(АРХИВА) Интервју со Ременски: Ги знам сите актери на валканата конструкција против мене!

by fokus 20:00
20:00

Фросина Ременски, доскорашната пратеничка од редовите на СДСМ и универзитетска професорка од безбедносната сфера, се фати на стапицата на обвинителката Вилма Русковска. Ременски тврди дека е меѓу обвинетите во „Меѓународен сојуз“ за на среден рок да се спречи нејзиното политичко дејствување.

Истакнува дека сферата на безбедноста е бара со многу крокодили што демнат, но и потенцира дека ги знае сите актери на оваа валкана конструкција против неа. Додава, дека прашање на време е кога ќе се соочат со сите средства што ѝ стојат на располагање.

Разговараше: Валентина ВУРМО

ФОКУС: Стартот на судењето за „Меѓународен сојуз“, случај во кој сте една од обвинетите, се одложи бидејќи побаравте изземање на обвинителката Вилма Русковска. Кои се Вашите аргументи?

РЕМЕНСКИ: Точно. До Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески доставив писмено барање со прилог списи во поткрепа на основите за изземање на застапникот на обвинението што треба да го цени. Има неколку основи за изземање што државниот обвинител може да ги цени по член 21 од Законот за јавното обвинителство и по други одредби од ЗКП.

Причините се однесуваат на начинот на водење на целокупната постапка во сите фази до поднесување на обвинителен акт, начинот на прибирање докази и изјави, попречување на правото на независна истрага во внатрешна контрола за незаконски извршен претрес во мојот дом (веќе утврдени факти) и секако, не помалку важно моето чувство на пристрасност, заради моето инсистирање на одлука на ОЈО по 7 години по кривичната пријава што во 2013 година ја поднесов за незаконското опремување на МВР за што има бројни постапки и претставки.

За сето ова во повеќе наврати зборував и јавно, но сето ова помина без медиумски интерес за факти и без институционален одговор по бројни поднесени писмени документи и докази. Тоа зборува дополнително за начинот како може да се задушат фактите, наспроти тоа како можат шпекулациите да станат „факти“.

ФОКУС: Го поднесовте барањето за изземање на Русковска, иако искоментиравте дека не очекувате обвинителката да биде изземена, зошто?

РЕМЕНСКИ: И во изјавата пред ОЈО истакнав дека немам голема верба во позитивен одговор на барањето за изземање, ако имаме предвид дека, бројни неетички и непрофесионални испади на јавната обвинителка до денес останаа неразгледани и непостоеше никаков интерес да се провери вистинитоста за тоа што јавноста слушна и виде.

ФОКУС: Очекувавте дека воопшто нема да седнете на обвинителна клупа, односно судот при оценка на обвинителниот акт да ја запре истрагата против вас, но наместо тоа, актот беше прифатен во целост. Што се случи?

РЕМЕНСКИ: Од денешна дистанца гледано, кога повеќе работи и мене и на јавноста им се појасни, воопшто не ме чуди што токму јас бев избрана да бидам обвинета, а други не беа повикани во ОЈО, ниту да дадат изјави. Кога го зборувам ова, не алудирам на кривична одговорност, тука на покажување на дело дека сите сме еднакви пред законот и институциите.

Првиот момент кога бев спомната со име и презиме во контекст на Бојан Јовановски, јавно објавив дека стојам на располагање на институциите за сите прашања што ги има за мене. Така и бидна. На 5.9.2019 година бев во ОЈО како лице од кое се бара известување. Откако се заокружи истрагата и за „Рекет“ и за „Меѓународен сојуз“, и откако јавноста денес слуша и гледа, многу мои сопартијци не се понудија во ОЈО да дадат исказ за околностите и релациите со Бојан Јовановски за кои беа споменувани.

ОЧЕКУВАВ КАЦАРСКА ДА ЈА ЗАПРЕ ПОСТАПКАТА ПРОТИВ МЕНЕ

ФОКУС: Очекувавте истрагата за вас да запре, но можеби да опфати други ваши сопартијци?

