловски, коментирајќи го овој проект, но и сите, како што вели, психопатолошки содржини, посочува дека уште долго ќе размислува за слепата покорност на луѓето кои „пролетерски“ ги прифатија тие идеи, за малку корист, било во владеењето, било во некои материјални добивки, кои социолозите ги класифицираа во клиентелизам.

„Меѓу нив, за моја голема жалост, би ги вклучил моите помлади колеги-психијатри, невропсихијатри, кои молчешкум ги преспаа овие години и на симпозиумите поставуваа многу помалку битни прашања што произлегуваат од струката. Навистина жалам“, вели Чадловски.

„КАПО ДИ ТУТИ КАПИ“ НА РЕЖИМОТ

Од друга страна, иако постојано се затскрива и повикува на народот, па народот, а дел од народот го прогласи за предавнички и за непријателски, сепак Груевски има уште една опсесивност – својата безбедност. Премиерскиот кабинет бил претворен во своевиден бункер со непробојни стакла и специјални врати, доток на кислород. Покрај блиндираниот мерцедес од 600 илјади евра, да потсетам дека и како министер за финансии во воената 2001 година, кога воведе воен данок, набави блиндиран џип од 300 илјади евра.

Пред неколку години го промени законот, со што веќе како бивш премиер, наместо двајца, ќе има шестмина телохранители и не една година, туку 10, колку што владеел. За време на сите протести што последниве неколку години се одвиваа низ Скопје, пак, без двојба, палатата на ВМРО-ДПМНЕ беше со најсилно полициско обезбедување.            Професорот Чадловски смета дека психијатарот не смее да одговара паушално, без личен контакт со луѓето што довеле до некои катастрофални последици. Но, менталната аутопсија дозволува да се претпостави дека во психопатологијата постојат повеќе растројства, кои можат да доведат до такви психопатолошки процеси, кои ќе го растројат логичното расудување и ќе доведат до несогледливи последици за општеството.

Некогаш не мора да е болест. Може да се работи за погрешен развој на личноста, кое доведува до специфични растројства на личноста, како што е параноичната личност, каде што растројството не ги достигнало квалитетите и квантитетите на една ментална болест, која се нарекува параноја, и која може да се карактеризира со делузивни (налудничави) експанзивни мисли на големина, на совршенство.

Личноста е со хипертрофично Его (јас, па јас и никој друг), нарцисоидност, недоверливост, психичка ригидност и пречувствителност на туѓи (па и добронамерни) критики, погрешно расудување, опсесивност, хостилност, агресивност (особено ако некоја негова идеја е спречена да се реализира). Кога сите овие карактеристики, во некои неповолни прилики, ќе добијат на својата грандоманија и експанзивност, параноичната личност ќе еволуира во параноја, која веќе претставува ментално растројство, кое бара соодветен психијатриски третман“, општо коментира Чадловски.

Доктор Мице Дудучки, пак, исто така, невропсихијатар, е сосема конкретен дека „спиритус мовенс“ на оваа „социјална, индивидуална и колективна психопатологија“ е Груевски, како „капо ди тути капи“ на режимот.

„Што поголема беше евидентната психопатологија, тоа повеќе се создаваше култот кон Психопаторот (диктатор со лепеза психопатски карактеристики), а со ненадмината гебелсовштина една деценија и повеќе беше изместена перцепцијата за доброто и злото, беше направена невидена пермутација на вредностите, кои веројатно ќе ги дефинираме како колективен Стокхолмски синдром во болната и патолошка возљубеност кон патолошкиот лажго од Минхаузеновски маштаб“.

МУЗЕЈ НА (НЕ)СРАМОТ

Изминатава деценија беше карактеристична и по успешно посеаното семе на омраза. Постојано пропагандата имаше на лагер лица и цели групации, кои беа на тапет за отстрел. Како во Орвеловата „1984“, со задолжителните „минути омраза“, кои мораа да ја дразнат рајата со бес и гнев кон „измислениот“ непријател на државата. Така набилдани со убиствени нагони беше нормално што груевистите ни го приредија и „крвавиот четврток“.

И покрај речиси 50-годишното искуство во психијатријата и психологијата, не само што не можам да ги разберам оние луѓе што јуришаа на парламентот, со толку агресија и психопатолошка идеологија. Единствено можам да ги разберам преку старите психијатриски концепти дека параноичноста има голема моќ за индукција, старите психијатри велеа, „folie a deux, folie a trоis“, објаснува професорот Чадловски, користејќи ја француската „дијагноза“ дека лудилото е заразно.

Психијатарот Дудучки, пак, го регистрира „патолошкиот нарцизам“, кој бил страшно погоден од загубата на власта. Но, нарцистичкото крвавење на себе го презеле куртонските вувузели, со цел патолошката болка заради неуспехот да се оправда, да се расплини во широките народни маси, а вината за поразот да се префрли кај победникот.

