(АРХИВА) Интервју со Сергеј Самсоненко: Злосторничко здружение сака да ми го земе „Офицерскиот дом“!

by Фокус

Текстот е објавен на 21 ноември 2019 година во неделникот Фокус во бројот 1260.

Самсоненко за првпат пристигнал во земјава во 2006 година, на покана на бизнис-пријател, меѓутоа толку многу му се допаднало, поради што одлучил да го напушти родниот Ростов на Дон и да се пресели во Скопје.

Оттогаш, тој го изгради хотел „Русија“, влезе во сопственичката структура на неколку компании и почна да ги финансира спортските клубови што го носат брендот Вардар, од кои неодамна се повлече.

Еден од неговите инвестициски проекти беше и деловно-хотелскиот комплекс, кој се гради на скопскиот плоштад, чија судбина практично стана неизвесна поради стечајната постапка предизвикана од негови поранешни соработници и партнери.

По повод овој случај, Фокус своевремено реализираше мега-интервју со Самсоненко, кое го реобјавуваме по неговото сведочење во случајот „Плацеви на Водно“, каде првообвинет е експремиерот Никола Груевски.

-Јас некое време барав голем плац за да изградам куќа за мојата фамилија за живеење. Орце Камчев ми го предложи овој плац како една од варијантите. Го платив 110 милиони денари. Уште нема пат и ги трпам штетите Не можам ниту да го продадам, ниту да го дадам под закуп – рече Самсоненко пред судот.

Разговарал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Деновиве стана актуелен случајот со изградбата на објектот познат како „Офицерски дом“ на скопскиот плоштад, во однос на кој поднесовте кривична пријава против поранешниот генерален менаџер во вашите компании Ратко Капушевски, сопственик на „Кратер“, Миле Младеновски и други лица. Може ли подетално да објасните за што поточно станува збор?

САМСОНЕНКО: Да почнам од почеток. Мојата компанија „Сис Инвест Груп“ има неколку договори и анекси за изградба на објект на централниот плоштад во Скопје. Другата моја компанија „Балкан Груп Констракшн“ се јавува како главен изведувач за изградба на објектот со повеќе подизведувачи. Станува збор за проект за хотел, деловен простор и административен дел, кој практично го откупив од Димитрис Контоминас во 2015 година. Досега се вложени огромни средства и воедно се подмирени старите долгови.

Но, поради низа непредвидени околности, кои произлегоа од тековното работење, фирмата доцнеше со исплатата на обврските на изведувачите, поради што одреден период имаше прекин во изведувањето на градежните работи. Со сите доверители се постигна договор да не се поведуваат судски постапки, бидејќи долгот ќе им биде платен.

ФОКУС: Како тогаш дојде до оваа ситуација ако со сите изведувачи бил постигнат договор?

САМСОНЕНКО: Сите фирми, како и фирмата „Кратер“, излегоа во пресрет на ова наше барање, покажувајќи разбирање дека тешкотиите во исплатата делумно беа предизвикани од инвестициите во спортот. До крајниот момент, сите доверители го испочитуваа договорот, освен фирмата „Кратер“. Најтрагично од сѐ е тоа што по направеното вештачење се утврди дека долг, всушност, и не постои.

ФОКУС: Дали сте имале подолга историја на соработка со „Кратер“ и какви односи имавте до овој момент?

САМСОНЕНКО: „Балкан Груп Констракшн“ имаше долгогодишна деловна соработка со „Кратер“ на значајни објекти за државата, како салата „Јане Сандански“ , Академија за млади таленти, ФК Вардар во Градскиот парк и „Хотел Русија“, па соработката се воспостави и на објектот на плоштадот. Оттаму произлегуваше цврстото уверување дека и тие, како и другите, ќе почекаат за исплата на долгот до јануари 2019 година. Во таа фаза, јас не се сомневав дека постоеше долг.

ФОКУС: Што ве наведува да помислите дека целта на компанијата не е да си го наплати долгот, туку нешто друго?

САМСОНЕНКО: Со оваа фирма, покрај договорите за градба, во јули 2016 година склучивме и договор за гаранција, кој впрочем беше склучен меѓу „Кратер“, „Балкан Груп Констракшн“, како изведувач на објектот, и уште една моја компанија – „Сис Инвест Груп“, која се јавува како гарант и која е сопственик на имотот. Договорот за гаранција е уредно заверен и архивиран, но не беше солемнизиран на нотар, од причина што постоеше меѓусебно разбирање.