РЕМЕНСКИ: Во декември минатата година истакнав дека, врз основа на тоа што го гледаме како поткрепа на наводите на ОЈО, очекувам запирање на постапката против мене, што не се случи. И тогаш и денес тврдам дека нема кривично дело помагање во ниту едно мое дејствие, ниту во овој предмет, ниту криминално однесување во кое било друго мое однесување.

Очекував Судот и судијката Добрила Кацарска, која го оцени обвинителниот акт, да го согледаат тоа во фаза на оценка на предлог-обвинителниот акт, но тоа повторно не се случи. Она што јас го имам како сознание е дека Судот во фаза на оценка немал пракса да запира постапка. Колку ова образложение држи, не можам да ценам. Очекувам судечкиот совет во судската постапка објективно и непристрасно да ја цени основаноста на обвинението и да постапува независно.

ФОКУС: Изјавувавте дека Вашето инволвирање во случајот „Меѓународен сојуз“ има заднина. Која е таа?

РЕМЕНСКИ: Во повеќе наврати пишував и зборував, а има и институционални постапки дека позната структура на меѓуинституционални извршители на порачани наредби и нарачки „пронашле згодна прилика“ во фаза на реформата на УБК и пријавите по парламентарен надзор, да „протнат“ теорија дека, еден од сите политичари што комуницирале, се дружеле и се сликале со Бојан Јовановски мора да биде дел од случај што ќе се претстави како случај на висока корупција.

Сето ова е направено на многу неодржлива и неаргументирана основа, но со една единствена цел, а тоа е во моментот и на среден рок да се попречи моето политичко дејствување и да се фрли дамка на мојата стручна експертиза, која оди во прилог на аргументации и потреба институционално да се дејствува и да се спречи и да има одговорност за параинституционалното функционирање по предмети, кои се нарачки од тие што штитат исклучиво лични криминални и коруптивни интереси.

ФОКУС: Сметате дека Вашите пријави по парламентарен надзор се причина да ве сместат во случајот?

РЕМЕНСКИ: Моето инсистирање на одговорност, не само преку реторика, туку и на дело, очигледно пречело и поттикна неосновани дејствија и обвинение против мене. Жалам, што речиси ниту еден медиум не пројави интерес за постапките од парламентарен надзор што ги објавував јавно, од што може лесно да се согледа временскиот период на моето интензивно дејствување и дејствувањето на сите други тоа да остане под тепих. Но, факт е дека за предметите од парламентарен надзор информирани се сите релевантни домашни институции и неколку амбасади на земји-членки на НАТО.

ФОКУС: Факт е дека едвај ве има во обвинението, како товар ви се става дека со вашиот углед и авторитет сте му помогнале на Бојан Јовановски во измамата на бизнисмените. Која е вашата вистина?

РЕМЕНСКИ: Тоа е наведено во обвинението. Мојот углед и авторитет за првпат во мојата 20-годишна професионална кариера и политичко дејствување е ставен во негативен контекст. Во една изјава за „Фокус“ веќе кажав и ќе повторам дека, немам никаква инволвираност во облигационите договори што ги потпишувале страните што водат спорови во граѓанска постапка.

Мојата јавна поддршка на вакви и слични проекти, промовирани од Владата, приватниот сектор, граѓански организации и поединци не е ништо ново. Поддршката ја давам на секој субјект што сака и има капацитет да реализира проекти од општествено значење, особено во сферата на социјалната заштита и заштитата на децата и возрасните. Мојата поддршка на овој проект во кои верувале страните во договорите била и останува во контекст на важноста на здравите и потребните идеи, кои треба да се реализираат исклучиво преку законски утврдените постапки уредени во повеќе владини документи, државни поволности, олеснувања од централно до локално ниво.

НЕ СУМ АВТОР НА ПРОЕКТОТ ЗА СТАРСКИТЕ ДОМОВИ!

ФОКУС: Дали навистина постоеше ваков проект за изградба на старски дом и доколку е така, која беше вашата улога?

