АРХИВА Како Жерновски потроши над милион евра за хортикултурно уредување преку тендери со еден понудувач?

by Фокус

Откако поранешниот лидер на ЛДП Андреј Жерновски се откажа од трката за уште еден градоначалнички мандат на Центар на изминатите локални избори, премиерот Зоран Заев прво го кооптираше во Централниот одбор на СДСМ, а сега го предложи до парламентот и за нов заменик-министер за надворешни работи. На истекот на неговиот градоначалнички мандат, Фокус објави политички портрет за Жерновски и сторија за средствата што ги потрошил за хортикултурно уредување преку неколку тендери. Притоа, една од компаниите што инкасирале средства по овој основ е Флорастат, во сопственост на пријател на тогашниот прв човек на општината за јавни набавки, но и на првиот братучед на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски – Влатко Мијалков. Тогаш, Жерновски се закани со тужба до Фокус и воедно им најави изборна пресметка на противниците, меѓутоа на крајот ниту поднесе тужба, ниту истрча на избори, туку ја промени партијата и премина од локалната во извршната власт.

Пишува Влатко СТОЈАНОВСКИ

Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, демонстрираше голема нервоза по текстот објавен во предминатиот број на неделникот „Фокус“, со наслов „Што го поврзува Жерновски со Црвенковски и Мијалков“. Во суштина, станува збор за политички портрет на градоначалникот на Центар, во чии рамки беше опфатен и еден тендер на општината, токму во функција на одредени релации и констелации во самата локална самоуправа и на севкупната политичка сцена.

Што го натера Жерновски да реагира така жестоко, да се заканува со тужба против авторот на текстот, на тој начин повикувајќи го судството да му помогне во пресметката со медиумот кој му отстапуваше простор и застана во негова одбрана кога беше мета на политичко и друго насилство? Што го здоболе толку градоначалникот на Центар, за притоа да ги закити заканите со тужба со ниски дисквалификации и малициозни коментари на лична основа?

НИТУ ЗБОР ЗА ЧУДНИТЕ ПРИЈАТЕЛСКИ РЕЛАЦИИ

Всушност, во поголем дел од текстот што го предизвика Жерновски се обработува неговата политичка кариера во времето кога беше потпретседател и кога стана претседател на ЛДП, како и периодот пред и по неговиот избор за градоначалник на Центар на локалните избори во 2013 година, како кандидат на широката коалиција предводена од СДСМ, тогаш на чело со Бранко Црвенковски. За време на градоначалничкиот мандат, според информации од повеќе извори со кои располагаме, Жерновски бил дел од затклулисни игри на Црвенковски за формирање политички движења што би го интегрирале СДСМ, бидејќи тој сметал оти Зоран Заев немал капацитет да биде политички лидер.

Дотука, Жерновски очигледно нема никаков проблем штом за тоа воопшто не се произнесува во неговите преписки на фејсбук, ниту во таканаречениот демант, каде тој се осврнува само во однос на тендерот што го споменуваме при самиот крај на сторијата. Имено, станува збор за договор што општината го склучила со компанијата „Флорастат“, чиј сопственик Атанас Пашовски е долгогодишен пријател со раководителот на секторот за јавни набавки во општината Горан Ефремовски. Но, Пашовски е близок пријател и со Влатко Мијалков, прв братучед на довчерашниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Односно, за градоначалникот на Центар нема ништо спорно во тоа што првиот човек на секторот за јавни набавки во општината е пријател со компанија која добива тендер од општината. Воедно, за него не е спорно ниту тоа што првиот човек на компанијата е близок пријател со прв братучед на неговиот политички „душман“, кој му организираше протести и шамари за да го дисциплинира на почетокот на неговиот мандат. Туку, Жерновски наоѓа маана во начинот на кој се презентирани податоците во тендерската постапка, бидејќи, според него, тоа сугерирало дека тој сторил криминал.

Фокус“ нема намера да докажува дали Жерновски или било кој друг политичар или функционер е криминалец, од проста причина што ние не сме ниту полиција ниту обвинителство да гониме за криминал, а уште помалку суд за да пресудиме кој е криминалец, но во секое време и на секое место ќе ја докажеме веродостојната на информациите и точноста на податоците што ги објавивме. Жерновски треба да знае дека медиумите не се активираат само кога е прекршен законот во класична смисла на зборот, туку кога има сомнежи и индиции дека е загрозен јавниот интерес. А, има ли поголем јавен интерес од тоа како еден функционер ги троши парите на граѓаните што го избрале?