Во таа насока, во ноември 2018 година со „Кратер“ се договараме за исплатата на долгот, кој во тој момент јас мислам дека постои по сметководствената документација. Притоа, се договоривме рокот на исплата на овој, според вештачењето, непостоечки долг, да биде заклучно со јануари 2019 година.

ФОКУС: Кога настанаа недоразбирањата и проблемите?

САМСОНЕНКО: Веќе на втората средба, сопственикот Миле Младеновски од мене бара посилни гаранции дека долгот ќе биде платен. Тука јас му излегов во пресрет и по мој налог, управителите на моите две компании изготвуваат записник за признавање долг на 23 ноември истата година, бидејќи сакав да им докажам дека никогаш немав намера да им го застарам долгот, знаејќи дека со договорот за гаранција потпишан во 2016 година „Кратер“ не е доволно заштитен. Од тука се откриваат измамата и организираното злосторничко здружување.

КАПУШЕВСКИ И „КРАТЕР“ ФАЛСИФИКУВАЛЕ ДОГОВОР ДОДЕКА ЈАС БЕВ ВО РУСИЈА

ФОКУС: Како сфативте и откривте дека ваши поранешни блиски соработници се обидуваат да ве измамат?

САМСОНЕНКО: На 26 ноември 2018 година, имав средба со Миле Младеновски во „Хотел Русија“, на која го известив дека од овој ден Ратко Капушевски повеќе не е дел од моите компании и му дадов точен датум на исплата на долгот. Тој се согласи, ми пружи рака и замина. Само еден час по средбата, банката ме известува дека се блокирани сметките на „Балкан Груп Констракшн“ и „Сис Инвест Груп“ од страна на „Кратер“.

Тогаш дознав дека на 12 ноември 2018 година, што е само неколку дена пред да го изготвиме записникот за признавање долг, без мое знаење и без мое присуство во државата, бил солемнизиран договор за деловно-техничка соработка со гаранција меѓу „Балкан Груп Констракшн“, „Сис Инвест Груп“ и „Кратер“. На тој начин, измамата стартува со солемнизацијата на договорот кај нотарот Ристо Папазов на 12 ноември 2018 година, кој, колку што знам, се соочува со десетина кривични пријави и моментално е во куќен притвор за предметот „Шпански скали“.

ФОКУС: Ако имале солемнизиран договор, кој го направиле без ваше знаење, зошто тогаш им бил потребен и записник за признавање долг?

САМСОНЕНКО: Очигледно, записникот им бил потребен за да се камуфлира измамата и да се стави во заблуда извршителот. Мојот адвокат изврши увид во нотарската канцеларија и овластениот извршител и утврди дека солемнизираниот договор за деловно-техничка соработка има извршна клаузула на 119 милиони денари. За овој договор, јас ниту сум знаел, ниту сум дал согласност. Згора на тоа, мој адвокат не присуствувал на солемнизацијата на договорот, ниту ставил свој печат. Така, „Кратер“ не тужи на суд, туку ги прескокнува судските инстанци и директно оди на извршување.

ФОКУС: Какви овластувања имале вашите управители кога настапуваат во правниот и платниот промет?

САМСОНЕНКО: Иако нотарот се брани дека управителите имале неограничени овластувања, сепак, кога се работи за долг од 2 милиони евра, тој морал да побара согласност од мене како сопственик, како што впрочем досега се правело и за многу помали суми.

Управителот на „Балкан Груп Констракшн“ има овластување само за договори до 10.000 евра, меѓутоа овој договор за лимитирано овластување не бил спроведен во Централен регистар, а одговорен за ова спроведување бил токму Ратко Капушевски, управителот на „Сис Инвест Груп“.

Јас на 16 ноември 2018 година се вратив од Русија, 7 дена подоцна беше потпишан записникот за признавање долг, а веќе на 25 ноември токму управителот на „Балкан Груп Констракшн“ ми пријави дека бил ставен во заблуда и дека слушнал чудни разговори меѓу Капушевски, управител на „Сис Инвест Груп“ и „Кратер“.

ФОКУС: Што точно ви пријавил другиот управител? Какви разговори слушнал?

САМСОНЕНКО: На управителот му беше чудно зошто сум направил записник за признавање долг ако на 12 ноември 2018 година е солемнизиран договор. Веднаш потоа го избркав Капушевски од работа. Тој се договарал со „Кратер“ какви дејства да преземат за да дојдат до објектот. Уште неколку компании веќе признаа, а спремни се и да сведочат во соодветна постапка, дека Капушевски со иста понуда доаѓал и кај нив. Станува збор за најмалку 3 компании. Според моите претпоставки, тој најверојатно се обидувал да обезбеди неколку доверители, но на крајот сепак испадна да има само еден тужител – „Кратер“.