РЕМЕНСКИ: Јас не сум автор на проектот за старските домови за да можам да зборувам за целокупната негова автентичност. Но, од она што го знам од јавната презентација на проектот од страна на авторката (го знаат сите присутни на таа промоција) е дека, авторката Лилјана Тодоровска имала сериозен континуитет во промоција на овој и слични проекти, кои во различни временски периоди биле промовирани пред владини, локални претставници и се наоѓале на листата за инвестиции во државата многу поодамна.

Немав никаква улога во овој проект, освен, се разбира, поддршката што ја има секој автор на општествено добра идеја и проект од јавен интерес. Авторката во договор со Меѓународен сојуз презела права и обврски, учествувала во подготовка на бизнис-планови и студии врз основа на што и биле склучени договорите во инвеститорите.

ФОКУС: Во обвинението се посочува само една средба од 2017 година, на која наводно вие заедно со Боки 13 сте се сретнале со бизнисменот Амзоски, при што сте му кажале дека проектот има поддршка од Владата. Тогаш наводно Јовановски му побарал 350.000 евра на бизнисменот. Дали присуствувавте на оваа средба?

РЕМЕНСКИ: Овој интерпретиран дел од обвинението е изваден од пообемен исказ на бизнисменот Ардијан Амзоски, кој е сведок на ОЈО. Условите, правата и обврските, финансиските конструкции на договорните страни во реализација на проектот биле предмет на потпишан договор, кој верувам бил склучен доброволно и волно, врз основа на правни и финансиски анализи и факти. Еден од неспорните факти е дека, и оваа Влада и претходните влади, и мојата партија и партијата што беше власт до 2016 година, со конкретни мерки и поволности поттикнувала и поддржувала, поттикнува и поддржува вакви проекти. Тоа се јавно проверливи факти, не се мои ставови и уверувања.

Бизнисменот Амзоски е од видно семејство на наш партиски коалициски партнер, сериозен инвеститор во градежништвото и со него сум имала комуникација и за работи, кои воопшто не се поврзани со невладината организација. Не би коментирала понатаму никаков контекст на изјава, особено не контекстот што го извлекол ОЈО.

ФОКУС: Во невладината „Меѓународен сојуз“ бевте почесен претседател. Од каде и кога произлезе вашата соработка со Јовановски?

РЕМЕНСКИ: Во невладината организација почесно членство освен мене има Илинка Митрева, Чарлс Гарет, Костадин Костадинов и Стефан Богоев. Сите ние, и бројни познати лица од политиката, науката, спортот, невладиниот сектор, медиумите бевме дел од свечената манифестација на основање на невладината „Меѓународен сојуз“ при што бевме избрани за почесни членови, без право на никакво формално одлучување, претпоставувам како признание на наши минати активности и заложби во сферата на хуманите активности и поддршки што ги имале сите на кои тоа им било потребно.

ФОКУС: А од кога се познавате со Јовановски?

РЕМЕНСКИ: Бојан Јовановски до познавам од периодот на неговите хуманитарни активности и манифестации што ги организирал и на кои учествувале многу граѓани, а лично го запознав во 2016 година, кога за време на техничката влада спасував од неоснован предлог за отказ неколку вработени, за да дознам подоцна дека една од вработените била и неговата мајка.

И денес ќе кажам дека Бојан, наспроти сите епитети што ги носел и кои ги понесе, беше другар со сите и делеше блискост со многу луѓе, кои денес се прават дека не го познаваат. Лично, никогаш не сум била дел од ниту едно лицемерие насочено кон лице или група и никогаш не сум потценила човек, без разлика на јавни осуди и квалификации што ги носел.

ПОБАРАНО ЛАЖНО СВЕДОЧЕЊЕ ЗА ДА МЕ „БЕТОНИРААТ“

ФОКУС: Јовановски неколкупати повторува дека обвинителката Русковска му нудела спогодба доколку сведочи против вас. Дали тоа значи дека вие сте целта во овој случај?