КАКО ТЕЧЕ ВРЕМЕТО, ТАКА СЕ ИЗМЕСТУВА ДИОПТРИЈАТА

Практично, Жерновски вели дека сме погрешиле кога сме нотирале дека цената на договорот што општината го склучила со „Флорастат“ е повисока за околу 30.000 денари од неговата проценета вредност, како и дека компанијата не ги исполнува условите од тендерската документација во делот на бројот на вработени – вкупно 15. Веќе му одговоривме дека бројката од 30.000 евра претставува разлика меѓу цената на договорот и неговата проценета вредност објавена од страна на Бирото за јавни набавки, каде во проценетата вредност не е вкалкулиран ДДВ. Што се однесува до второто, објавивме дека компанијата самостојно не располага со минимум 15 вработени, па затоа само прашавме која е другата компанија што го поддржала „Флорастат“ за да го исполни овој критериум?

Градоначалникот на Центар може да се повикува на законски пропишана процедура според која се спроведуваат тендерските постапки. Дури, тој може и да се оградува од постапките, бидејќи, нели, нив ги спроведуваат други органи во општината. Но, не може и не смее да избега од коментар околу поврзаноста на компанијата што добила тендер од општината до раководен службеник во самата општина. Иако не претставува класичен судир на интереси како што е дефинирано во законот, зарем тоа не може да се толкува како судир на интереси во поширока смисла на зборот?

Уште помалку, пак, тој не треба да го избегнува и заобиколува линкот на компанијата со Груевски. Како тоа СДСМ, ЛДП и другите коалциски партнери во опозициските денови го скандализираа секој тендер што ќе го добиеше роднина или пријател на некој функционер на ВМРО-ДПМНЕ, а кога станува збор за Општина Центар, тогаш треба да ја прифатиме тезата дека сосема е легитимно структури блиски до самиот политички врв да добијат тендер, и тоа од спротивната политичка страна, само затоа што била испочитувана процедурата?

Значи, да резимираме – медиумите не покренувуваат обвиненија и не изрекуваат пресуди, туку изнесуваат факти. Сепак, го уважуваме охрабрувањето на Жерновски до новинарите „да истражуваат и да укажуваат на можни случаи на корупција и на нелегално работење“, со тоа што ќе си дозволиме да го надградиме неговото охрабрување и да истражуваме и можни случаи за фингирање на тендерски постапки, како и практики на нерационално трошење на јавните пари. Ние ќе изнесеме факти, без да констатираме ништо, па јавноста нека цени.

СИТЕ ПАТИШТА ВОДАТ ДО „СКОПЈЕ 2014“

За време на мандатот на Жерновски, Општина Центар соработувала со неколку компании што важат за блиски до ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои градежната компанија „Жикол“, чиј управител Никола Пандев истовремено е и избран јавен функционер од редовите на партијата на Груевски (советник во Општина Струмица), како и со „Бауер БГ“, која важи за блиска до скопскиот градоначалник Коце Трајановски. Воедно, општината остварила соработка и со фамозната офшор компанија „Ексико“, која не „Фокус“, туку сдсмовскиот портпарол уште пред три години ја обвинуваше дека е блиска до Фамилијата. Но, овојпат ќе се фокусираме на тендерите за хортикултурно уредување.

Колку за потсетување, во претходниот текст го споменавме договорот што општината во 2016 година го склучила со компанијата „Флорастат“ за хортикултурно уредување и системи за полевање од бул. „11 Октомври“ до ул. „Македонија“, во износ од околу 195.000 евра. Проценетата вредност на овој договор, без вкалкулиран ДДВ, е околу 165.500 евра. Од компанијата не добивме одговор која е фирмата што се јавила како нејзина поддршка, додека од општината велат дека не можат да откриваат доверливи информации и податоци од понудите, туку само посочуваат оти евалуацијата на понудите и изборот на најповолен понудувач била направена согласно законот.

Сепак, според новите податоци што ги обезбеди „Фокус“, „Флорастат“ самостојно располага со сета механизација и опрема што се бара во тендерската документација, но имала поддршка само во поглед на вкупниот број работници. Така, како поддршка на „Флорастат“ се јавила компанијата за производство, трговија, градежништво и услуги „Декон-ком“, формирана во првата половина на 2007 година, за време на првиот мандат на Груевски како премиер. Тековната состојба на друштвото покажува дека негов сопственик и истовремено управител е Дејан Велевски.