ФОКУС: Значи, според вас, Капушевски и „Кратер“ преку нелегален документ ја турнале вашата фирма во стечај.

САМСОНЕНКО: Да! Дека е така покажа и увидот во документите и во предметите што го извршивме, од што произлезе дека солемнизираниот договор ги содржи истите архивски броеви, како и договорот за гаранција склучен во 2016 година, кој не е солемнизиран и со кој јас бев запознаен. Со подетална анализа се утврди дека штембилот со кој е заверен договорот од „Сис Инвест Груп“ има статус ДОО (друштво со ограничена одговорност), а фирмата, ако постоел таков договор во 2016 година, ќе била ДООЕЛ (ДОО во сопственост на едно лице).

Ноторен факт е дека не може да постојат два договора со различна содржина, а со исти архивски броеви. Со други зборови, тие извршната клаузула ја вметнале во стариот договор и ги презеле сите бројки, но во нашата архивска книга пишува дека не станува збор за договор за деловно-техничка соработка, туку договор за гаранција од 2016 година.

СТЕЧАЈНИОТ УПРАВНИК Е КЛУЧНА АЛКА ВО ЦЕЛА КРИМИНАЛНА ШЕМА

ФОКУС: Откако ја утврдивте ваквата состојба, какви мерки преземавте потоа?

САМСОНЕНКО: Поведовме постапка за ништавност на клаузулата за извршност пред Основен граѓански суд, каде што ги доставивме сите докази и изводи од архивските книги. Се сослушаа сите странки и сведоци. Од, условно кажано, другата страна, сами изјавуваат дека тој договор врз основа на кој се иницира стечајната постапка е печатен во канцеларија кај адвокат во 2018 година, пред да одат кај нотар.

Исто така, сами признаваат дека јас не сум известен за договорот. На судењето, нотарот признава дека договорот е потпишуван на маса пред него и ставани се штембили. Патем, газдата на „Кратер“, Младеновски изјави дека имал 3 договори за деловно-техничка соработка со гаранција кои биле потпишани во 2016 година, така што во канцеларијата на неговиот адвокат донел 3, а другите 3 ги допечатувале, зашто потребни се 6 примероци кога се солемнизира договор во извршна исправа.

Значи, тие 3 договори ќе имале печат ДООЕЛ ако биле од 2016, а не ДОО како што впрочем имаат. Сепак, судот го одби тужбеното барање со небулозна пресуда.

ФОКУС: Дали поднесовте жалба на одлуката на првостепениот граѓански суд?

САМСОНЕНКО: Постапката за ништавност пред судот се одолжува и со доставување на пресудата, токму со цел да се отвори стечај. Сега предметот е во апелација, но поради стечајот го враќаат административно и во сегашната ситуација стечајот фактички не може да ја поништи клаузулата.

Практично, судијата цело лето не ја носеше пресудата само за во септември да се отвори стечај, зашто законски, кога ќе се отвори стечај, се запираат постапките. Тогаш, стечајниот управник треба да продолжи да настапува во име на „Сис Инвест Груп“ и така ја водат и контролираат цела игра.

ФОКУС: Моментално, во која фаза е стечајната постапка, која практично ја замрзнува граѓанската постапка за извршната клаузула?

САМСОНЕНКО: Ние од апелација бараме приоритетно да се реши спорот за извршната клаузула, но двапати сме одбиени од претседателката на судот. Во таква ситуација, сега треба да се одржи второ рочиште во стечајната постапка за испитување на побарувања. Клучната алка во оваа криминална шема е стечајниот управник Богољуб Макревски.

ФОКУС: Зошто мислите така?

САМСОНЕНКО: Колку што јас имам информација, и стечајот на БЕГ го водеше Макревски, а исто така побарувач е компанијата „Кратер“, која и го предложила овој стечаен управник. Истата шема е присутна и во стечајот за „Сведмилк“ – „Кратер“ побарува долг и го предлага Макревски за стечаен управник. Има и уште еден случај поврзан со салата во Охрид во 1996 година – „Кратер“ побарува долг и го предлага истиот стечаен управник. Има долга историја на соработка на истите луѓе и спрегата меѓу нив е евидентна.

ФОКУС: Како доверителот го избира стечајниот управник? Нели тоа треба да го стори судот?

САМСОНЕНКО: Законски, со оглед дека има само еден доверител, во случајов „Кратер“, има право да предложи привремен доверител. Законот му дозволува тој да го направи изборот и судијата го прифаќа. Но, ако се пријавиле повеќе доверители во првичната пријава, тогаш електронски се избира од листата од Стопанска комора и Министерство за економија по систем на лотарија.