РЕМЕНСКИ: За мое изненадување и разочарување, оваа вест ја дознав од медиумите, која Бојан Јовановски на двапати ја дал на јавна седница, пред судии во кривичниот суд и во Апелацискиот суд дека за да добие позитивно мислење од ОЈО за да биде пуштен во куќен притвор да сведочи лажно против мене, за да може ОЈО „да ме бетонира“. Јас и тогаш и сега ќе кажам дека строго казниво е изнудувањето исказ заради обезбедување поволност за лицето од кое тоа се бара и дека тоа е кривично дело и е симбол на една не така заборавена „полициска тактика“. Овие наводи најдобро може да ги објасни Јовановски и очекувам тоа да го направи.

ФОКУС: Целта е да бидете политички елиминирани?

РЕМЕНСКИ: Од целиот општествено-политички контекст, од минатата година до денес, само ми се потврдуваат одредени сознанија и сомневања дека политичката елиминација по нарачка на засегнати страни од моето политичко и професионално дејствување е делумно постигната. Сферата на безбедноста е бара со многу крокодили што демнат. Јас ги знам сите актери на оваа валкана и неиздржана конструкција против мене и прашање на време е кога ќе се соочат со сите средства што ми стојат на располагање да ги соочам со нивната одговорност за овој груб атак на мојот интегритет.

ФОКУС: За време на истрагата обвинувавте дека претресот во вашиот дом бил извршен незаконски. Зошто и дали Внатрешна контрола на МВР утврди незаконско постапување?

РЕМЕНСКИ: Никого не обвинувам неосновано и без потврда на аргументите. Точно, со незаконскиот претрес во мојот дом е сторена сериозна повреда на најзаштитеното право на човекот – правото на неповредливоста на домот што по правило најбрутално се крши при непочитување на правилата на претрес. Внатрешната контрола, 30 дена, минатата година (октомври-ноември) постапуваше по мојата претставка. Како резултат на тоа нивно постапување составен е извештај од 14 страници со констатирани бројни прекршувања на закон и сериозни пропусти, незаконски спроведени дејствија врз основа на наредба на ЈО.

ФОКУС: Што конкретно е спорно при претресот?

РЕМЕНСКИ: Ниту во теоријата, ниту во праксата за полициското постапување нема ваков пример на претрес без да бидат исполнети основните правила на претрес (присуство на сопственик во домот, присуство на лицето на кое се однесува наредбата или сведок). Влезено е во домот и 2 часа е вршено претресување без наше присуство и без присуство на ниту еден сведок. Затекнатите службеници при нашето доаѓање дома не се легитимираа, не покажаа наредба, не кажаа кој е одговорно лице за претресот, не дадоа поука за права, сѐ додека по мое подолго инсистирање не го сторија тоа. Заради одземање на доказот за овој незаконски влез, забрана за влез дома на моите деца, одземен ми е видеонадзорот во кој лежи круцијалниот доказ за незаконитоста.

ФОКУС: Овие пропусти ги утврди Внатрешна контрола?   

РЕМЕНСКИ: За овие суштински повреди подготвен е извештај, кој, за жал, е грубо криен и фалсификуван со просто известување во кое внатрешната контрола се прогласи за ненадлежна да постапува по претставки против полициски службеници, потпишано од Дејан Андонов, помошникот за внатрешна контрола. За среќа, сите овие нерегуларности се сочувани и архивирани во извештајот против кој се борат сите да не го добие светлото на денот за да нема казни и одговорност.

Ден-денес написмено инсистирам и потсетуваме дека, МВР има законска обврска до подносител на претставка да достави писмен извештај за сите преземени дејствија, мерки и активности наведени во претставката, затоа што е должно. Врз основа на таков извештај, подносителот на претставката има право да поведе приватна тужба, а други институции да постапуваат по службена должност. За сметка на вистината, засегнатите „заинтересирани“ страни, за да немаат одговорност за овие сериозни повреди за кои кривично се одговара, прават сѐ да ја попречат правдата и да упатуваат суптилни закани кон лица во внатрешната контрола дека не смеат да постапуваат по мојата претставка.

ФОКУС: Каде ја лоцирате одговорноста?

РЕМЕНСКИ: Како одговорни за ова попречување ги сметам Дејан Андонов, Лазе Велковски, Вилма Русковска и Гордана Смаќовска.