Инаку, „Декон-ком“ и е добро позната за јавноста поради тоа што градеше неколку објекти во центарот на градот, како дел од проектот „Скопје 2014“. Најголем јавен проект на компанијата е административната зграда кај МОБ, која претставува објект каде е сместено АД за стопанисување со станбен и деловен простор, чија вкупна вредност е околу 10 милиони евра. Покрај тоа, компанијата ја градеше и зградата спроти хотелот „Бристол“, каде се сместени владината Служба за општи и заеднички работи и Агенцијата за медиуми, чија вредност беше околу 4,5 милиони евра. Исто така, таа е една од компаниите што вршеа градежно-занаетнички работи при менување на ликот на новата влада, врз основа на што инкасирала нецели 1,5 милиони евра итн.

ДИСКВАЛИФИКУВАНА КОНКУРЕНЦИЈА СОГЛАСНО ЗАКОНОТ

Но, да се вратиме на иницијалниот договор за хортикултурно уредување што го склучила Општина Центар со „Флорастат“ за 195.000 евра. Во рамките на оваа постапка, првично се јавиле три компании, но две биле дисквалификувани, така што само компанијата на Пашоски ги исполнувала бараните услови, па била повикана да поднесе конечна цена. На тој начин, изостанала електронската аукција, односно негативното наддавање, кое по природа продуцира пониска цена за општината т.е. заштеди за општинскиот буџет и за жителите на Центар.

Во обид да ја убеди јавноста дека две од трите компании биле дисквалификувани согласно законот, Жерновски сподели извештај од спроведената постапка. Од овој извештај произлегува дека една од дисквалификуваните компании била „Еуропеан Плантс“, која, како што утврдила Комисијата за јавни набавки, доставила две финансиски понуди, односно два примерока со два различни износи. Од компанијата одбија да се произнесат околу тоа како успеале да направат таква грешка, со образложение дека не сакаат да се инволвираат во оваа приказна.

Според нашите сознанија, оваа компанија испратила писмо до Комисијата за жалби по јавните набавки и до Општина Центар со кое приговара за начинот на кој била спроведена постапката. Како што се наведува во писмото, „Еуропеан Плантс“ првично доставила понуда во која не го пресметала данокот на додадена вредност, но потоа побарала можност да го вкалкулира ДДВ-то. На крајот, компанијата доставила и понуда со пресметан ДДВ, но нејзината понуда била оценета како неприфатлива, односно една иста понуда со и без ДДВ биле оквалификувани како две различни понуди.

Инаку, оваа холандска компанија, која инвестираше во Македонија во 2007 година, главно се занимава со извоз, но соработувала и со неколку јавни органи и институции. Покрај останатото, компанијата во 2012 година склучила и договор со Центар на чело со Владимир Тодоровиќ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за набавка на зимзелени декоративни садници и за хортикултурно уредување во износ од нецели 38.000 евра, или дури 72.000 евра помалку од неговата проценета вредност од над 110.000 евра. Арно ама, во оваа постапка имало четири заинтересирани компании, па на крајот се одржал конкурентен натпревар, кој продуцирал трипати пониска цена од пропишаната пазарна вредност, што само говори колкави заштеди може да обезбеди конкуренцијата.

УЧЕСТВО ЗАРАДИ ПРОВЕРКА НА КОНКУРЕНЦИЈАТА И ЦЕНИТЕ

Понатаму, втората дисквалификувана компанија била „Хорти Експерт“, поради тоа што не доставила банкарска гаранција од три отсто од вкупната вредност на понудата. Но, само седум дена откако „Флорастат“ го склучила овој договор со Центар (19.05.2016), и „Хорти Експерт“ склучила договор со општината за хортикултурно уредување и системи за наводнување на неколку локации (25.05.2016), во вредност од речиси 253.000 евра, кога доставила банкарска гаранција од, исто така, три отсто. Зошто компанијата не доставила банкарска гаранција во едната, а доставила во другата постапка, бидејќи очигледно располагала со потребните средства?

Би сакале да напоменеме дека прашањето на обезбедување банкарски гаранции за учество на постапките за јавни набавки е едно од најтешките во деловното работење, особено кај малите и средни претпријатија. Тоа зависи не само од моменталниот износ на средства на сметката, туку и од изложеноста на фирмата во конкретниот момент, очекуваните движења, односно плаќањата и приливите, кои, пак, не зависат од волјата и квалитетот на работење на фирмата, туку од наплатата која е една од најжешките теми за нас во нашето работење“, велат од „Хорти Експерт“.

