АРХИВА Како пријателот и братот на Тачи станаа најголеми акционери во тетовски „Интерпромет“ покрај државата?!

by Фокус

Текстот е објавен на 14.03.2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 962

Влезот на ДПА во владата на Зоран Заев предизвика силни негодувања во јавноста, со оглед дека Мендух Тачи важеше за еден од главните колаборационисти на претходниот режим на Никола Груевски, кога на неговиот прв братучед Сашо Мијалков му изразуваше „верност до гроб“. Кога Тачи и Мијалков во 2014 година ја оддржаа фамозната средба во скопскиот ресторан Сушико, Фокус пишуваше за влијанието и удделот што го има Тачи во поранешната тетовска општествена компанија Интерпромет, приватизирана на спорен начин за време на владата меѓу ДПМНЕ и ДПА. Веднаш потоа, Тачи јавно обелодени содржина од смс-пораки што му ги праќал Заев, кој своевремено барал средба со првиот човек на ДПА бидејќи двајцата имале поддршка од надвор. Сепак, Тачи и Заев ги заборавиле конфликтите и ударите од минатото, штом постигнаа договор за соработка.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Опозицискиот СДСМ со соочува со повеќе проблеми во пресрет на комбинираните претседателски и парламентарни избори. Покрај психолошкиот притисок од последователните изборни порази во серија, пред себе имаат забревтана машинерија наречена ВМРО-ДПМНЕ, која сè уште не покажува знаци на замор и истрошеност.

Згора на тоа, новоформираните опозициски партии се закануваат да откинат еден сегмент од нивното гласачко тело. Да биде ситуацијата уште покомпликувана, не може да сметаат на албански партнер ниту на елементарно ниво на соработка бидејќи се чини дека и двете најголеми албански партии нивниот интерес повеќе го наоѓаат во партијата на премиерот Никола Груевски.

Ако може да се сфати „блискоста“ на ДУИ со ДПМНЕ, зашто во крајна смисла станува збор за две владејачки партии кои мора да соработуваат врз основа на легитимитетот од избирачите, тогаш тешко разбирливо е однесувањето на ДПА. Имено, оваа партија ја оправдува опозициската улога делумно, само од аспект на нивната целосна критика кон албанскиот ривал.

Генерално, во нивните настапи не може да се прочита критика за владата како севкупна целина или за поголемиот нејзин дел. Дури и за „антиалбанските проекти во режија на ВМРО“, нели, виновен е малцинскиот акционер на Илинденска, Али Ахмети, затоа што тоа го дозволил во улога на сервилен вазал на Груевски.

И додека Мендух Тачи и неговите сопартијци штедат зборови за поранешниот коалициски партнер, нивниот арсенал е полн со вербални оружја за Зоран Заев. Патем, по лидерската смена во опозициската партија, Тачи ја одби средбата со Заев со образложение оти не гледал причина зошто двајца опозициски лидери би се среќавале?!

Тогаш, се поставува прашањето какви причини видел за неодамнешната средба со директорот на тајната полиција Сашо Мијалков? Инаку, Мијалков е прв братучед на премиерот Груевски, со кого Тачи, исто така, најде доволно силни аргументи да се сретне пред изминатите локални избори, набрзо откако расчисти со Бранко Црвенковски.

ОД ДЛАБОКА СЕНКА ДО ПОВТОРНО РАЃАЊЕ

Токму во овој период се засилува впечатокот за крајно неконзистентната политика на ДПА, чија единствена константа е постојаното менување на политичките ставови. Притоа, постојаните изборни порази Тачи знае да ги прикаже како триумф доколку ги исчисти другите опозициски партии или, пак, ако го зголеми бројот на гласови во споредба со претходниот изборен циклус.

Во немоќ да ѝ се спротивстави на ДУИ во рамките на албанскиот кампус по 2001 година, јасно е дека ДПА не може да пробие самостоен пат до мнозинството од албанските гласачи. Исфрлувањето од владината коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во 2008 година и формирањето на „Нова демократија“ на Имер Селмани, го фрлија Тачи во длабока политичка сенка.

