АРХИВА Мртви донирале пари за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ

by Fokus

Текстот е објавен на 17 февруари, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1115

Валентина ВУРМО

Верувале или не! Земјоделци, секретарки и учителки, пензионери и редари, донирале пари за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за јунските избори. Секој по 1.000 евра! Цела една бригада од 530 луѓе така собрале 510.000 евра за да ѝ овозможат победа на својата партија.

Ова е извадок од истражување на „Фокус“, напишано кон крајот на 2011 година, за финансирањето на тогашните парламентарни избори.

Новата, проширена и надградена верзија, би звучела вака: Верувале или не! И мртовци донирале за ВМРО-ДПМНЕ! Па, кога им беше овозможено да гласаат на минатите изборни циклуси, зошто, пак, да не можат и финансиски да ја помогнат партијата?

Шегата настрана, но како што починати лица беа, а можеби и сѐ уште се дел од избирачкиот список, така неколкумина мртовци се јавиле како донатори на ВМРО-ДПМНЕ, поточно биле злоупотребени нивните матични броеви.

Како што дознава „Фокус“, истрагата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ покажала дека неколку уплати биле извршени со уплатници на кои биле напишани имиња на живи лица, но со матични броеви на починати?!

Кој и зошто правел вакви малверзации, истрагата допрва треба да докаже, а она што со сигурност може да се каже, до овој момент, е дека огромен број лица што се најдоа на финансиските извештаи на партијата како донатори и пред обвинителите на Катица Јанева негирале дека му дале пари на ВМРО-ДПМНЕ.

ВЕЛАТ СУМ ДОНИРАЛ 1.000 ЕВРА, А НЕМАМ ЗА ЛЕБ

 Да имав 1.000 евра ќе си ставев заби, се правдала една бабичка пред обвинителите од СЈО, која од партијата била посочена како донатор. Други, пак, велеле, да имале толку пари, а немале поради скромната месечна заработувачка од 200 евра, ќе ги даделе на своите деца, а сигурно немало да ги донираат на партијата, бидејќи не им стасува ниту за леб.

Ваквите сведочења ги потврдуваат сомневањата што се шират со години дека дел од донациите што ги прибира партијата се фиктивни, за да може кешот собран на разни начини легално да се уфрли во партиската каса.

Според неофицијални извори, СЈО најпрвин тргнало да истражува како партијата ги собрала парите од донатори во 2014 година поради сомнеж за нелегално финансирање, кој произлегол од прислушуваните разговори меѓу високи функционери во партијата, а кои досега не беа објавени во јавноста. Наводно, на снимките можело да се слушне како била организирана целата шема, односно се давале насоки на чии имиња да бидат пополнети уплатниците и кога и на колкава сума да бидат уплатени.

Сепак, не се исклучува можноста обвинителите да ги чешлаат и останатите финансиски извештаи на партијата, особено оние по 2011 година.

Во 2014 година, ВМРО-ДПМНЕ во три наврати собирало пари и тоа, редовни донации преку целата година, и по еднаш за предвремените парламентарни и претседателски избори.

И „Фокус“ ѕирна во толку озборуваниот финансиски извештај на ВМРО-ДПМНЕ за 2014 година, во кој се прикажани средствата собрани од донации преку целата година. Таа година за партијата од уста одвоиле вкупно 3.145 донатори, кои заедно собрале 1.656.719 евра. Она што е значајно да се истакне е фактот што иако донаторите можеле да донираат кој било ден во период од 365 дена, сепак, најголемиот дел од уплатите биле извршени на два датуми. Поточно на 21 јули, кога поголемиот дел од граѓаните се на летен одмор, дури на 526 им текнало да отидат во банка и да уплатат сума од 10.000 до 100.000 денари. Три дена претходно, пак, или на 18 јули, уплата извршиле 466 донатори. Голем дел од граѓаните донирале и на 22 и на 23 јули, или вкупно 377. Билдање на сметката имало и непосредно пред најлудата ноќ, односно на 23 и на 24 декември уплати извршиле 333 граѓани. Извесен Александар Димчевски донирал точно на 31 декември и тоа 51.000 денари.

На овој список, но и на оние што следуваат, се сретнува името на почитуван лекар, кого го прашавме дали навистина донирал 1.000 евра, колку што е наведено. Соговорникот замоли да биде анонимен, за да нема последици, но призна дека не донирал.