Патем, од компанијата посочуваат оти во конкретниот случај не обезбедиле банкарска гаранција поради тоа што во времето на подготвувањето на понудата финализирал договорот со голем клиент на меѓународен тендер надвор од Македонија, на кој работел целиот тим. Дополнително, од таму додаваат дека во моментот кога ги пресметале вредностите на нивните понуди за отворените постапки, ги испратиле документите во банката за издавање банкарска гаранција и за конкретната постапка. Сепак, нагласуваат од таму, заради краткиот период и подолгата процедура, банката за првата постапка не била во можност да им издаде валидна банкарска гаранција на време.

На 20.04.2016 година, ни издадоа само писмо на намера за ликвидност. Со веќе подготвена финансиска понуда, нашата одлука да обезбедиме пристап на јавното отварање со доставување на понуда без банкарска гаранција, туку со писмо на намера, беше од комерцијални причини, со цел да добиеме увид во конкуренцијата и понудените цени во конкретниот момент на овој пазар, за што имаме полно право, кое го користеле и други фирми на други тендери на кои сме учествувале. Наредната постапка беше на 26.04.2016 година, што ни остави дополнителен временски период за кој нашата банка беше во можност во краен момент да ни достави банкарска гаранција“, стои во писмениот одговор од компанијата.

РАМКОВНА СПОГОДБА СО ИСТИ КОМПАНИИ

Овие две компании – „Флорастат“ и „Хорти Експерт“, со Општина Центар ги поврзува уште еден договор за јавна набавка од областа на хортикултурата во 2014 година. Впрочем, станува збор за рамковна спогодба во вредност од 650.000 евра, во чии рамки тие склучиле договори со општината за реконструкција и одржување на јавни зелени површини, системи за полевање и бунарски системи, откако претходно била изменета тендерската документација, со што се омекнале дел од условите за учество (наместо 10 милиони, се барало компаниите да имаат по 3 милиони денари ликвидни средства во банка). Во рамките на оваа спогодба, општината склучила договори со „Хорти Експерт“ од 65.000 евра, додека со „Флорастат“ во вредност од пет пати повеќе, или 325.000 евра.

Како посебен начин на доделување на договорот за јавна набавка е избрана рамковна спогодба, од причина што Секторот за уредување на градежно земјиште и заштита на животната средина како барател на конкретната набавка не можел однапред да ги утврди сите локации, ниту пак точните количини и потреби од предметната набавка. Врз основа на горенаведената рамковна спогодба, „Хорти Експерт“ има склучено повеќе договори со вкупна вредност од околу 4 милиони денари, а „Флорастат“ има со вкупна вредност од околу 20 милиони денари, со што е евидентно дека вредноста на рамковната спогодба не е во целост исцрпена“, велат од општината.

Покрај тоа, Општина Центар за хортикултура соработувала и со „Изградба-Комерц“, со која во 2016 година склучила договор за хортикултурно уредување и системи за наводнување на трети локации, во вредност од 325.500 евра. Поради тоа што и во оваа постапка изостанала конкуренцијата, имајќи предвид дека споменатата компанија била единствен понудувач, се наметнува прашањето зошто општината, кога веќе одлучила да потроши еден милион евра за хортикултура во текот на минатата година, не спровела поголем тендер, на кој компаниите ќе си конкурираат меѓу себе? Упатените велат дека точно е оти поголем дел од компаниите немаат капацитет да извршат цела работа предвидена во трите постапки во исто време во предвидениот рок од 60, односно 90 дена, но, додаваат тие, ќе можеле да ја сработат целата работа доколку имале подолг рок или доколку постапките не биле речиси во ист период.

Поделба на три тендери наместо еден ја зголемува конкуренцијата, а не ја намалува. Тоа е така бидејќи им е овозможено на компаниите самите да одлучат на која набавка можат да одговорат согласно нивните можности, но не ја ограничува можноста да учествуваат на трите одеднаш. Една набавка во која би биле опфатени сите потреби со сите локации за хортикултура би била преобемна за компаниите и баш на тој начин би се ограничила конкуренцијата само на големи компании“, велат од Општина Центар.

БЕЗ КОНКУРЕНЦИЈА НЕМА РАЦИОНАЛНО ТРОШЕЊЕ

Во меѓувреме, откако истекол едногодишниот период на Рамковната спогодба, на крајот од 2015 година, Општина Центар склучила уште еден договор за хортикултурно уредување со компанијата „Конструктур – Рената“, која како единствен учесник во постапката понудила цена од 194.000 евра. Сосе овој договор, произлегува дека општината од 2014 до 2016 година, преку договорите во рамковната спогодба и во четирите посебни постапки потрошила над 1,3 милиони евра за хортикултура, без притоа да се вкалкулираат помалите набавки за кои не се објавува оглас.