Сето кажано е документирано и стана дел од сите материјали приложени и прифатени со тужбата во Стразбур, која ќе биде една голема лекција за сите што ги прикриваат фактите за незаконскиот претрес во мојот дом.

КАКВИ ДОКУМЕНТИ СЕ НАЈДЕНИ ПРИ ПРЕТРЕСОТ?

ФОКУС: Тогаш беа пронајдени и одземени доверливи документи. Од каде ги добивте овие документи, бидејќи се шпекулираше дека тие биле на вашиот сопруг Јовче Ременски, кој тогаш беше на висока позиција во УБК?

РЕМЕНСКИ: Во неколку наврати ги демантирав сите лаги и шпекулации кои беа кажани во врска со документите кои незаконски беа одземени од мене. Прво, доверливоста е маска со која се прикривале кривични дела, и второ и најважно тие се дел од неколку случаи, кои до членови на собраниската комисија за надзор беа доставени од укажувачи за сериозни сознанија за кривични дела во УБК.

Во моите службени информирања на релевантните фактори во државата, посочив дека, одземањето на тие неколку документи, кои ниту потекнуваат од кривично дело, ниту со нив е извршено кривично дело, е сериозно попречување на мојата надзорна и контролна улога како пратеник.

Спомнувањето на името на мојот сопруг во овој контекст и тогаш и сега го сметам за груба манипулација со вистината и ценам дека имаа за цел криминогени структури во УБК и МВР да го подведат под знак прашалник неспорниот и докажан професионализам на мојот сопруг во својата 26-годишна кариера во МВР.

ФОКУС: Се шпекулираше и дека дел од документите се однесувале на случаите „Монструм“ и „Диво насеље“. Дали ова е точно?

РЕМЕНСКИ: Воопшто не е точно. Дента кога излегоа овие злонамерни шпекулации во медиумите, доставив укажување/известување до државниот јавен обвинител, до директорот на АНБ и до министерот за внатрешни работи, за да укажам на сериозната загрозеност на нашата безбедност што се создава преку медиумите преку ширење невистини со зла намера. За да ги отфрлам дополнително лагите, сакам да посочам дека, „Монструм“ и „Диво насеље“ никогаш не биле дел од службеното постапување на мојот сопруг, ниту во временски период, ниту по службена позиција.

ФОКУС: Имате поднесено неколку кривични пријави, а една од нив е за аферата „Афис“. Веќе седма година предметот е во обвинителството, поради што побаравте одговорност од обвинителката Гордана Смаќоска. Каква завршница очекувате?

РЕМЕНСКИ: Неделникот „Фокус“ беше меѓу првите неделници, кој во неколку продолженија пишуваше и објавуваше информации за овој мегаскандал, кој 7 години по поднесувањето на кривичната пријава и повеќе од 200 списи како докази сѐ уште се наоѓа во предистрага, надвор од сите законски утврдени рокови. Обвинителката Смаќовска и обвинителката Русковска побрзаа мене да ме обвинат за неполни 4 месеци, но сѐ уште не им пречи нивното непостапување што по 7 години и по преповторување на веќе спроведени дејствија ОЈО не резултира со јавнообвинителска одлука со која кривично ќе ги гонат Никола Тодоров, Гордана Јанкулоска, Никола Груевски, Владимир Пешевски, Спиро Ристовски, 8 лица од Одделот за крим-техника во МВР, службеници од сектор за јавни набавки во МОН, ректор, декан и повеќе други лица. Политичките калкулации не се за занемарување, исто така.

ФОКУС: Ова значи дека обвинителството кренало раце од случајот, но не и Вие?

РЕМЕНСКИ: За ова непостапување во три наврати е известен Советот на јавни обвинители и се дадени препораки за постапување. Претставка и изворни сознанија има и државниот јавен обвинител од 2018 година, за што очекувам професионално да постапи и да спречи овозможување да застарат кривични дела во пријавата за одредени лица. Ова е шанса да се тестира и изборното ветување дека ќе бидат разрешувани обвинители и судии што одолжуваат и застаруваат предмети и судски постапки. Еве шанса да се покаже дека ова не е само реторика.