За последните избори во декември ни скратија од платата, но во 2014 со сигурност не сум донирал. Веќе ми се гади од злоупотребата на нашите имиња, истакна нашиот соговорник.

ТРАНСПАРЕНТНОСТ МАКЕДОНИЈА: ШТИМАЊЕ НА ИЗВЕШТАИТЕ ОД ЕПСКИ ПРОПОРЦИИ

За нерегуларности на финансирањето на изборната кампања во 2014 година, веднаш по изборите, реагираше и невладината организација Транспарентност Македонија. Од таму предупредија на финансиски дубиозна изборна кампања, повикувајќи ги надлежните институции да го расчистат криминалот, но обвинителството очигледно не го слушна повикот.

Според анализите на невладината, за изборната кампања за претседателските избори, ВМРО-ДПМНЕ, според трите поднесени извештаи до крајот на изборната кампања имала 485.000 евра собрани од донации, а расходи од 770.000 евра. Така, со завршувањето на вториот изборен круг, се создаде дупка од 285.000 евра, а минусот на сметката стои сѐ до поднесувањето на конечниот извештај на партијата.

Имено, за практично 2 дена, во периодот од 21 до 23 мај, на претседателската изборна сметка се внесени 260 илјади евра, што е дури 30 отсто од претходно собраните 770 илјади евра, за да се покрие дупката. Ова, повторно, е злоупотреба на Изборниот законик, која се перпетуира веќе три изборни циклуси! Во конечниот извештај, исто така, се вели дека во постизборниот период се направени расходи од речиси 110.000 евра. Така, со измените на состојбата на претседателската изборна сметка, салдото покажува минус од 130.000 евра. Она што надлежните требаше да го проверат е и како за само два дена се собираат 260 илјади евра и тоа еден месец по изборната победа, предупредуваа од Транспарентност Македонија.

Штимање, според нив, имало и во конечниот финансиски извештај за парламентарните избори одржани истата година. Нивните приходи се 1.295.000 евра, поголемиот дел собрани од членарина, а останатите од донации, а расходите 1.412.000 евра, што покажува минус од 118.000 евра. Тој, пак, бил покриен од парите кои партијата ги добила од буџетот, бидејќи за секој освоен глас следува надомест од 15 денари. Па, така, за освоени 481.615 гласа, партијата добила точно 118.000 евра.

Ова повторно претставува финансиско „штимање“ од епски пропорции, заклучува тогаш Транспаренси Македонија, повикувајќи ги институциите да испитаат како партијата собрала 850.000 евра од членарини.

 ПОЗНАТИ ЛИЧНОСТИ НЕГИРААТ ДЕКА ДОНИРАЛЕ

 И наредната 2015 година, ВМРО-ДПМНЕ собрала речиси 1,5 милион евра преку донации. Тогаш уплата на партиската сметка извршиле вкупно 3.675 физички лица, а најголемиот дел од парите, или 73 проценти од вкупните донации биле дадени за само 12 дена.

На списокот се најдоа и пратеникот и лекар Андон Чибишев, актерката Арна Шијак-Дамовска, хирургот Никола Груев, актерот и директор на Драмски театар Роберт Вељановски, за кои е наведено дека донирале по 1.000 евра, но тие во изјави дадени за Нова ТВ негираа дека донирале.

Последен пат донирав во 2011 година, им изјавил Чибишев на колегите од Нова ТВ.

Хирургот Груев дури ги проверил своите трансакции, по што истакнал дека не дал 40.000 денари за партијата. Изненадена била и актерката Шијак-Дамовска. Таа во списокот е наведена како донатор на 60.000 денари, а вели дека не дала ниту денар. Истиот одговор го добиле и од нејзиниот колега, актерот Вељановски, кој бил шокиран што неговото име се нашло на финансискиот извештај.

Не сум дал пари и остро демантирам, одговорил актерот. Но, уште вечерта се јавиле со реакции. Вељановски, Чибишев и Груев посочиле дека, сепак, се сетиле дека донирале за партијата, а Шијак-Дамовска истакнала дека по објавениот напис се почувствувала злоупотребена во, како што посочила, дневно банални пресметки.