Па, тој го бојкотираше парламентот со оние свои неколку пратеници кои не преминаа на страната на Селмани, како и лидерските средби на кои се одвиваше политички дијалог. Сепак, дебаклот на НД на парламентарните избори пред три години означи повторно раѓање на ДПА, која стана фактор на политичката сцена.

Но, и понатаму војуваше против опозициска партија, овојпат НДП на Руфи Османи. Условно добитната комбинација Тачи-Османи за загрозување на Ахмети уште во зачетокот ја изјалови лично Тачи, покажувајќи дека побитно му беше да понижи еден опозициски лидер отколку со здружени сили да му се спротивстават на неприкосновениот албански лидер.

Во меѓувреме, лидерот на ДПА се впушти во кратка авантура и со Црвенковски, која беше замислена како техничка соработка на изборите, но и таа доживеа фијаско. Непредвидливиот Тачи еднострано ја прекина соработката уште пред да почне со банален, повеќе технички отколку суштински изговор, за неможноста од постигнување договор во Струга.

Индикативно беше што во тој период ДПА не ја поддржа сдсмовската иницијатива за изгласување недоверба на владата, туку гласаше воздржано, и покрај тоа што целта на овој потег беше демаскирање на наводниот конфликт меѓу владејачките партнери. Подоцна, партијата на Тачи беше целосно неутрална и за време на инцидентот во Собранието на 24 декември…

Ако досегашното дејствување на албанската опозициска партија не беше доволно без резерва да се заклучи дека се затоплуваат односите меѓу ВМРО и ДПА, такви дилеми повеќе не постојат. Дури може да се каже и дека веќе повторно е воспоставена традиционално добрата врска меѓу поранешните коалициски партнери.

Како поинаку би се објаснила средбата на Тачи и Мијалков на очиглед на половина Скопје, во најфреквентното место во центарот на Скопје, плус во најпрометното време од денот? Додека комуникацијата меѓу партиите на разни нивоа и преку разни канали се одвива строго тајно или полутајно, старите добри познаници се состануваат пред очите на сите.

Што се разговарало на оваа средба, каква порака и кому треба да испрати средбата – остана во доменот на шпекулациите и во доменот на одредени обвинувања. Случајно, или не, по овој состанок Тачи се заинтересира активно да учествува на претседателските избори како противтежа на најавата на Ахмети дека ќе работи тие да пропаднат.

Во натпревар без соодветен противник не може да се издвојува победа. Затоа, на крајот ова ќе се сведе на легитимирање на изборниот процес во делот за избор на претседател, со учество на втората по големина етничка заедница.

КОЈ ДОЈАВУВА ЗА КРИМИНАЛОТ НА ДУИ?

Паралелно со динамичната трансформација на ДПА, Беким Фазлиу од оваа партија откри две компромитирачки афери за највисоки функционери на ДУИ. Првата се однесуваше за министерот за правда Блерим Беџети, а втората за министерот за економија Валон Сарачини, додека патем беа зафатени и трети лица.

На парламентарната седница посветена на пратенички прашања во јуни 2013 година, Фазлиу побара информација од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за полициската акција во ноќниот клуб „Шери“ во Градскиот парк, во кој истата вечер бил присутен и министерот за правда Беџети заедно со негови пријатели.

Министерот за правда, пред неколку дена е фатен во еден локал со оружје, со недозволено поседување оружје, а се вели дека поседувал и дрога. Моето прашање до госпоѓата министер за внатрешни работи е: барам информација за полициската акција во ноќниот клуб Шери во Градскиот парк, каде што е имплициран и Блерим Беџети, министер за правда, и неговите луѓе? – праша Фазлиу, кој претходно ги обвини за криминал и Муса Џафери и Агрон Буџаку.