„Нарцистичкото крвавење произведе патолошка омраза кон сѐ што не играше по неговите ноти, па сите оние кои почнаа да ја сфаќаат суштината на психопатологијата на врхушката на режимот, беа сатанизирани до степен на фашизоидна омраза и потреба дури и физички да се ликвидираат „клетите платеници и предавници“, се разбира и поголем дел од „клетите Шиптари“, кои се демонизираа и од поранешни партнери во тендерлендот ДУИ-НГ бизнис станаа „лоши момци“, кои душата му ја продале на ѓаволот, т.е. опозицијата која со судни маки и со пролеана крв стана власт“.

Според архитектот Пановска, омразата е содржана и во „Скопје 2014“. Или, во овој проект може да се прочита омразата на нарачателите кон архитектурата на модерната, која веројатно тие ја доживуваат како репрезент на комунизмот, а не како светска архитектура од средината на дваесеттиот век.

„Ова перцепирање на модерната го имало во речиси сите тоталитарни режими, барем во сите европски од 20 век. Но, барем овие режими биле храбри и рушеле комплетни објекти, што било реткост или ги претворале во магацини и сл., а граделе нови во мегаломански манир. Оваа омраза кон модерната на Скопје, најсликовито може да се согледа во третманот на објектот на Македонската опера и балет, кој заради експресивноста на својата форма беше невозможно да го „преоблечат“ во историски стил, па затоа го обиколија со купишта објекти надевајќи се дека ќе го снема од градската силуета“.

 НЕ Е ДО ОЧИТЕ, ТУКУ ДО ПСИХИЧКАТА СТРУКТУРА

 Но, се чини „барокната“ опсесија предизвика и контраопсесија кај многумина критичари на груевизмот – да се урнат или демонтираат симболите на тој режим. Историчарката Тодороска, сепак, има оригинален предлог:

„Имајќи предвид дека ваков безумен „подвиг“ на штета на својот народ во историјата не направил ниту еден „владетел“, сметав дека на објектот на Владата мора да му се врати стариот лик на оваа зграда. Но, по сѐ што видов, ценам дека зградата на Владата не треба да се менува во ниту еден сегмент. Единствено треба да се сменат буквите и наместо Влада на Република Македонија да стои МУЗЕЈ НА (НЕ)СРАМОТ“.

Многумина се прашуваа како е можно при толку очебијни индиции за криминал, дури и кога „изворно“ за тоа слушаа од „бомбите“, и натаму да веруваат во чесноста на врхушката. Психологот Станислав Петковски го објаснува тоа со човечката психа, која е многу сложен систем, понекогаш неразбирлив.

„Во текот на овие години, особено последните 2-2,5, кога ме прашуваа како е возможно другите да не го гледаат она што и полуслепиот го гледа, велев дека не е до очите, туку до психичката структура“.

Појаснува и дека полесна задача е да го разбереме однесувањето отколку длабочината на психичките процеси. Имено, однесувањето на луѓето, особено во социјалната интеракција се сведува на групни мотиви и на серија адаптации, кои се гледаат во прифаќањето колективни ставови и уверувања, па сѐ до илузии и селективно мислење.

„Одговорноста за сопственото преиспитување обично е препуштено на индивидуата, а кога тоа го прави одредена група, движење или институција, тогаш тоа е повеќе пропаганда и пренесување на уверувања на само еден кој во тој момент се наоѓа на врвот на пирамидата.“

А на врвот на пирамидата вообичаено се пробиваат тие што зрачат со пораката „јас сум еден од вас“!

„Но, тој „еден од нив“, по некое време поради искаченоста на врвот е толку импресиониран од тоа што самата позиција му дава дозвола и најскриените фантазии и желби сега да може да си ги оствари. Другите што го избрале, „иако им е нешто чудно“, сепак веруваат дека тој „еден од нив“ сигурно знае што прави и се базира на тоа дека секој сака да е во право. Така, ако „мојот“ греши, тој е во право, бидејќи ако мене ме претставува, а јас сакам да сум во право, тогаш е во право дури и кога греши“, објаснува психологот.

„НИЕ СМЕ ЛУДАЦИ“

Но, така отпочнува верижната реакција на промените што придонесуваат постепено тие што ги „делегирале“ своите уверувања и желби на „еден од нив“, тој истиот да ги менува и убедува и во најневозможни работи.

„Граѓаните од прислушуваните разговори можеа да чујат речиси сѐ што може да им биде јасно како се владеело, но еден добар дел од нив го перцепираа тоа, а го слушаа својот извор на моќта“, коментира Петковски.

Затоа и овие граѓани, („народот на Груевски“ што тој единствено го признава за патриотски), не се трогнати од луксузирањето на народна сметка, додека секојдневно сме сведоци на разни апели за донации за лекување во странство. Другите, пак, „предавниците“ според филозофијата барем на груевизмот, се згрозени од нехуманите приоритети.

„Сме имале влада во која е поставен под, платен по 7.000 евра квадрат, а нам како на граѓани тоа треба да ни значи дека за 5 квадрати ПОД во зградата на Владата ја изгубивме Тамара“, е ставот на Тодороска.