Вака звучел и одговорот на многумина граѓани, кои во изминатиот период биле повикани на разговор во СЈО. Досега се сослушани стотина сведоци, од кои голем дел се од Охрид и од Штип.

Како што дознаваме, обвинителите во СЈО имаат полни раце работа бидејќи им преостанува да разгледаат голем дел од материјалот и да сослушаат уште многу сведоци.

Од СЈО не откриваат дали покрај финансиските извештаи на партијата, истражуваат и како ВМРО-ДПМНЕ успеало да се здобие со имот вреден 60 милиони евра. Според истражување направено од СКУП, оваа партија поседува 93 имотни листови во кои е запишана вкупна површина поголема од 33.000 квадратни метри. Ова ја прави партијата една од најбогатите и најимотни партии во Европа.

ГЕШКОСКА НЕ СМЕЕШЕ ПО ГРУЕВСКИ, ПА УДРИ ПО ЗАЕВ

Да не бидат покуси, и од Основното јавно обвинителство – Скопје отворија истрага за изборни нерегуларности, но нивна мета е СДСМ. Со штури информации истакнаа дека истрагата ја отвориле „уште“ во 2016 година, правдајќи се дека не му контрираат на СЈО. Додаваат и дека постапуваат по добиена кривична пријава од надлежна институција, без да откријат која е таа.

Од обвинителството со кое раководи Гордана Гешкоска велат дека оформиле предмет против организаторот на изборната кампања и други лица, како и против правно лице, во случајот партијата.

Делата за кои е отворена постапката се во врска со употреба на недозволиви средства за изборна кампања и давање лажни податоци во финансиските извештаи, велат од скопското јавно обвинителство.

Оттаму додаваат и дека досега сослушале 70 сведоци, а како што дознаваме истрагата ја води обвинителот Јован Цветковски.

По многубројните критики испратени на адреса на Јавното обвинителство, дека истрагите им траат цела вечност, дека намерно чуваат предмети во фиока или под тепих и дека делата им застаруваат, сега на дело покажуваат дека и тие знаат да работат „ажурно“.

Но, она што не може да се избегне, зашто премногу боде во очи, е прашањето зошто не беа толку ажурни и во 2008 година, кога по допрен глас требаше да отворат истрага за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тогаш некогашниот студентски лидер и активен член на ВМРО-ДПМНЕ Самоил Малчески јавно истакна дека иако не донирал за партијата, тој, неговата мајка и сестра се нашле во финансискиот извештај за 2006 година како донатори и тоа, дека донирале 550.000 денари.

Обвинителството тогаш се направи глуво, но немаше бегање во 2013 година, кога во интервју за неделникот „Фокус“ Малчески го повтори скандалот. По упорно барање одговор, дали сега конечно ќе отворат истрага, републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски истакна дека го прочитал написот во неделникот, по што овластувањето да постапува со предметот му го препуштил на скопското јавно обвинителство.

Засега единствено можам да кажам дека е отворен предмет, по допрен глас, и ќе се работи за да се утврди дали има сомнежи за сторено кривично дело. Неблагодарно е уште сега да се прогнозира што ќе се случи, ни одговори тогаш обвинителката Гешкоска.

По повеќе од две години „истрага“ на 4 декември 2015 година Малчески писмено бил известен дека таа е запрена.

Ве известуваме дека ова јавно обвинителство нема да поведе кривична постапка, бидејќи по направените проверки, произлезе дека не постои основано сомневање дека било извршено наведеното кривично дело, ниту друго кривично дело кое се води по службена должност, се вели во известувањето кое на Малчески му го испратил јавниот обвинител Сашо Рајчев.

ВРВОТ НА СДСМ ПРИСЛУШУВАН СО ПИ-МЕРКИ ВО ИЗБОРНАТА КАМПАЊА!

Обвинителот му појаснил на Малчески дека покрај него, била испрашана и Гордана Јанкулоска, како организатор на изборната кампања, а направиле и проверки во партијата, во Државната изборна комисија, во Државниот завод за ревизија, во Народна банка и во Централна кооперативна банка АД Скопје, но од направените проверки не можело да се утврди дали извршиле уплати, бидејќи зборот на Малчески бил против зборот на Јанкулоска.