Обично, на вакви прашања на законодавците, кои имплицираат многу податоци, функционерите од извршната власт го користат правото на одговор по писмен пат. По сè изгледа, Јанкулоска го антиципирала ова прашање и веднаш понуди доста опширен и истовремено прецизен одговор за оваа полициска акција, во која учествувале неколку државни органи. Иако таа не оперираше со конкретни имиња, покрај другото, рече:

При извршено легитимирање на едно лице, пронајдена е непозната прашкеста материја завиткана во банкнота од 500 денари; лицето е приведено и предадено на полициската станица во Кисела Вода… – истакна предводничката на секторот на МВР и не пропушти шанса да нагласи дека полицијата се справува со криминалот неселективно, без разлика на функцијата и на партиската припадност на оние што се огрешиле пред законот.

Истиот пратеник испорача слични обвинувања и на седницата за распуштање на парламентот. Говорејќи за коруптивноста на „интегративците“, тој обвини дека ВМРО-ДПМНЕ го држи в раце и министерот за економија Сарачини. Според него, вмровците имале снимка од министерот за економија како прима мито.

Во овој контекст, тој го спомна и првиот човек на партискиот огранок на „интегративците“ во Чаир, Бекир Асани. Интересно беше тоа што никој не реплицираше на овој настап на седницата, а овие наводи кон функционери од Мала Речица не беа демантирани ниту потоа, како од Министерството, така и од партијата.

И во двата случаи се поставуваше прашањето за изворот и целта на овие информации бидејќи сигурно не паднале од небо во нечии дворови или пред нечии автомобили, како што беше случај со „кодошките“ досиеја. Проработеле ли некои врски на ДПА или некој ѝ дојавува компромитирачки факти за ДУИ за да ја спушти нејзината цена при некоја идна соработка?

Многумина поранешни фунцкионери на ДПА, денес во својство на аналитичари, како на пример, екс тетовскиот градоначалник Алајдин Демири, ја обвинуваат поранешната партија дека фунцкионира во затворен круг на неколку луѓе, практично како приватна фирма, а не политичка партија што има капацитет да привлече повеќе целни групи. Тој е убеден дека постапките на албанската опозициска партија се резултат на пазар со ВМРО-ДПМНЕ, само останува останува една непозната во равенката: што добива за возврат?!

СПОЈКАТА МЕЃУ ДПА И ВЛАСТА

Кога се говори за „друг интерес“ на ДПА покрај оној за политички профит, упатените секогаш во преден план ја исфрлуваат тетовската компанија „Интерпромет“. Ова претпријатие формирано во далечната 1973 година, а трансформирано во 1995 година, беше во центарот на вниманието додека се менуваа неколку влади на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, од аспект на спорната приватизација за време на владата на Љубчо Георгиевски. Во последните неколку години, овој случај замина подалеку од фокусот на јавноста, но, според официјално достапните податоци, во меѓувреме се случиле дополнителни промени.

Како што стои на службената интернет-страница, акционерското друштво работи со изнајмување деловен простор во реонот на Тетово со вкупна квадратура од приближно 30.000 квадратни метри. Според информациите од Централниот депозитар на хартии од вредност, капиталот денеска е претставен преку 69.659 обични акции и 341 приоритетна кумулативна акција за поранешни сопственици кај вкупно 182 физички и правни лица. Нивната номинална вредност е 51,13 евра, или вкупно над три и пол милиони евра.

Во проспектот за АД „Интерпромет“, изготвен минатата 2013 година, а објавен од страна на Македонска берза како задолжителен документ при котизација на друштвото на берзата, се објавени детали за компанијата. Ова друштво, во кое работат 27 луѓе, располага со осум недвижности. Најзначајна е стоковната куќа „Центар“ со вкупна површина од над 25.000 квадратни метри на два имотни листа, по која следуваат стоковната куќа „Тетово“, „Гроцка“, „ДТЦ“, „Дреновец“, „Попова шапка“, „Стара пошта“ и „Бамби и Мимоза“.