Се чини дека вистинската дијагно за настраностите со кои се трошеа народните пари ја даде токму екс чуварот на финансиите, Зоран Ставрески, кога во една од бомбите револтирано ќе заклучи „Ние сме лудаци, немаме за леб, а трошиме за чоколади“. Кога и да бендисаа нешто во странство, како плажите на Сена во Париз или Панорамското тркало во Лондон, за будалштина со палмите ич муабет да не арчиме, се однесуваа во стилот „видела жабата коњот се потковува, па и таа кренала нога“. Силни пари така се фрлија во веќе пропаднати луди проекти.

Психијатарот Дудучки прогнозира дека крајот, како и кај секој диктатор „од типот на Николае“ ќе биде јаден, огавен, препокриен со велот на сите гадости и бестијалности што ги чинеше режимот и режимската булумента.

„Тука ќе се појави феноменот на жив песок, или феноменот на жаба во вода која се загрева, „копрцањето“ во живо блато ќе доведе до сѐ подлабоко тонење, а подадената рака за спас веќе никој нема да ја прифати затоа што истите тие раце тој со време ги пушти по канализацијата на злото што сам го инсталираше и практикуваше“.

Се разбира, ќе има уште многу работа за враќање на НОРМАЛНОСТА во Македонија. Или, како што вели Дудучки, време е за „нова пролет“:

„Време е за праќање на психопатите на буништето на историјата, каде што депонијата ќе се санира за да не постои веќе можност да се посее, а уште помалку да процвета семето на злото“.

Што би рекол народот, било, ама да не се повтори!

Рамка 1

Ѓорѓи ЧАДЛОВСКИ, невропсихијатар

ПАРАНОИЧНИ ВЛАДЕТЕЛИ

И сево ова што се случуваше со проектот „Скопје 2014“, ама и со проектот „Македонија“ 10 години, има никулци од експанзивните параноични содржини, кои наликуваат на некои минати катастрофални времиња за светот, а кои ги поведоа параноични владетели.

Да, сите ментални аутопсии правени од истакнати психолози и психијатри зборуваат за овие факти. Меѓутоа, останува отворено прашањето за луѓето што ги прифатија тие идеи и што не покажаа, ама баш никаков подостоен отпор да се спротивстават на тие психопатолошки идеи.

Рамка 2

Мартин ПАНОВСКИ, архитект

НАЛУДНИЧАВА МЕГАЛОМАНСКА ИДЕЈА

„Скопје 2014“ е нечовекомерен зафат. Овој проект има цел да ја покаже „величината“ на нарачателите, а не да им служи на граѓаните. Овој проект нема никаква врска со потребата за сместување на државните институции, ниту со реновирање на постојните објекти, ниту со енергетска ефикасност, како што милуваа да ги презентираат објектите во јавноста.

Овој проект нема намера ни да го смени идентитетот на народот, туку единствено има една налудничава мегаломанска идеја на група луѓе за свое сопствено величање, која не е непозната во историјата на човештвото.

Систематското рушење на историското јадро на Букурешт и изградбата на соц-реалистичкиот центар на Букурешт можеби најмногу наликува на „СК 2014“. Размерот на Чаушима, како што го нарекувале овој зафат на Чаушеску во 1980-тите, е поголем, но идејата е иста.

Рамка 4

Сашо ПЕТКОВСКИ, психолог

ПАТРИОТИЗМОТ – РЕКЛАМЕН БИЛБОРД НА ДИКТАТУРИТЕ

Посветеноста по патриотизмот е обично рекламниот билборд на повеќето диктатури. Но, ваквиот патриотизам е нефункционална форма што го велича својот народ, а го игнорира другиот. Вакви патриотизми се раѓаат и се предизвикуваат едни со други, па така, како олеснителна околност за сите нас, лесно беше повеќето од нас да потпаднат под тоа влијание и да веруваат дека ако сум за „тој еден од нас“, всушност сум за сите. А тој е за себе!

Мице ДУДУЧКИ, невропсихијатар

АНАЛНО-САДИСТИЧКАТА СТРУКТУРА

Ако направиме една кратка психолошка вивисекција и психоаналитичко портретирање на „ликот и зло(делата) на капото“, ќе видиме дека во основа се работи за повеќекратно растројство на личноста, попознато како психопатија, каде што во прв план, експлицитно се манифестира анално-садистичката структура, од која, пак, произлегуваат и другите психопатолошки манифестации – болен нарцизам, до патолошки егоизам, оперираност од морал, непостоење етички вредности кај лице со скромен интелектуален и образовен потенцијал.

Рамка 5

Катерина ТОДОРОСКА, историчар

ГРАДЕЖЕН ХОРОР

Верувам дека зградата на Владата и зградата на ДПМНЕ можат да влезат во секоја туристичка понуда, а од нив да се земат големи пари. Нема да згрешам дека ваков градежен хорор никој и никаде нема да види, како градби од 21 век.

А заради континуитетот на нашето историско опстојување, нова зграда иста како претходната, би можела одново да се изгради на местото на бараките на Општина Центар или на местото на бараките на Град Скопје, која повторно ќе биде на Илинденска со број.

 

 

 

Поврзани новости