АРХИВА Бай Бойко, защо слагаш таралежи в гащите на Заев?

by Фокус

Текстот е објавен на 27 април, 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1177

Пишува: Зоран ДИМИТРОВСКИ

Таман ќе помислиш дека на Балканот почнува „да се пие чај“, односно историските конфликти, предрасуди и анимозитети меѓу државите и народите да се разгледуваат и решаваат порационално и колку-толку со студена глава, туку ќе те стаписа, како да си видел кобра среде жешкиот скопски асфалт, информацијата дека, на пример, Бугарија го номинирала Орце Камчев за почесен конзул во Македонија.

Човек да се вџаши затоа што се уште не е исушено мастилото од Договорот за добрососедство и пријателство помеѓу Скопје и Софија, со кој конечно, по долгостолетна кавга, владата на Борисов во име на заедничката иднина реши да ги закопа историските секири и да прифати македонски јазик и идентитет (макар според Уставот на Македонија и од 1945 година наваму). Од друга страна, пак, една конечно еманципирана посткомунистичка македонска власт, каква што е актуелната на Заев, се одважи да му тури пепел на антибугарскиот сентимент пропагиран со години меѓу македонското население, особено од владите на СДСМ во плурализмот.

Значи, не беше баш за верување оти еден од двајцата кршни побратими, кои лани, во едно летно софиско попладне, со „марлборо“ и чашка „плиска XO“ ги архивираа и јазикот, и историјата, и црквата, за европски да се свртат кон иднината, може на другиот да му приреди „циганска работа“ од типично балкански „мафиотски произход“.

Зашто, што друго би можело да биде зортот, братот Бойко да го номинира главниот финансиски консиљиере на Неговото Бесчестие Големиот Братучед за почесен, демек повеќе од чесен, бугарски конзул во Македонија!

ЦЕНАТА НА БУГАРСКИОТ ДИПЛОМАТСКИ ИМУНИТЕТ

Штом одекна таа „бомба“ од Софија, вчудоневиден се фатив за мобилниот телефон да испратам неколку зајадливи пораки и реторички прашања до луѓе од врвот на бугарската и македонската власт.

До „братята в страната“ истипкав: Защо слагате таралеж в гащите на Заев?“ (фразата „ставање еж во гаќите“ е бугарска метафора за ангажирање човек кој ќе создаде големи непријатности). Но веднаш сфатив дека прашањето ми е премногу пристојно и млако. Зашто, си реков оти боцкавото мило суштество во гаќите на Заев не може да направи толку белја и бербат, колку што може бугарскиот почесен конзул да ја урниса политичката и моралната вертикала на револуцијата против режимот, врз која почива власта на Заев.

Затоа, се дрзнав да додадам: „Колко струва български дипломатически имунитет? Едно македонско правителство ли?“ Со последното реторичко прашање, пак, на моите бугарски пријатели од тамошната власт, сакав да им доловам дека цената за почесното конзулство кое му го дариле на Камчев, не се мери во стотици илјади евра, не се мери ниту во десетици милиони, без оглед колку и чии пари тој инвестирал во Бугарија, од 2016 година кога ја купи Јапонската болница во Софија, па се до денешен ден, туку тоа чини токму колку една македонска демократска револуција, колку една повеќегодишна борба против Фамилијата и нејзиниот мафијашки грабеж на половина македонско стопанство, во кое улогата на нивниот почесен конзул е маркантна. Таа цена е колку едно елементарно достоинство и почит кон новата власт во Македонија, која обзнани дека со помош на СЈО ќе го гони маштабниот криминал на братучедите од Белизе преку Шангај и Израел до Чешка и ќе им ги врати парите на граѓаните. А Орце не е беззначајна алка на тој чудовишен синџир.