Претпријатието работи профитабилно во последните години, за кои се објавени финансиските параметри. Така, во 2012 година фирмата остварила вкупен приход од речиси 22 милиони денари, за крајот да реализира профит по оданочување од околу 5 и пол милиони денари. Во споредба со претходните две календарски години, приходите се миниминално, но добивката е драстично зголемена, што упатува на заклучок дека претходно трошоците биле поголеми.

Според годишниот извештај за работење во 2012 година, претпријатието покажува одлични резултати во речиси сите економски параметри. Како најзначајна инвестиција во оваа година е наведена приватизација на градежно земјиште под градежни објекти за кои е платен надоместок од околу 2.200.000 денари, како и набавка на опрема. Билансот на успех за изминатава 2013 година покажува дека компанијата го намалила профитот за 2 ипол милиони денари, но од друга страна го зголемила вкупниот капитал од околу 70 на околу 80 милиони денари.

Што се однесува до управувањето на акционерското друштво, на прво место меѓу акционерите е Фадиљ Алили од тетовското село Порој со 34,29 отсто од акциите. На интернет може да се најдат стари новинарски текстови, според кои, купувањето на 41 отсто од вкупната зафатнина на претпријатието од страна на Алили во 2000 година за сума нешто повеќе од 800.000 евра, било проследено со низа контроверзии. Реалната цена на овие акции се проценувала на 10 милиони евра.

Голем број од акционерите на „Интерпромет“ се спротивставиле на продажбата на акциите со дисконт, односно попуст од 70 отсто. Во 2011 година, по барање на Обвинителството, Врховниот суд донесе одлука за ревизија на купопродажбата на државниот капитал на претпријатието бидејќи пониските судови погрешиле кога утврдиле дека постапката е извршена според законот. По ова, спорните акции ѝ припаднале на државата, поточно на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ).

Според кажувањата на дел од акционерите кои водеа битка против ваквата распределба на уделот во тетовското претпријатие, но денес веќе кренале раце поради измореност и притисоци, ПИОМ во 2007 година, кога на власт повторно се ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, своите акции ги ставил на јавна аукција. Ама, по извесно време Фондот ги повлекол акциите, освен 14 отсто од нив, па така денес поседува 26,86 отсто. Исклучително важно е дека тогаш директор на институцијата бил Муидин Рустеми од албанскиот партнер во власта.

ЗОШТО НИКОЈ НЕ РЕАГИРА?

Денес сè уште најголем акционер во ова акционерско друштво е Алили, но не како првично со 40 отсто, туку успеал да дојде до нецели 35 отсто од акциите. Иако важи за негов пријател, ајде да речеме дека Алили не може директно да се поврзе со Тачи, бидејќи ниту бил на функција во партијата, ниту е во крвно сродство со него. Во ваква ситуација секогаш може да се релативизира пријателската врска.

Дека донекаде со право се поврзува оваа компанија со ДПА посредно потврдува фактот што низ неа поминале и неколку високи државни функционери од нејзините редови. Меѓу нив се членот на Државната изборна комисија од оваа партија, Бедредин Ибраими, кој бил секретар во претпријатието, ексминистерот за економија од редовите на ДПА, Бесник Фетаи, кој порано бил дел од Надзорниот одбор, како и поранешниот генерален директор на „Македонија пат“ од истата партија, Идриз Цека, кој и денес фигурира како член на НО.

Она што создава неспорна корелација меѓу компанијата и партијата е третиот по големина акционер во претпријатието, Харун Тачи, кој е еден од тројцата браќа на лидерот на ДПА. Акционерите што поседуваат над 5 отсто од акциите се јавно објавени, а еден од нив е братот на Тачи – Харун, кој поседува нецели 23 отсто од акциите на АД „Интерпромет“. Тоа всушност досега не било регистрирано од јавноста, иако било забележано од надлежните институции.

