АРХИВА Градоначалникот Арсенчо Алексовски еден од најбогатите функционери во земјава: Шефот на Крива Паланка и неговата бизнис империја!

by Fokus 14:37
14:37

Текстот е објавен на 24 јануари, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 955

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Со самото стапување или именување на јавна функција, политичарите прифатиле да жртвуваат значаен сегмент од својата приватност, па речиси во секое време треба да даваат отчет на кој начин располагаат со довербата на народот. Затоа, пренагласената чувствителност, како резултат на перцепцијата оти се работи за тенденција и хајка, тие постојано треба да ја заменуваат со транспарентност во однос на темата: како ја вршат функцијата, како ги трошат народните пари, а богами и како го заработиле приватниот капитал, доколку, се разбира, го поседуваат? Едноставно, наместо предупредувања за тужби, треба да понудат јасни и прецизни одговори за спорните теми бидејќи тие се сосема легитимна цел за опсервација од страна на новинарите и јавноста.

- Advertising -

ПОРАСТ НА ИМОТОТ

Ако одреден јавен функционер бил вклучен и во политиката, и во бизнисот, макар и тоа да било одамна, и ако притоа обезбедил натпросечен имот, тој дефинитивно го заслужува медиумскиот интерес. Во рамките на претходниот опис веројатно веќе многумина го препознаа градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски. Не е ниту министер, ниту директор, ниту градоначалник на некоја од побогатите општини, туку на една мала општина во североисточниот дел на Македонија, но тој секако е еден од најбогатите функционери во државава.

Откако дипломирал на скопскиот Правен факултет, првиот човек на македонската општина во најдалечниот североисток ја почнал својата професионална кариера како раководител на правната служба во шумското стопанство „Осогово“, каде што работел 5 години, од 1986 до 1991 година. Потоа оди на нова должност и две години работи како инспектор во МВР. Од неговата официјална биографија може да се заклучи дека една година пред да ја смени професионалната средина се активира во ВМРО-ДПМНЕ како прв претседател на вмровскиот општински комитет во овој град. На парламентарните избори во 2006 и во 2008 година е шеф и заменик-шеф на општинскиот изборен штаб, а на локалните избори во 2009 и во 2013 година успева да победи.

Според актуелниот анкетен лист, поднесен до Антикорупциската комисија, тој пријавил дека моментално поседува: куќа во Крива Паланка од 250 квадратни метри во вредност од над 15 милиони денари; стан во Скопје од 86 квадратни метри од преку 7 милиони денари; куќа за одмор во селото Гиновци од 92 квадратни метри од преку 5 милиони денари. Исто така, има и две куќи за одмор во селата Узем и Длабочица, со релативно мали квадратури.

Од преостанатиот позначаен недвижен имот вреди да се спомене земјиште во селото Мартиница со приближна квадратура од 32 хектари, при што треба да се има предвид дека еден хектар е еднаков на 10.000 квадратни метри. Вредноста на ова земјиште не е наведена во актуелниот анкетен лист, меѓутоа во анкетниот лист за мандатот од 2009 до 2013 година стои дека оваа земја вреди нецели 220 милиони денари.

Понатаму, во графата личен имот наредени се девизни штедни книшки во повеќе банки во износ од речиси 200.000 евра. Тука не влегуваат побарувањата дадени по основа на заем во 2005 и во 2009 година, во висина од преку 60.000 евра, кои не се наведени со претходниот анкетен лист, како и штедните влогови на неговите деца и на неговата сопруга во износ од над 110.000 евра. Севкупно, тоа се околу 370.000 евра.

Ако се фрли еден поглед и се направи споредба со прикажаното во анкетниот лист од изминатиот градоначалнички мандат на првиот човек на Крива Паланка, забележлив  е благ пораст на заштедите кај семејството Алексовски. Значи, само вкупните штедни девизни и денарски влогови тогаш изнесувале приближно 300.000 евра, што е разлика од околу 70.000 евра.

