(АРХИВА-1) Обвинителството ги чешла плацевите на бегалецот на Водно, но ги заборави оние во Горно Курило!

by fokus 15:47
15:47

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“, на 28 октомври 2020 година, во бројот 1.308

Поминаа пет години откако беа објавени „бомбите“ во кои екс премиерот Груевски во шифри зборува со Миле Јанакиески, за градежни парцели на Водно, и плановите за градба.

- Advertisements -

Обвинителството отвори истрага за тајните парцели на Груевски, над Панорама, кои смениле неколку сопственици, па од „рацете“ на Ристо Новачевски поминале кај Орце Камчев, а потоа кај сопругата на Самсоненко. Но, тоа не е сѐ. Се шпекулираше дека Груевски има таен имот и кај Тасино чешмиче, односно кај местото Горно Курило. Четирите парцели се на име на фирмите „Кара“ и „Ексико“

Пишува: Валентина ВУРМО

Никола Груевски, додека седеше на премиерската фотелја, тврдеше дека е безимотен, а во неговите анкетни листови никогаш не пријави стан, куќа или, пак, плац или нива. Никогаш не откри и на чие име е станот на улицата Павел Шатев, во кој со години живееше, а од кој успеа да се искраде и да избега за Будимпешта, Унгарија, иако е во непосредна близина на МВР.

Опозицијата, во 2011 година откри дека всушност „сиромашниот“ премиер има 4 стана, кои се водат на име на неговата мајка Надежда Груевска, а подоцна, во 2015 година обелоденија дека апетитите му пораснале, па обезбедил и неколку градежни парцели на Водно, каде што наводно имал намера да гради хациенда, но и згради. Но, како и становите, и овие парцели ги чувал далеку од очите на јавноста, затскриени зад лажни сопственици.

Со објавувањето на „бомбите“, неговата имотна мистерија почна да се разоткрива, а обвинителството е на пат да докаже дека всушност не бил безимотен, туку со богат „мираз“, кој му го донела партијата. Под истрага се парцели од вкупно 11.000 квадратни метри, но сомнежот е дека тоа не е сѐ!

КУПИЛ ДВЕ ПАРЦЕЛИ ЗА 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА

Истрагата што неодамна ја отвори обвинителството, „Плацевите на Водно“, а поради која кумот на Груевски, Ристо Новачевски, заврши во притвор, потекнува од згаснатото СЈО. Како што дознаваме, обвинителката Лиле Стефанова ја водела предистрагата, а предметот и понатаму е во нејзините раце.

Покрај Новачевски, осомничени се и Груевски, екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, мајка му Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција споделија детали за истрагата, односно дека најпрвин Груевски, од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра.

Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница.

Но, Груевски не платил во кеш или од лична сметка, туку според обвинителството, за да го скрие потеклото на парите, побарал од неговиот кум Новачевски, кој веќе имал регистрирана офшор-фирма во Белизе, жиро-сметката да му биде на располагање.

Па затоа, летото 2012 година била основана фирма-ќерка во Скопје, „Сирах инженеринг“, а на сметката во неколку наврати легнале парите на Груевски, стекнати преку донации за партијата. Со нив, пак, потоа биле исплатени две парцели, со вкупна големина од 11.000 квадратни метри.

Од обвинителството откриваат и дека по објавата на „бомбите“, кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели, се прави обид да се прикрие вистинскиот сопственик, па Новачевски ја пренел сопственоста на друго правно лице. Поточно, според документите од Централен регистар, уделот во „Сирах инженеринг“ го купува „Орка Холдинг“, во сопственост на Камчеви, а поголемата парцела се цепка на три помали.

За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот, „новите сопственици“ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6.785 квадратни метри на три нови парцели. За да ја прикријат локацијата и сопственоста, плацовите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажната цена“, појаснуваат од обвинителството.

Како што неофицијално дознаваме, ова физичко лице не е опфатено со истрагата и тоа никогаш не ја исплатило потребната сума.

НОВАЧЕВСКИ, ПА КАМЧЕВ, ДО СОПРУГАТА НА САМСОНЕНКО

Идејата за цепкање на парцелите била на Груевски, кој разговарајќи со тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, иако во шифри, открива дека намерата му била така поделен имотот да не паѓа в очи. Па, и да се открие дека има една помала парцела нема да биде толку страшно, а потоа, како што вели, годините минуваат, па ќе може да се распостеле на раат.