Истовремено, со прашањето имав намера да им предочам на Борисов и Каракачанов, министерот за одбрана кој „искрши нозе“ изминативе месеци на својата колешка Шекеринска да и даде поддршка за евроатлантските интеграции на Македонија, дека ние во Скопје не пиеме „менте“ и знаеме оти семејството Камчеви, покојниот татко Илија и синот Јордан, во Бугарија се долгогодишни почитувани бизнисмени. Но, исто така очекуваме и се надеваме дека и во „страната“ знаат оти во жална Македонија, Орце е човекот кој сурово, лукративно и несебично му помогна на Големиот Братучед да ја изгради својата криминална империја, тој е „rent a face“ претприемачот кој го топореше своето бизнис кредо пред бандитските аквизиции на Фамилијата во редица македонски компании кои паднаа под мафијашкото „иго“, а му послужи и како маша на Груевски да ја јавне а потоа и да ја разбие главната македонска новинско-издавачка куќа „МПМ“ сосе трите дневни весници и печатницата, која лани отиде во мајчината заедно со режимот, оставајќи десетици новинари на улица.

НЕЩАТА НЕ СЕ ТАКИВА, КАКВИТО ИЗГЛЕЖДАТ“

Разбирливо, од Софија не добив јасен одговор на пораките, освен една загадочна досетка: „Нещата не са такива каквито изглеждат“. И, што можев да заклучам од тоа, ако за нив нештата навистина не се такви како што изгледаат.

Па, прво, дека некој во Софија си ја има мувата на капата, односно точно знае како изгледаат нештата во Македонија по објавата на оваа скандалозна номинација. Значи, овдешното мнение е дека нештата изгледаат грозно, дека Бугарија му нуди заштита, дипломатски имунитет на човек од висок ранг во Фамилијата, која си ја подели Македонија како феудален посед и направи парампарче од евроатлантската иднина на државата за време на своето еднодецениско кабадахиско владеење.

Второ, дека Бугарија со изборот на тој и таков почесен конзул во Македонија, испраќа порака оти пет пари не дава за нашата крвава борба за демократија и за враќање на државата на евроатлантскиот пат, но за да биде уште потрагично, не го есапи ниту велелепниот резултат од таа епопеја – затоплувањето на македонско-бугарските односи и особено прифаќањето на Бугарската православна црква како црква мајка од Синодот на МПЦ! А Орце беше бизнис перјаницата на режимот, кој едно десетлетие ја туркаше водата на антибугарска воденица. И чуму сега награда?

Трето, тукашните колебливци на зближувањето помеѓу Скопје и Софија, кои не се малку ни меѓу поддржувачите на новата македонска власт, со изборот на „оф шор“ Камчев за бугарски почесен конзул, добиваат поткрепа на своите сомненија дека „правителството“ на бай Бойко и бай Краси нема искрени братски намери кон Македонија, туку чисто лукративни, па дури и ако парите доаѓаат од чекмеџето на озлогласениот братучедски клан.

Четврто, тој ужасен избор е и силна шлаканица од братска Бугарија од која црвенеат образите на многу самопрегорни дејци на македонско-бугарското пријателство изминативе децении, на следбениците на заедничко минато на двата народа, македонскиот и бугарскиот, на луѓе чии татковци и дедовци од 1945 година и подоцна завршија во занданите на Титова Југославија. Зашто, Софија не може да не знае оти тажната криминална транзиција во Македонија во деведесеттите ги направи милионери главно компартиските менаџери кои соработуваа со поранешната УДБ-а, а нејзиниот избраник за „почесен конзул“ е дел од таквата посткомунистичка елита, како што е впрочем и „славниот“ братучед. Значи, ако ги есапеше луѓето што овде со години сакаат добри врски со Бугарија, Софија можеше да избере далеку поблагонадежен конзул, па дури и меѓу македонските бизнисмени кои инвестираат во Бугарија, меѓу кои ретки се оние што не биле блиски со комунистичкиот режим или нивни потомци. Но ете, Борисов сепак се реши за Камчев.

ЧЕСЕН, ПОЧЕСЕН И НАЈЧЕСЕН КОНЗУЛ

Луѓето кои овде се уште не можат да поверуваат во таквата одлука на Софија, сакаат да ја убедат јавноста и себе си оти дипломатското „бегство“ на касиерот на Фамилијата, не е никако негов автентичен кукавички обид за искупување на гревовите, за своевидна дипломатска индулгенција од соучеството во злосторот против Македонија со братучедите, туку чин од кој, можеби, треба да се плашат и Груевски и Мијалков. Зашто, почесното конзулство наводно го става Камчев во позиција да ги отвори фамилијарните тефтери и да ги „отчука“ братучедите кај Катица Јанева. Шампионите на ваквиот заговор, кој наводно се крие зад почесното конзулство, велат оти никако поинаку не е можно да се толкува потегот на Борисов, кој, ако ништо друго, сигурно е направен во братски договор со Заев.