Но, во овој и другите споменати случаи, „Кратер“ е единствен доверител во првичната пријава и судијата го прифаќа неговиот предлог, а потоа го назначува и за официјален и постојан стечаен управник.

ФОКУС: Сакате да кажете дека ова злосторничко здружение, како што го нарековте, вклучува и инстанци во правосудството?

САМСОНЕНКО: Апсолутно! Најдобра потврда за тоа е машинското и економското вештачење што го нарачавме од лиценцирани професори од Машинскиот факултет, со што се доаѓа до фрапантен податок дека не постои долг и опремата што се фактурирала не е ниту изработена, ниту монтирана на објектот од наводниот доверител. Нашето вештачење утврди дека јас всушност и немам долг, а „Кратер“ бара долг од 2 милиони евра, плус еден милион евра камата.

ФОКУС: Дали вештачењето го доставивте до судот?

САМСОНЕНКО: Се разбира. Ние го доставивме нашето вештачење до судијата и тој рече дека ќе треба да побара супервештачење. И ние го бараме тоа! Тогаш, „Кратер“ се правдаше дека ја размонтирал опремата и ја однел кај себе во магацин и затоа нема опрема во објектот. Ако навистина е така, зошто тогаш фактурира? Ако навистина е така, зошто нема записник за демонтирање на опремата? Ако навистина е така, зошто никој не го видел тоа иако поставени се камери и обезбедување кое е 24 часа на објектот?

МИ НАЈДОА МИЛИОНСКИ ДОЛГ, ИАКО РЕАЛНО ДОЛГ НЕ ПОСТОИ

ФОКУС: Од вештачењето произлегува дека вие практично сте признале долг со записникот кој реално не постоел. Како е можно тоа?

САМСОНЕНКО: Точно! Сите овие документи се доставени и до стечајниот судија и до привремениот управник, но стечајниот суд на 16 септември годинава отвора стечај, без за него да постојат ниту процесни, ниту материјални претпоставки. Истиот ден, мојот полномошник Александар Новаковски беше повикан за притворски предмет во обвинителството за организиран криминал и корупција.\

За неговата неможност да присуствува се достави и писмена потврда, а воедно и лично шефицата на обвинителството ја извести стечајната судијка дека се работи за сериозен предмет, во кое е спроведено лице на распит и неопходно е присуството на адвокатот.

Одговорот беше дека рочиштето ќе се одложи. Но, сепак, на крајот стечајниот судија го направи спротивното и отвори стечајна постапка. Иако бевме информирани дека ќе се бара супер вештачење за нашето вештачење, сепак, и тоа не се направи. А, извештајот и анализата од привремениот управник ни беше доставена дури на 17 септември, ден по отворањето на стечајот. Како е ова возможно?

ФОКУС: Какви наводи содржи овој извештај?

САМСОНЕНКО: Со извештајот му се признава на „Кратер“ стока во магацин, набавена, а неиспорачана стока, како и „вратена опрема“, со што се доаѓа до долг од 237 милиони денари. Стоката мора да се врати со записник, но нема записник, а тоа се спроведува, бидејќи надзорот е физичко лице, кое никој не го познава.

За цел објект надзорот го врши компанија, додека само за делот на „Кратер“ има специјален и сомнителен надзор, назначен од нив и од Капушевски. Според извештајот што ни го доставија, „Кратер“ наоѓа разлачно право, добиено преку прибелешка кога поднеле извршување врз основа на фалсификувана извршна исправа, кое изнесува 280 милиони денари. Значи, клаузулата изнесува од 119 милиони денари, која потоа расте до 280 милиони денари.

ФОКУС: Оттука произлегува дека првичниот долг бил набилдан за повеќе од двојно.

САМСОНЕНКО: Иако „Балкан Груп Констракшн“ е главен должник и неговиот долг, ако постои, е 119 милиони денари, сепак, стечајот го отвораат на гарантот „Сис Инвест Груп“, токму со цел да ги набилдаат побарувањата до 280 милиони денари. На тој начин, „Кратер“ треба да стане одлучувачки фактор во постапката.

Во функција на тоа, каматата на нивните побарувања продолжува да тече по 16 септември, иако законски мора да престане со отворање на стечајот. Како е ова возможно? Сето тоа ми дава право да верувам дека ова е злосторничко здружување со мрежа на корумпирани нотари, кои веќе имаат неколку кривични постапки, извршители и судии.