ПРЕКРШОЧНА И КРИВИЧНА ПОСТАПКА

Инаку, Алексовски во 1993 година се вработува во „Траншпед комерц“, друштво за шпедиција, кое во меѓувреме ја промени сопственичката структура и називот на фирмата во „Виатор и Вектор“. На позицијата раководител на филијалата во Деве Баир, Алексовски останува сè до 2006 година, кога доаѓа до промена на централната власт во земјава. Потоа формира сопствена компанија „Траншпед трејд“, која функционира и до ден-денес со неколку подружници. А, подружница број 1, како што е заведено во листата на оператори на јавни комуникациски мрежи во Советот за радиодифузија, е кабелската телевизија во Крива Паланка „Тран кабел“.

Во тој контекст, Министерството за култура во 2008 година поднело барање за поведување прекршочна постапка за „Тран кабел“, односно „Траншпед трејд“, како и против одговорното лице Арсенчо Алексовски, за повреда на Законот за радиодифузна дејност. Кривопаланечкиот суд ги прогласува за виновни и компанијата, и лицето, бидејќи дозволиле да се реемитуваат некои програмски сервиси оригинално на англиски, српскохрватски и на бугарски јазик, без да бидат титлувани на македонски јазик, изрекувајќи казна од 500 евра за правниот субјект и 100 евра за физичкото лице. Градоначалникот Алексовски тврди дека оваа одлука е укината по поднесена жалба.

Освен тоа, тој е делумен сопственик и на кабловска телевизија во соседното Куманово. Станува збор за „Мултимедија нет“, во која со кумановецот Драги Јакимовски поседуваат по 50 отсто. Оваа компанија произлегува од „Оптикал нет“, која првично ја поседувале три лица, но, како што самиот ни објасни, по извесни недоразбирања двајцата претходно споменати ја формирале „Мултимедија нет“, додека третиот партнер во „Оптикал нет“ ја основал „ИП системс“.

Градоначалникот Алексовски дошол во контакт со судот и преку кумановската кабелска телевизија. Според официјален допис од Основниот суд Куманово, против градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, во тек е постапка заведена под К.бр.235/13 поради „постоење основано сомнение дека сторил кривично дело од член 157, став 4, од Кривичниот закон“. Оваа одредба од КЗ предвидува парична казна или затворска казна до три години за тој што „неовластено ќе објави, прикаже, репродуцира, дистрибуира, емитува или на друг начин ќе посегне по туѓо авторско или сродно право, односно авторско дело…“.

Јас сум еден од сопствениците на кабелската телевизија во Куманово, „Мултимедија нет“. Не можам да одговорам за работата на фирмата, туку, според законот, одговара управителот. Јас бев повикан, го дадов моето мислење и сум ослободен од секакво гонење – нагласува тој.

ПРИЈАТЕЛСКИ ФИРМИ

Покрај сопствените компании, кои имаат други управители, на градоначалникот Алексовски му се припишува блискост и со други приватни фирми што функционираат во, условно кажано, неговиот град. Една од нив е градежната компанија „Мијоли“, со која општината пред неколку години склучи договор за јавно-приватно партнерство за изградба на деловно-административен објект веднаш до старата општинска зграда, која веќе е во финална фаза. Од вкупната површина на објектот од 1.012 квадратни метри, според одлуката за избор на најдобар понудувач, 46,5 отсто ќе ѝ припаднат на општината, а 53,5 отсто ќе му припаднат на приватниот партнер.

Извештајот за тековната состојба, издаден од Централниот регистар, потврдува дека оваа градежна компанија е регистрирана во скопска Кисела Вода, ама нејзиниот сопственик и основач, Јовица Стојанов, е од селото Конопница, во непосредна близина на Крива Паланка. Во извештајот се наведува дека големината на правниот субјект е „мала“, што е особено интересно, со оглед на тоа што таа треба да го понесе целиот финансиски товар во, условно кажано, инвестицијата од над половина милион евра, или точно 541.658 евра. Толку е проценето партнерството со општината, која, пак, учествува со земјиштето, комуналиите и со техничката документација.