Арно ама, по се изгледа оти теоријата – главниот перач на азното што го грабна Фамилијата да стане главен пејач на СЈО, е повеќе „гладна кокошка просо сонува“ што би рекол нашиот народец или wishful thinking на оние кои не им се верува оти началството на ВМРО-Обвинета ќе остане уште извесно време во цврста прегратка, за да не виси секој од нив одделно.

Впрочем, на тоа ме наведуваат одговорите на моите пораки до власта во Скопје. Значи, по веста од Софија за почесниот конзул, и до нашата власт испратив порака. Ваква: „Сега фали уште Мијалков да биде почесен конзул на Чешка, а Груевски на Турција!“ Наместо Чешка и Турција, можев да напишам и Русија и Унгарија, но поентата е дека сакав емотивно и цинично да демонстрирам како јавноста ја доживува шокантната информација дека Камчев ќе биде новиот бугарски почесен конзул во Македонија. Пораката, се разбира, имплицираше дека работата со Камчев е веќе завршена, ако се има предвид блискоста на Заев и Борисов.

Очигледно вознемирени од аберот од Софија и особено од пораката, од Илинденска ми испратија нервозен контра-одговор: „Сега фали уште „Систина“ да се рекламира во „Фокус“ а можеби и „Ексико“. И дополнување: „Не барајте вина кај нас… немаме никаква одлука…“

Незнам дали македонската влада разбира оти не постојат шанси фирмите на касиерот на Фамилијата, „Систина“ или „Ексико“, сеедно, да се рекламираат во „Фокус“, дури и ако самите го побараат тоа, но експлозивниот одговор на моите пораки јас сепак го разбрав позитивно, како негирање на можноста работата со почесното конзулство на Камчев да е веќе завршена и како своевидна реакција оти новата власт, или Заев лично, имаат каква било врска со предлогот на бугарската влада.

ДАМКА ВРЗ ИДНИНАТА

Би сакал навистина да е така, и Министерството за надворешни работи да ја отфрли или да го архивира на неопределено време, во фиока, предлогот финансискиот консиљиере на Фамилијата да добие „български, даже европейски дипломатически имунитет“. Не дека Камчев не може и на друг начин да куртули од минатото со Фамилијата и да продолжи да се занимава со легитимен бизнис, но во моментот кога злосторничкото здружение со кое тој ашикуваше се препотува во кривичните судови, лицемерно е од дипломатска Софија, а би било самоубиствено од дипломатско Скопје, да го овенчаат со таква почесна и престижна титула.

Не, не, јас не велам дека Камчев има кривична вина за она што и се случуваше на Македонија изминатава деценија. За такво нешто мора да постои основано сомневање, да има истрага, обвинение, судски процес, пресуда… А не сум чул оти му се готви таква манџа. Арно ама, ако почесната титула конзул треба да има врска со моралот на нејзиниот носител, со угледот на неговата личност, со неговото беспрекорно досие, со интегритетот, за да може да биде широко прифатен домашен лик на државата чиј претставник треба да биде во Македонија, тогаш навистина, која и каква Бугарија би можел Камчев да претставува кај нас? Демократската, европска Бугарија која стои зад новата политика на Владата во Скопје, која се обидува со чекори од седум милји да ги отстрани историските пречки во соседските односи со Софија и да тргне напред кон ЕУ и НАТО, или некаква балканска Бугарија од времето на „групировките“, темен вилает кој е готов да прави мрачни зделки со касиерите и телалите на последната македонска Фамилија, служејќи и како европска пералница на нејзините злодела.

Не е доцна Софија да го преиспита својот предлог за почесен конзул во Македонија да биде назначен Орце Камчев, и да го повлече. Ако тоа сепак не го направи, Владата на Заев може да ја исправи работата и да го отфрли предлогот. Што и да се случи, дамката сепак ќе остане. Врз новата европска, демократска, антикорупциска, антирежимска македонско-бугарска заедничка иднина.

Поврзани новости