ФОКУС: Нели и други компании пријавија побарувања? „Кратер“ можеби е најголем, но не е единствен доверител.

САМСОНЕНКО: Три компании, кои се сопственици на квадратури до 1.000 квадрати стекнати уште пред да го преземам проектот за изградба на објект со вкупна површина од 60.000 квадрати, мора да го пријават побарувањето. Ако не го направат тоа, потоа не можат да ги остварат правата.

Овие фирми, меѓу кои се „Ексико“, „Кара“ и други, пријателски ми го прифаќаат одложеното плаќање, но кога гледаат дека има стечај, испровоциран од друг субјект, мора да го пријават побарувањата за да не бидат извисени. Значи, „Кратер“ го предизвикува стечајот, но кога веќе е отворен, нормално е дека ќе излезат и други доверители.

ФОКУС: По сето тоа, вие покренувате кривична постапка.

САМСОНЕНКО: Во февруари годинава поднесовме кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство против 3 лица за злосторничко здружување, фалсификување исправа и измама со вештачења, со докази. На 8 октомври ме повикаа да дадам исказ, меѓутоа обвинителката не беше присутна. Бевме известени дека ќе нѐ повикаат за ден или два, но и тоа не се случи. Потоа, доставивме барање до претседателот на Апелациониот суд Скопје за да се даде приоритет во решавање на предметот по жалба за клаузулата, но за истото бевме одбиени.

Сите овие случувања ни даваат основа да се сомневаме дека се работи за организирана шема, во спрега со фирми, посредници и судот, како и обвинителство, позната во светот како организирано преземање објект со намалување на цената, негово фиктивно обезвреднување и нанесување штета на друг. Се ова ниту може да биде случајно, ниту, пак, може да се организира без спрега со надлежните органи.

ФОКУС: Дали ја разгледувате и опцијата за меѓународна арбитража?

САМСОНЕНКО: За овој предмет е информирано и Министерството за внатрешни работи. Поради фактот дека постои договор со државата, а имајќи ги предвид штетите што ги трпат инволвираните фирми, не се исклучува и можноста да се побара меѓународна заштита пред меѓународните судови и меѓународна арбитража. Нанесените штети некој ќе мора да ги надомести. Целата постапка оди бавно и сега одиме во организиран криминал.

СРПСКИ ТАЈКУН МИ ПРАТИ АБЕР ДА МИ ГО ОТКУПИ ОБЈЕКТОТ

ФОКУС: Добро, што мислите, кој е мозокот на сето ова?

САМСОНЕНКО: Иницијативата сигурно потекнува од Ратко Капушевски зашто на многу фирми им го нудел истото, кои сами ми го пријавија, додека потоа процесот го води стечајниот управник.

ФОКУС: Како воопшто сте стекнале толкава доверба во Капушевски, која, доколку ова што го говорите е точно, била злоупотребена до крајни граници?

САМСОНЕНКО: Во 2012-2013 година склучивме договор за кирија во салата „Борис Трајковски“ за женската екипа на Вардар, каде што тој беше директор. Во тоа време, со Капушевски имаме одлична соработка и потоа самиот ми рече дека веројатно ќе си оди од таму, бидејќи му било преку глава од државна работа. Тогаш му понудив да дојде кај мене, јас барав управители и така почна. Сѐ беше добро до моментот кога дознав дека тој пред една година нудел непристојни понуди. Па, го избркав уште пред да дознаам за клаузулата.

ФОКУС: Имате ли сознанија како се формирала спрегата меѓу Капушевски и „Кратер“?

САМСОНЕНКО: Кога го зедов на работа Капушевски некаде во 2013-2014 година, „Кратер“ работеше кај него во „Борис Трајковски“. Колку што сум информиран, таму влегла Финансиска полиција и покренала кривични пријави. Ние го завршивме хотелот „Русија“ на почетокот на 2015, а објектот на плоштадот почнавме да го градиме на крајот на 2015 година. Имам доказ дека постои позајмица од „Кратер“ на приватна фирма во сопственост на Ратко Капушевски, во износ од 9 милиони денари. Како е ова возможно?

Значи, човекот кој работи кај мене како генерален управител зема позајмица на негова приватна фирма од подизведувач, која не е вратена. Зошто тој не побарал позајмица лично од мене? Во јули 2015 година завршуваме со изборот на изведувачи на објектот, а во декември 2015 година, позајмицата пристигнува на сметката на фирмата на Капушевски .

ФОКУС: Дали алудирате дека оваа позајмица всушност претставува провизија за оваа зделка, за вклучување на „Кратер“ во проектот на плоштад?