Згора на тоа, на сајтот на Бирото за јавни набавки стојат известувања за неколку склучени договори меѓу Крива Паланка и „Мијоли“. Меѓу нив е и оној од средината на 2013 година за набавка на градежни материјали во износ од 2.500.000 денари. Во известувањето за склучениот договор се наведува дека постапката била отворена, а критериумот за избор бил најниската цена. Но, податокот дека наведената сума била најниска, а воедно и највисока понуда, упатува на заклучокот дека на тендерот не се јавила ниту една друга компанија, исто како и во двата повторени повика за склучување јавно-приватно партнерство за изградба на новиот објект во кој општинската администрација ќе се пресели оваа година.

Порано таму имаше барака од 150 квадрати руиниран простор. Кога дојдов за градоначалник, цркнаа неколку компјутери бидејќи прокиснуваше дожд од сите страни. Доколку го сменев кровот, ќе требаше да дадам околу 30.000 евра и дојдов до идеја за јавно-приватно партнерство за нова општинска зграда, од која првиот и вториот кат ќе бидат за приватниот сопственик, а третиот и четвртиот за нас. Со тоа добиваме 475 квадрати нов простор со клуч на рака без да вложиме ниту денар, а приватниот партнер  добива 530 и нешто квадрати. Најодговорно тврдам дека во РМ и пошироко никој нема постигнато таков процент – вели Алексовски.

Алексовски признава дека сопственикот и основачот, Стојанов, му е пријател и е сигурен дека оттаму влечат корен гласините за блискоста со оваа компанија.

Ми ја припишуваат и спортската обложувалница „Плеј Ин“, само зашто Тони од Кочани ми е пријател – се надоврзува тој.

ДРЖАВНИ ОРГАНИ И НЕЗАВИСНИ ТЕЛА ПРОТИВ ОПШТИНАТА

Освен што ги демантира тезите за фаворизирање одредени приватни компании, иако не ги одрекува другарските релации со првите луѓе на тие фирми, градоначалникот Алексовски не ги крие проблемите со неколку вработени од 50-члената општинска администрација. Во однос на жалбите на двајца вработени, тој вели дека за еден вработен имало дисциплинска постапка и лично тој барал да биде отстранет, но потоа се договориле да остане на работа. Што се однесува до друг вработен, пак, неговото работно место е непотребно, но моментално неговиот статус е неодреден и треба да му се најде некое чаре.

Според документацијата што ја поседуваме, вториот случај се однесува на вработен во Одделението за финансирање, буџет и администрирање даноци и имот во Општина Крива Паланка. Уште од 2011 година, вториот државен службеник, задолжен за пресметка на даноците, меѓу кои и главниот данок на имот, се соочува со дисциплински мерки за дисциплинска неуредност, по што бидува ем парично казнет, ем вратен едно ниво подолу во општинската хиерархија, од виш соработник во соработник. Сето тоа на крајот завршува со обид за отстранување од работа поради воведување нова систематизација, во чии рамки неговото работно место е непотребно.

Имено, на 27 септември 2013 година, овој вработен во општина Крива Паланка добива решение за престанок на вработувањето поради „промена во внатрешната организација, со укинување на работното место поради деловни причини“. Во образложението на решението стои дека градоначалникот донел измени на систематизацијата, така што обемот на работа што ја извршува е „периодичен“ и, меѓу другото, „економски неоправдан“.Се вели дека, во согласност со практиките за штедење и ефикасно работење, државниот службеник не поседува стручна квалификација за вршење на работни задачи со согласност со правилникот за систематизација.