Особено интересно е тоа што клучните промени во фирмата хронолошки се поклопуваат со периодите кога на власт се ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, без разлика на лидерството на партиите. Меѓутоа, зачудува тоа што дел од незадоволните акционери повеќепати реагирале до македонската влада во времето на неколку премиери. Со неколку изрази на добра волја изостанала секаква друга реакција, како кога ДПА била на власт, така и кога била во опозиција.

Впрочем, како и во последниов период, кога ДПА еволуираше од партнер на ВМРО-ДПМНЕ, преку сојузник на СДСМ, до конструктивна опозиција денес… Барем што се однесува кон македонскиот дел од власта, кој, пак ѝ возвраќа промовирајќи ја во свој официјален и неофицијален соговорник! A, ДПМНЕ ја користи како брана од напливите на коалицискиот партнер ДУИ.

Беким Фазлиу, пратеник во ДПА
ПОГЛЕДНЕТЕ ВО СТЕНОГРАМИТЕ!

Беким Фазлиу од ДПА, кој ги откри аферите за челниците на ДУИ, за „Фокус“ не сакаше повеќе да говори за оваа теми, туку само нè упати на своите собраниски говори, чии поенти веќе ги пренесовме. Но, стенограмот од пленарната седница за распуштање на парламентот открива дека Фазлиу го завршува говорот со најава дека неговата партија ќе гласа за крај на ова антиалбанско мнозинство и влада.

Албанците на овие избори ќе победат затоа што ќе победи ДПА! – истакна тој.

Арно ама, пратениците од ДПА или не присуствувале на седницата, или оние што присуствувале, според извештајот за гласање, воопшто не гласале, за разлика од сите други партии од власта и од опозицијата, кои гласаа позитивно.

Тачи долго време одбива соочување со „Фокус“
БАРАЈТЕ ГО РУФИ ОСМАНИ ЗА ИНТЕРВЈУ, ТОЈ Е ПОЈАК!

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, без никаква задршка прифати да биде еден од колумнистите во првата постава кога се покренуваше дневникот „Фокус“ кон крајот на 2011 година. Оттогаш до денес неколкупати баравме интервју со Тачи, речиси секогаш кога тој и неговата партија беа во центарот на вниманието. Меѓутоа, во сите случаи тој ја одбиваше поканата.

Барајте го Руфи Османи, тој е појак“, ни напиша преку смс-порака во една пригода, кога „Фокус“ ги пренесе резултатите од агенцијата за испитување на јавно мислење „Рејтинг“, според кои, лидерот на НДП, Руфи Османи, тогаш имаше висок рејтинг.

Исто како и партискиот лидер, нашите покани за интервју ги одбиваа и други функционери на ДПА, кои, крајно несвојствено за опозициски претставници, не го користат понудениот простор за промоција на своите ставови и гледишта!

Исто како Груевски и Заев
И ТАЧИ ИМАЛ СВОЈА „ФАМИЛИЈА“

И вториот брат на лидерот на ДПА, Гафур Тачи, е дел од приватниот сектор во Тетово. Во регистарот на компании во Сојузот на стопанските комори стои дека тој е директор на тетовската градежна компанија „Арминд Бау“, со домашен капитал и од мал обем.

Тој стана експониран во јавноста во 2007 година, кога беше назначен за член на Управниот одбор на Акционерското друштво „Аеродроми на Македонија“. Поради тоа, тој имаше обврска да пополни имотен лист за Антикорупциската комисија, кој и денес може да се најде на интернет-локацијата на антикорупционерите. Во него, како личен имот, ја навел и градежната компанија „Арминд Бау“ во вредност од 10 милиони денари, или околу 160.000 евра.

Во истиот период кога на власт беа ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, опозицијата, обвинувајќи за непотизам, го исфрли и името на третиот брат на лидерот на ДПА, Афет Тачи. Тој тогаш беше назначен за член на Управниот бор на Агенцијата за странски инвестиции.

Оттука, може да се заклучи дека и лидерот на ДПА имал своја „фамилија“, поимана како оние на Груевски и на Заев.

Поврзани новости