САМСОНЕНКО: Може да е така, зашто се работи за 4 месеци разлика. Го честеле со 9 милиони денари Ратко за да го избере „Кратер“ да работи и на објектот на плоштад. Но, тој нема само една фирма. Добив информација дека има и втора фирма, која во 2017 година била ликвидирана. Погодете на кој Капушевски му дал полномошно да ја прави ликвидацијата? Се работи за сегашниот адвокат на „Кратер“, Александар Димитриевски, кај кого се печатени договорите.

ФОКУС: Добро, која е целта на сето ова, како треба да заврши и во чија корист?

САМСОНЕНКО: Целта е да го обезвреднат објектот и да го земат за евтини пари.

ФОКУС: Имате ли некакви информации кој би сакал да го преземе објектот?

САМСОНЕНКО: Цело време истражувам и не знам веќе што да мислам. Единствено сериозно сомневање имам во еден српски тајкун, кој се појавува од заднина. Еден македонски олигарх во негово име ми пристапи и ми даде предлог да ми ги вратат парите што сум ги потрошил и да го преземат објектот.

ФОКУС: Значи сте имале и конкретна понуда. Кога се случи тоа?

САМСОНЕНКО: Сега пред една недела. Мислам дека оние можеби не стојат зад цела операција, дефинитивно сакаат да ја искористат и да го преземат објектот. За тоа треба да имаш многу пари и нема многу такви луѓе во регионот.

СЕКОЈА ВЛАСТ ТРЕБА ДА МЕ ПОДДРЖУВА ЗА СÉ ШТО ПРАВАМ ТУКА

ФОКУС: Своевремено, вашето име со доведуваше во корелација со многу компании и проекти во земјава, па моментално во кои фирми сте присутен како (ко)сопственик или акционер и во кои инвестициски проекти сте вклучен?

САМСОНЕНКО: Сите фирми ми се поврзани со работење на спортски објекти и имаат повеќе социјална отколку бизнис-улога. Сите работат во загуба и донираат значајни средства.

ФОКУС: Какви ви се плановите за понатаму, во однос на спортските клубови што ги финансирате?

САМСОНЕНКО: Сто милиони сум потрошил на спортски екипи во државава. Сѐ уште ги финансирам машкиот и женскиот ракометен тим Вардар и истоимениот фудбалски тим. Како ќе биде понатаму, не зависи само од мене, зашто не сме излезени од финансиска криза.

\Се разбира, јас ќе ги исплатам сите вработени и играчи кои се апсолутно коректни, а некогаш и херојски се однесуваат во натпревари. Не е прашање дали сакам или не, многу години финансирам и тешко се издржува, немам толку пари.

Секоја година оди сѐ потешко. Кога по вторпат освоивме европска круна во Лигата на шампионите ми беше ветена помош од различни институции во државата и јас уште ја чекам таа помош, зашто без неа не би можел да издржам понатаму.

ФОКУС: Некако овие ваши финансиски проблеми доаѓаат по политичките промени, па дали може да се резонира дека за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ сте имале политичка поддршка за вашиот бизнис?

САМСОНЕНКО: Тоа нема никаква врска. Во сите години до промената на власта јас само добив ослободување од комуналии за хотелот „Русија“ и Град Скопје ме ослободи од половина од комуналиите за академија за деца во парк.

И Општина Центар ми вети ослободување, но тоа не се случи. Јас ова лето добив помош по европската круна од оваа влада од 500.000 евра и од Градот од 100.000 евра премии, кои претходно не ги добивавме. Инаку, јас треба да имам политичка поддршка од која било власт за се што правам тука.

ФОКУС: Сепак, вашето доаѓање во земјава временски коинцидира со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, а на едни избори изразивте и јавна поддршка кон оваа партија. На некои настани, пак, се појавувавте задно со екс премиерот Груевски…

САМСОНЕНКО: Јас не сум политички човек, јас сум почесен конзул на Русија и треба да ја поддржувам политиката на мојата матична држава. А, кога ќе почнам да поддржувам една или друга партија, ќе добијам забелешка од руската амбасада, бидејќи не смеам да поддржувам партија. Што се однесува до спотот…

Јас прво отидов кај градоначалниците на Карпош, Центар и Кисела Вода за да побарам плац за да изградам спортски центар, но сите ме одбија, а Марјан Ѓорчев не ме ни прими. Потоа, ексракометарката и претседател на женскиот клуб Вардар, Гордана Нацева ми кажа дека го познава градоначалникот на Аеродром Ивица Конески, кај кого сме можеле да ургираме, иако не е од нејзина партија. Отидовме кај него и тој ни понуди плац во близина на овој објект. Но, кога се видовме вторпат, тој рече дека подобро е салата на МЗТ да биде мултифункционална, да ја изградиме без да платиме комуналии, ама да отстапиме термини за тренирање на МЗТ и за натпревари.