Тие, во 2011 година, договараат и измена на Главниот урбанистички план (ГУП) и на Деталниот урбанистички план (ДУП), бидејќи земјиштето е купено како зелен појас, односно шума, а не како градежна парцела. Груевски вели и дека треба да се побрза и да се заврши работата пред да се распишат изборите.

Од Град Скопје добивме информација дека ГУП-от последен пат е изменет во 2012 година, кога градежната линија е поместена. Потоа следувала и измена на ДУП-от, но очигледно не се истерала до крај, бидејќи во моментот парцелите во Катастар се запишани како шума.

Ова на прес-конференција во 2015 година прецизно го објаснува тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев.

Во првиот ДУП стои заштитено зеленило без никакви маркички за парцели. Во вториот ДУП што сакаа на сила да го носат предвиделе три огромни маркички за куќи. Се работи за катастарските парцели 1926/4 и 1926/5, со вкупна површина од над 11.000 квадратни метри, појаснуваше Заев.

Претпоставките се дека Груевски сакал да гради куќа, која ќе има приватност и ќе биде затскриена од останатите објекти.

Груевски: Таму знаеш што може да се направи? Може, за да не се гледаат одоздола да се дигне малце потпорен ѕид, да се напуни со земја и ќе гледаат у ѕид. Тоа ми текна.
Јанакиески: Така да. Ќе проверам уште еднаш.

Груевски: Едно 6-7 метри дигаш потпорен ѕид и они одоздола гледаат у ѕидот.

Разговорот покажува дека, освен на Јанакиески, му текнувало и на Груевски!

Груевски, пак, како што во минатото демантираше дека има плацеви на Водно, така и сега од Будимпешта прати абер дека власта продолжувала со политичкиот прогон.

Сѐ што стои во објавата со која отвориле истрага е лага и неточно и еден ден сѐ ќе им падне, порача бегалецот.

Денеска во Катастар овие парцели имаат нов сопственик, односно се на Друштвото за трговија, услуги, одмор и рекреација на пензионери „Лајф кеар центар“ ДОО Скопје. До јуни 2019 година оваа компанија била на бизнисменот Орце Камчев, а потоа управител и сопственик станува Ирина Самсоненко, сопруга на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Парцелите се со големина од 4.470, 750 и 4.923 квадратни метри шума.

ЗАБОРАВЕНИ ПАРЦЕЛИТЕ КАЈ „ТАСИНО ЧЕШМИЧЕ“!

Но, овие плацеви на Водно, не се единствените за кои постои сомнеж дека се на Груевски. Од самите „бомби“ се заклучува дека екс премиерот маркирал и друго замјиште, покрај ова од 11.000 квадратни метри, за кое вели дека го начекал за џабалак!

Но, бидејќи екс премиерот зборувал во шифри, конците на моменти не можел да му ги пофаќа ниту неговата тогашна десна рака, Јанакиески, па и тој на моменти се губи и не го разбира Груевски за кои плацеви му зборува.

Кога Груевски ја изложува идејата за цепкањето на парцелите, па вели „Ја би го направил на 20 парчиња, пошто тоа е големо“, Јанакиески додава дека реално може да се подели на 3 парцели по 1.000 квадратни метри.

Тогаш Груевски го исправа и му вели дека не му зборува за старите парцели што ги „маркирал“ први, туку за новиот имот, големиот, кој го начекал за џабалак.

По дадените насоки, Јанакиески се враќа во колосек, па нагаѓаат со која големина е старата парцела, која прва ја бендисал.

Груевски: Старото, старото беше околу 2,7 така?

Јанакиески: А…ааа. Не знам точно.

Груевски: 2.700 така беше.

Јанакиески: Мислам дека 3,5 беше. Ама не сум сигурен. 3-ка беше сигурно.

Груевски: Ја мислам дека 2.700 беше. Не мислам, него сум сигурен. Ова новото е 11.000.

Според информациите што ги објави Заев, Груевски и Јанакиески наводно зборуваат за атрактивни парцели кај Тасино чешмиче, во местото викано Горно Курило, во вредност од 5 милиони евра.