Обвинителот се оправдал дека и по направените проверки во Централната кооперативна банка, која била правен следбеник на Силекс банка, а во која тогаш била отворена сметката на ВМРО-ДПМНЕ за изборната кампања, не можело да се утврди кривично дело. Поточно, произлегло дека банката не ги чува уплатниците од Малчески и неговата сестра и мајка бидејќи истекол законскиот рок од пет години за нивно чување.

Со тоа се оневозможува да се направи графолошко вештачење врз уплатниците за да се провери дали овие три лица ги пополниле и потпишале истите, напишал обвинителот Рајчев.

Додека со години се токмеа да отворат истрага за овој скандал, сега покажуваат невидена ажурност, но во случајот осомничени се луѓе кои смеат да ги гонат, односно не само што имаат одврзани раце, туку добиваат и ветер во грбот.

Осомничените од СДСМ се гонат за сторено кривично дело Злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања од член 165-а од Кривичниот законик. За ова дело им се заканува затворска казна од најмалку пет години, која беше стокмена за Љубе Бошкоски непосредно пред да биде уапсен, со измените на Кривичниот законик во 2011 година.

„Со казна затвор од најмалку пет години ќе се казни одговорното лице во правно лице кое нема да пријави донации и други средства за финансирање на изборна кампања, ќе го спречи надзорот над финансирањето или помагањето на друг начин на изборната кампања, нема да поднесе финансиски извештај или ќе даде лажни или непотполни податоци за дадени донации и други средства“, се вели во членот 165-а на Кривичниот законик.

Иако обвинителството не открива кое изборно финансирање на СДСМ го истражува, сепак дознаваме дека станува збор за неодамнешните избори одржани пред два месеца, а предистражната постапка се води од октомври, или за време на изборната кампања. Според неофицијални информации на „Фокус“, во овој период  со употреба на Посебни истражни мерки биле прислушувани телефонските разговори на челните луѓе во партијата. Од Заев, до носителите на пратеничките листи како Стево Пендаровски, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Радмила Шекеринска, Петре Шилегов како и Бранко Георгиевски, кој во финансискиот извештај на СДСМ е наведен како организатор на изборната кампања.

Ова значи дека изборната тактика на функционерите од СДСМ не се договарала во четири очи и уши, туку ја слушале уште неколкумина.

Сега останува да се почека кое обвинителство прво ќе истрча со обвинителен акт. Од јавното обвинителство, иако се обидуваат да држат чекор со СЈО, сепак ќе им оди потешко, бидејќи од СДСМ уверуваат дека за нив не донирале мртовци. Така што, во тој поглед, вмровците се недостижни!

 Рамка

 Од 2011 до 2016 година ВМРО-ДПМНЕ собрало 8 милиони евра од донации

Според финансиските извештаи на ВМРО-ДПМНЕ, објавени на сајтот на Државниот завод за ревизија, од 2011 до 2016 година биле собрани осум милиони евра од донации. Тука недостасува уште сумата од извештајот за минатата година бидејќи сѐ уште не е објавен.

Додека, пак, според податоците објавени во медиумите за 2006, 2008 и во 2009 година, биле собрани 4,7 милиони евра.

 Рамка

 Сѐ уште стои долгот на ВМРО-ДПМНЕ од 3,3 милиони евра

Финансирањето на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ за изборите во 2011 година остана запаметено по дупката што ја направи партијата од 3,3 милиони евра. Поточно, партијата пријави минус, кој и ден денес не е затворен. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ пријави дека за кампањата потрошила 4,4 милиони евра, а добила приходи од 1,1 милион евра. Иако партијата имаше рок да го покрие долгот а тој не се испочитува, и покрај тоа Антикорупциската комисија реши да не ја истражува огромната разлика во приходите и расходите на владејачката коалиција.

ВМРО-ДПМНЕ отиде во минус и на последните парламентарни избори што се одржаа во декември. Во првиот финансиски извештај од 21 до 30 ноември, партијата пријавила дека собрала 7,4 милиони денари од донации, а пријавила расходи од речиси 44 милиони денари.

Во вториот финансиски извештај од 1 до 9 декември, партијата пријавила дека од донации собрала приходи од 10,7 милиони денари, а имала расходи од 73 милиони денари.

Поврзани новости