Она што е заеднички именител за сите договори, е дека тие се склучени со различни компании, кои не си конкурирале една со друга, што го прави бесмислен основниот критериум во постапките – најниска цена. Експертите велат дека конкуренцијата е основен принцип и правило при трошењето на јавните средства, без кој не може да се задоволи другиот принцип и правило – рационалното и ефикасно трошење на парите на граѓаните. Во ситуација кога се јавува или останува само еден понудувач, најниската цена станува единствена цена!

Ариф Муса, антикорупционер
ТЕНДЕРСКАТА ПОСТАПКА МОЖЕ ДА СЕ ПОНИШТИ, АКО НЕ СТАНУВА ЗБОР ЗА ИТНА ИЛИ ЗА ВОНРЕДНА НАБАВКА

Во основа на Законот за јавни набавки е конкурентноста, рационалното и ефикасно трошење на јавните пари и квалитетот на работите и услугите, објаснува Ариф Муса, поранешен член на Антикорупциската комисија.

– Во случаи со еден понудувач, нема конкуренција, а со тоа нема ниту заштеди. Ако реално немало конкуренција, тогаш требало да се спроведе една голема набавка, на која сите би се натпреварувале, бидејќи ќе нема толку голем простор за разни договори, калкулации, па и закани. Секој договорен орган во ваква ситуација треба да ја прекине постапката и да спроведе нова, бидејќи ова не е некоја итна или вонредна набавка, која не може да чека – вели Ариф Муса, поранешен член на Антикорупциската комисија.

Горан Ефремовски, раководител на одделението за јавни набавки во Центар
„ФЛОРАСТАТ“ СОРАБОТУВАЛА СО ЦЕНТАР УШТЕ ПРЕД ДА ДОЈДАМ ВО ОПШТИНАТА

Горан Ефремовски, раководител на Секторот за јавни набавки при Општина Центар, тврди дека неговото пријателство со првиот човек на „Флорастат“ нема никакво влијание врз постапките за јавни набавки спроведувани од општината.

Тезата дека одредена компанија би можела порано да ги дознае условите и да се подготви подобро за тендерот е неточна. Пред објава на постапка за јавна набавка, согласно Законот за јавни набавки, се прави истражување на пазарот како би се запазила конкуренцијата и би се обезбедиле докази дека најмалку 4, 5 или 6 економски оператори, во зависност од постапката, ги исполнуваат условите за докажување на способност. Истражувањето се прави со помош на анкетни прашалници. Во истите, договорниот орган веќе ги има утврдено планираните критериуми за утврдување на способноста на економските оператори и истите ги испраќа до повеќе компании, па согласно добиените одговори, односно согласно добиените резултати од истражувањето на пазарот, се дефинираат конечните критериуми за утврдување на способност. Со одговарањето на анкетните прашалници, односно со самото учество во истражувањето на пазарот, компаниите индиректно учествуваат во дефинирање на условите за докажување на способноста и како резултат на тоа истите се реално дефинирани согласно состојбата на пазарот како би можеле повеќе економски оператори да учествуваат во постапката и да добијат можност за доделување на договор за јавна набавка – вели Ефремовски.

Тој додава дека „Флорастат“ соработувала со Центар уште пред тој да се вработи во општината, односно за време на претходната општинска администрација.

Мите Филков, сопственик на „Хорти Експерт“
НА НАШИОТ ПАЗАР ВЛАДЕЕ КОНКУРЕНЦИЈА ОД НАЈРАЗЛИЧЕН ВИД

Хорти Експерт“ веќе 25 години делува на македонскиот и странските пазари и опстојува сите години во многу различни економски и политички услови, обидувајќи се да внесува новини и повисоки стандарди на квалитет во своето работење, вели првиот човек на компанијата, Мите Филков.

– „Флорастат“ е еден од нашите конкуренти на пазарот на кој што работиме, а на кој, општо земено, владее голема конкуренција од најразличен вид. Нашите активности се широко диверзифицирани и како фирма поседуваме производни капацитети на дендролошки материјал, а во пејсажна архитектура и изработка на системи за наводнување претежно работиме со приватниот сектор, странски клиенти во Македонија и во странство, а најмалку сме изложени на работа на пазарот на јавни набавки во Македонија – вели Филков.

Поврзани новости