Ме прашувате за завршница, за случај кој никако да почне?

Како сериозен медиум имате доволно објавени документи на мојот јавен профил за сите три лаборатории и можете да поставите прашања и на ОЈО.

ГОРАН НИКОЛОВСКИ БЕШЕ ПРВ СОРАБОТНИК НА МИЈАЛКОВ!

ФОКУС: Поднесовте претставка до Антикорупциска и за екс директорот на УБК, Горан Николовски. Доставивте документи дека Николовски живее во куќа на Антонио Апостолски, адвокат на бизнисменот Орце Камчев. Има ли некаква разрешница?

РЕМЕНСКИ: Ова е еден од случаите што требаше да бидат дел од парламентарниот надзор. Случајот со целокупната документација е пријавен во ДКСК, одржавме и состанок во март по мојата ургенција за долгиот период на постапување, по што добив потврда на бројни наводи во пријавата, но, за жал, до денес нема никаков одговор од ДКСК по оваа пријава, која, според податоците, фрла сериозно светло за можните мотиви и причини за службеното непостапување на Николовски во случајот „Рекет“, по пријавите од Камчеви кои му ги упатувале токму нему. Исто така, Николовски беше прв соработник на Сашо Мијалков, кој го има Апостолски за свој бранител во предметите „Таргет-Тврдина“.

Дали ова не е доволна причина за институциите да истражат основан сомнеж за корупција и службено непостапување или приватизација на институцијата за приватни интереси на засегнати во кривичен прогон. И за овој случај објавив документите и поднесоци, и како медиум може да ги прашате лицата и институциите до каде се нивните постапувања.

ФОКУС: Според сведочењето на брачната двојка Камчеви во „Рекет“, Горан Николовски е еден меѓу првите на кој му кажале дека им се бара рекет. Николовски тогаш е директор на УБК. Тој им дал совет да снимаат сѐ! Зар не требало да изготви службена белешка и веднаш во истрагата да се вклучи УБК или МВР, со цел парите да бидат обележани, со што делото ќе беше лесно докажливо?

РЕМЕНСКИ: На мојот профил како трет дел насловен „Кираџиско-рекетарска приказна“ (по протокол) објавив стандардна оперативна процедура за службено постапување на органите на кои им се пријавува кривично дело и нивните обврски и сѐ што е направено како сериозен пропуст во истрагата и постапувањето во случајот „Рекет“. Постојат неколку фази во ова, според полициското постапување најлесно дело за реализација со познати сторители кои не се пропуштени и свесно не се направени, јас би рекла, заради приватната оперативна истрага кој Камчеви си ја воделе преку своите инсталации во институциите и медиумите.

Службена белешка, која ја спомнувате, а е направена без цел по пријавувањето на Камчев во ОЈО, е најмалата и најминимална обврска која Николовски ја имал кога во неколку наврати бил детално информиран за дејствијата. Факт е дека отсуствувале службени постапувања и известувања на ОЈО, кои можеле да спречат воопшто да се случи „Рекет“, да се сруши СЈО, а ОЈО, Судот и јавноста ќе имаше одговор на многу прашања кои ОЈО не успеа да ги докаже и останаа како теми за партиски препукувања и манипулации во јавноста.

„РЕКЕТ“ Е ПРИВАТНО-ОПЕРАТИВНА ИСТРАГА НА КАМЧЕВИ

ФОКУС: Дали сметате дека и во случајот „Рекет“ има заднина, на пример дека целта беше рушење на СЈО?

РЕМЕНСКИ: Јас мојот став по ова прашање го изнесов преку стручните анализи за кои зборував преку стандардните оперативни процедури. Фактот што приватната оперативна истрага „Рекет“ што ја воделе Камчеви со своите инсталации во институциите и медиумите во време кога јавноста очекуваше обвинителен акт за случајот „Империја“, ни дава за право да се сомневаме дека мотивите и целите биле сосема поинакви од она што година дена ја преокупираше јавноста на ниво на полувистини. Ако денес видите каде е „Империја“ (?) и каде се првично обвинетите во „Империја“, сѐ ќе ви биде јасно.