Арно ама, службеникот поднесува жалба со Агенцијата за администрација, чија комисија за решавање по жалби и приговори во втор степен, жалбата му ја уважува, го укинува решението за престанок на работниот однос и предметот го враќа на повторно одлучување. Во образложението е наведено дека не била утврдена целосната фактичка состојба и не било применето правото. Пред сѐ, тоа се однесува во делот за обврската дека, кога работното место било укинато, морало да се предложи програма за прераспределување на државните службеници, чии места се укинуваат, на други работни места.

Сепак, ова не застанало тука. Два месеца подоцна, поточно на 11 ноември 2013 година, истото лице повторно добива решение за престанок на вработувањето, а Агенцијата за администрација повторно ја прифаќа жалбата на државниот службеник. Во прилог на тоа, Агенцијата детално објаснува дека основа за престанок на работен однос во Законот за државни службени е спогодба, сопствено барање, повреда на службена должност, осуденост за кривично дело, неоправдано отсуство, незадоволителна оценка… Таа се повикува и на Синдикатот на управни органи и тела, кој изнесува храбра констатација дека „причината за престанокот на вработувањето на државниот службеник се нарушените односи со работодавецот, што не е во согласност со ниту еден постоечки закон“.

Овој случај заврши и пред Народниот правобранител и Комисијата за заштита од дискриминација. Како што моментално стојат работите, службеникот моментално оди на работа во Општината и зема плата, но, всушност, ништо не работи бидејќи е исклучен од системот, иако, според Законот за работни односи, работодавецот мора да му дава работни задачи на вработениот. Ова е така бидејќи претходно неговите должности му се доделени на „помлад ревизор“ со објаснување дека тој „многу ефикасно и стручно“ ќе ги извршува работните задачи.

ОБЈАСНУВАЊЕ ЗА СИТЕ ТЕМИ

Од сето тоа е очигледно дека многу интересни приказни се врзуваат околу Општина Крива Паланка и нејзиниот градоначалник Арсенчо Алексовски. За разлика од многу други функционери, тој без многу размислување се согласи да одговори на спорните теми и на отворените прашања и мора да се признае дека речиси за секое прашање имаше објаснување. Па, дури и за неговото богатство, кое можеби е несразмерно во однос на чиновничките плати во Македонија, ама никако, гледано од агол на приватниот бизнис. Наше е да ги изнесеме информациите што ги поседуваме, проследени со изјави и коментари на главниот лик во овој текст, а институциите, таму каде што се повикани, нека го кажат својот збор. Таму каде што не се, пак, читателите сами нека донесат суд.

РАМКА 1

НЕ СУМ ДРВО БЕЗ КОРЕН

Градоначалникот на Крива Паланка вели дека неговото дебело имотно досие не е резултат само на неговата бизнис-активност, туку и на неговото потекло од богато семејство.

Јас не сум дрво без корен. Моето семејство било едно од најбогатите семејства во Паланка во 1946 година, кога била извршена аграрната реформа. Татко ми бил свештеник, а на времето свештениците ги распределувале каде што имало потреба. Нам ни се на времето одземени над 100 хектари земјиште, дел од тоа успеав да го вратам со денационализацијата – раскажува Алексовски.

РАМКА 2

ОД ВОДАТА ШТО ЈА ПИЕМЕ, ЌЕ ПРАВИМЕ И СТРУЈА

Склучивме договор за јавно-приватно партнерство за изградба на хидроцентрали, така што од водата што ја пиеме, ќе произведуваме струја и ќе остваруваме приход од околу 70.000 евра, вели градоначалникот Алексовски. Освен тоа, како што објаснува тој, со приватниот партнер договориле промена на дотраената канализациска мрежа, без тоа да чини ниту денар. Според него, оваа општина е една од најуспешните, пред сѐ, во прекуграничната соработка бидејќи во овој период реализира три проекти во износ од околу илјада евра.

Поврзани новости