Тогаш имаше избори и тој побара да дадам поддршка за неговата партија. Имајќи предвид дека тој ми излезе во пресрет за разлика од други градоначалници, јас тоа го направив да го испочитувам неговиот однос кон мене, и бев апсолутно искрен и тоа беше сѐ.

ФОКУС: Сте имале ли средби со високи функционери за време на актуелната власт на СДСМ?

САМСОНЕНКО: Постојано имам средби за одредени прашања што се појавуваат.

ФОКУС: Дали некој досега ви пратил порака да ја напуштите државата, бидејќи може да се чујат и такви гласини во одредени политички и бизнис-кругови?

САМСОНЕНКО: Јас никогаш не сум планирал да ја напуштам државава, а ниту сум добил вакви или слични пораки од власта. Второ, јас имам ист однос и со претходната и со оваа власт. Мене ми се исти и нема никаква разлика. Единствена разлика е проблемот што го имам со објектот на плоштад и стечајот, но тоа не е од политичка природа, туку е чист криминал.

ЈАС СУМ ЦЕЛОСНО АПОЛИТИЧЕН, НО ЈА ПОДДРЖУВАМ МОЈАТА ДРЖАВА

ФОКУС: Поседувате акции во „Жито Полог Тетово“, „Стопанска банка Битола“, бевте косопственик во „Здравје Радово“,па излеговте од фирмата. Во сопственичката структура на овие компании има и други бизнисмени, меѓу кои Орце Камчев за кого во едно од ретките интервју изјавивте дека ви е најдобар пријател во државата и дека заеднички планирате да инвестирате во млекара и болница во Русија. До каде се овие проекти?

САМСОНЕНКО: Млекарата е во процес на изградба, болницата е во процес на проектирање. Точно е дека Камчев ми е најдобар пријател, гледам многу луѓе го напаѓаат. Не сакам да го бранам, но за него има погрешна слика од тоа што го знам за него во реалноста. Јас сум сигурен дека сликата за него во јавноста е погрешна. Нападите кон него се некоректни, сите имаат право на свој став, но тие да се базираат на објективност.

Од „Здравје Радово“ излегов од економски причини поради партнерство со еден партнер од кој купувавме млеко за 21 денар, иако пазарна цена во Македонија беше 18 денари и затоа имавме загуба. Сепак, тој не сакаше да спушти цена и не сакав да соработувам со таков партнер, по што му понудив или јас да го откупам неговиот дел или тој да го откупи мојот дел по негов избор. Тој избра да го откупи мојот дел.

ФОКУС: Колку офшор-компании поседувате и дали преку некоја од нив сте активен во Македонија? Познато е дека хотелот „Русија“ го изградивте преку офшор-компании од Кипар и Белизе, па кој е мотивот да користите офшор-компании во вакви зафати, наместо регуларни компании од оваа или друга држава? Секогаш кога се говори за офшор-компании, се поставува и прашањето за потекло на капиталот.

САМСОНЕНКО: Тие офшор-компании ги користам поради даночни привилегии. Но, тие што сакаат да пишуваат глупости за мене, забораваат да напишат дека јас поседувам лиценци. Моите компании се реални и работат со лиценци. Лиценцирани компании работат во одредена дејност. Ако законот ми дозволува да отворам некаде компании за даночни привилегии, зошто тоа да не го искористам?

ФОКУС: Кога Македонија и Грција беа во напредна фаза на надминување на долгогодишниот спор со името на земјава, во Грција на сцена стапија руски и проруски бизнисмени,кои се обидуваа да го опструираат овој процес? Еден од нив беше Савиди кој, исто како и вие во Македонија, поседува спортски клуб во Грција. Дали вие сте биле дел од некакво сценарио за блокирање на процесот за решавање на спорот за името?

САМСОНЕНКО: Иван Савиди го познавам лично,тој е од мојот град. За мене се напишани многу глупости, исто и за Савидис. Тој нема никаков интерес тоа да го прави.

ФОКУС: Дали е случајно тоа што многумина Руси во туѓи држави стануваат газди на спортски клубови? Дали тоа претставува модел за регрутирање на фанатична структура на граѓани кои потоа би се инструментализирале за одредени цели?