Првичната намена на парцелите била Д3, односно за спорт и рекреација, но со измените направени од Советот на Општина Центар ставена е маркичка за семејно домување со посебен режим.

Тогаш Заев откри дека парцелите се на Груевски, но со скриена сопственост преку фирмата на бизнисменот Орце Камчев, „Кара“ и фамозната офшор-компанија „Ексико“, која во истрагата за случајот „Империја“ допираше до Камчев, но и до Мијалков.

Според податоците од Катастар, четирите парцели сѐ уште имаат исти газди. Па така, во сопственост на „Кара“ е парцелата 1309/5, односно неизградено градежно земјиште од 875 квадратни метри, и парцелата 1309/8, шума од 732 метри квадратни.

Во сопственост на „Ексико“, пак, е градежното неизградено земјиште под парцела број 1309/13, со 3.880 квадратни метри, и уште една парцела, шума, од 634 квадратни метри.

МОЛЧИ ЗА 4-ТЕ ПЛАЦА НА ИМЕ НА „ЕКСИКО“ И „КАРА“

Бидејќи Груевски на Фејсбук се произнесе за плацевите кај Панорама, го прашавме што е со парцелите кај Тасино чешмиче, односно дали и тие се негови како што на времето обвинуваше СДСМ?

Тој ја виде испратената порака, но до затворањето на неделникот, не добивме повратен одговор.

Под лупа на СЈО, како што дознаваме, биле и овие парцели, но тогашната предистрага не се поместила. Првичните информации ги добиле преку поднесената кривична пријава од тогашната опозиција, а која Груевски го пријави како скриен сопственик на парцелите на двете локации, и кај Панорама, но и кај Тасино чешмиче. Нивната пријава опфаќаше повеќе осомничени, односно и градоначалниците Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ и како што посочија, вистинските, а засега скриени газди на фирми од Лугано и Белизе.

Груевски, Јанакиески, Трајановски, Тодоровиќ, Новачевски и другите се здружиле уште од 2011 година и преку злоупотреба на службената положба и перење пари сакале да ги скријат трагите на купувањето на имотот на Груевски.

Откако Груевски ги купил плацевите на Водно, кои биле надвор од градежна зона и тоа, еден од 4.470 м2, и друг од 6.785 м2 во местото викано Шербетница преку фирмата Сирах Инженеринг и 4 плацеви со вкупна површина од 6.121 м2 во месноста Горно Курило, со помош на министрите и градоначалниците почнале постапка за промена на генералните и деталните урбанистички планови за овие места“, пишуваше во кривичната пријава.

Од СДСМ обвинуваа дека промените во плановите биле завршени во јули 2014 година, со што, со дејствијата на Јанакиески, Тодоровиќ и Трајановски била поместена градежната линија за посочените парцели и на нив било предвидено да се гради станбена зграда.

Додека, пак, управителите на фирмите од Скопје, Белизе и Лугано ги откупиле плацовите по ниски цени, пред да се сменат урбанистичките планови.

Со вметнување во градежен реон многу пати се зголемила вредноста, па фирмите Сирах Инженеринг, Ексико и Кара оствариле имотна корист која се проценува на 17 милиони евра, обвинуваа од СДСМ.

Засега под истрага се само плацевите што ги купила фирмата Сирах, но не и оние на „Ексико“ и „Кара“.

Обвинителството не би требало да ги изгуби од вид, бидејќи како што и самиот Груевски вели, поминуваат годините и потоа некој на раат ќе распосла хациенда или зграда, ќе крене потпорен ѕид и никој нема да го види, ниту чуе!

ГРУЕВСКИ ПОД ТУЃО ИМЕ КУПИЛ ФИРМА ВО УНГАРИЈА?

Очигледно дека екс премиерот Груевски и понатаму е мистериозен кога станува збор за имот, па не сакаше да одговори на нашето прашање дали можеби си купил стан во Будимпешта, Унгарија?

По бегството, информациите од истрагата говореа дека престојува во хотел, а дел од медиумите пишуваа дека ќе добие стан од државата, во која доби статус на бегалец. Груевски не сакаше да ни одговори ниту дали е точна и оваа гласина.

Сепак, како што неофицијално дознаваме, од доброупатени извори, Груевски наводно купил фирма во Унгарија, но под туѓо име.

 

Поврзани новости