САМСОНЕНКО: Вие добро знаете колку лаги има за Русија од мешање во избори итн. Тоа не држи вода. Цело време се зборува за некакво руско влијание. Од се што е напишано за мене, 90 отсто се лаги.

ФОКУС: Дали, на пример, информацијата дека требало да финансирате проруска партија во земјава, која наводно беше осуетена од домашниот политички естаблишмент и меѓународната заедница, е лага или спаѓа во оние 10 отсто вистина?

САМСОНЕНКО: Ова е уште една од лагите. Знам дека руската амбасада и Русија сакаат да бидат неутрални и да имаат добра соработка со државата. Јас мојата држава ја поддржувам, но сум целосно аполитичен човек. Уште една од многуте лаги дека има шпионски центар во Битола, во мојот конзулат. Седат некои параноични луѓе и смислуваат шеми.


ОБЛОЖУВАЛНИЦИТЕ СЕ НАЈГОЛЕМИ НЕПРИЈАТЕЛИ НА НАМЕСТЕНИТЕ СПОРТСКИ НАТПРЕВАРИ
ФОКУС: Многумина ве обвинуваат дека фактот што истовремено поседувате спортски клубови и обложувалници (Бетсити) претставува судир на интереси. Како гледате на тоа?

САМСОНЕНКО: Најголемите бранители на чесноста на спортските натпревари се обложувалниците, бидејќи тие би имале штета од спротивното. Нашата голема обложувалница „Бетсити“ има соработка со УЕФА, ФИФА итн. и ние пријавуваме сомнителни натпревари. Покрај тоа, треба да се знае дека за македонски првенства не може да ставите повеќе од 500 денари на натпревар поради нивната вредност.

Но, за светските првенства може да уплатите многу, ама таму не постои опасност за да се купи некој зашто платите и бенефициите се големи. Во македонските првенства овие суми се мали, ама затоа на македонски натпревари, еве кај мене, максимална сума за уплата е 500 денари. Овој интерес е во главните 5 првенства во фудбал, после одат хокеј и тенис, НБА и Евролига во кошарка, по што сѐ друго е многу подолу.


ЛИЧНО ГО ПОЗНАВАМ МИЈАЛКОВ, НО НЕ СМЕ ИМАЛЕ СОРАБОТКА
ФОКУС: Дали се познавате со екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков? Дали имате некаква бизнис или друг вид соработка?

САМСОНЕНКО: Лично го познавам и порано се гледавме на приватни настани, но соработка не сме имале никогаш. Јас цело време овде се обидувам да направам бизнис. И се обидувам да откупам акции ваму-таму, само што не ми оди добро. За првиот објект кој треба да биде економски профитабилен ми прават криминал.

Имам ситни побарувања, некаде сум купил плацови и слично, ама реално не добивам пари. Во еден период купив 50 станови за да не трошам пари за кирија за спортистите, отпосле пола од нив ги продадов за да раздолжувам кредити и пак, да вложам во спортот.


НЕ ЗНАМ КОЈ СТОИ ЗАД КОМПАНИЈАТА „ЕКСИКО“
ФОКУС: Дали сте имале одредена соработка со една од најпознатите офшор-компании во земјава „Ексико“, која, исто така, поседуваше акции во некои од друштвата каде и вие имате удели? Дали знаете кој се крие позади оваа компанија чиј сопственик е непознат?

САМСОНЕНКО: Никогаш не сум соработувал со оваа компанија. Единствено, таа има 200 или 300 квадрати во објектот на плоштад во моментов. Не се сеќавам колку точно зашто, сепак, тоа е објект од 60.000 квадрати, но тие ги имаше пред да го купам целиот проект и да почнам да го градам. Тоа е стекната обврска. Навистина не знам чија е компанијата.


АКО МАКЕДОНИЈА САКА ВО НАТО, НЕКА ОДИ ВО НАТО!
ФОКУС: Како што е познато, Македонија треба да го заокружи членството во НАТО, па како вие гледате на тоа од позиција на почесен руски конзул, со оглед дека Москва често пати знае да порача дека постоењето и ширењето на НАТО е бесмислено во ситуација кога не постои антиподот поради кое е настанато – Варшавскиот пакт?

САМСОНЕНКО: Уште еднаш сакам да ви потенцирам дека ниту сакам да давам политички изјави, ниту да се мешам во политика. Ставот на Руската Федерација за членство во НАТО е добро познат. Сепак, за членството на Македонија тоа е избор на македонскиот народ, ако сака во НАТО, нека оди. Ако не сака во НАТО, нека не оди. Секоја држава треба да го прави тоа што го сака, а другите држави не треба да се мешаат во надворешната политика.

Поврзани новости