ФОКУС: Александар Василевски-Нинџа од претпоставен во УБК изјави дека имал наредба да го следи вашиот сопруг Јовче Ременски, кој целиот живот работи во безбедносните служби. Што мислите која била целта на овие пара полициски структури, од кои очигледно дел бил и Нинџа?

РЕМЕНСКИ: Нинџа е еден од поголема група лица кои надвор од сите правила и закони биле ангажирани од Горан Грујевски, Сашо Мијалков и други лица да извршуваат „задачи“ без никаков законски основ и легитимен интерес. Нинџа и друштвото самураи не можеле да имаат претпоставени во УБК зашто и тој и многу други немале никаков регулиран работен ангажман во УБК. Но, и покрај тоа должеле и располагале со оружје, муниција, легитимации, радиостаници, возила, џипови и сѐ што било ресурс на УБК и се претставувале (лажно) како прикриени агенти.

За сите нивни активности постојат материјални докази во кои точно е наведена целта за следењето на мојот сопруг, што впрочем било желба на Горан Грујевски, а тоа е во згодна прилика да го претепаат и да го направат траен инвалид „за да лежи во корито доживотно“. Пресериозни се сите нарачки и дејствија на овие групи за да останат само како информации, без никакво внатрешно институционално постапување и истражување.

ФОКУС: Дали овие параполициски структури сѐ уште роварат по безбедносниот систем на земјава и кој ги контролира?

РЕМЕНСКИ: Можеби не Нинџа, но други, сигурно да. Но, без дилема отсекогаш ровареле пософистицирани ликови кои себеси се претставуваат како незаменливи професионалци, кои успешно политички транзитираат во сите структури на власта и им се наметнуваат како спасители и незаменлив кадар. Ако се прочепка малку подлабоко, тоа се ликовите што се изворни креатори на сите досегашни политички монтирани случаи, кои најчесто правно завршуваат многу неславно. На овие ликови, типовите како Нинџа им биле само алатка за груба примена на сила. „Интелигентните“ задачи и денес и во минатото ги извршуваат извршители на нарачки за привилегија, позиција и цена. За жал.

ДАДОВ ОСТАВКА, НЕ БЕВ СМЕНЕТА ОД ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА СДСМ

ФОКУС: Бевте сменета од функцијата потпретседател на СДСМ. Зошто?

РЕМЕНСКИ: Тоа е уште една невистина пласирана во медиумите. По претседателските избори минатата година, сите потпретседатели на партијата, генералниот и организацискиот секретар поднесовме оставки кои беа прифатени од ЦО и од претседателот Зоран Заев. Подоцна, јас, Петре Шилегов и Благоја Бочварски не бевме реизбрани за потпретседатели, бидејќи не бевме предложени, што е легитимно право на претседателот. Продолживме да бидеме дел од највисоките органи на партијата – ИО и ЦО.

ОДНОСИТЕ СО ЗАЕВ НИ СЕ СОСЕМА КОРЕКТНИ

ФОКУС: Во какви односи сте со лидерот на СДСМ, Зоран Заев и раководството на партијата? По многу години, на претстојните избори не сте дел од листата за пратеници.

РЕМЕНСКИ: Сосема коректни. Сум била дел од партијата и кога не сум била на листата за пратеници, тоа не е мерило за политичка активност на ниту еден човек. Ако алудирате на тоа зошто не сум на листа, ќе ви кажам дека тоа не е прашање на кое треба да одговорам јас. Тоа е прашање за раководството на партијата.

ПРИКАЗНИТЕ НА ГЕРОСКИ БЕА ДЕЛ ОД ДОБРО ПЛАТЕНА РАЗУЗНАВАЧКА ОПЕРАЦИЈА!

ФОКУС: Јавно го повикавте новинарот Бранко Героски на средба, кој, пак, прв пишуваше за „Рекет“, за Кики и Фрики… Дали се сретнавте?

РЕМЕНСКИ: Не сме се сретнале. Зачудува фактот што и вие како медиум, априори без да проверувате ја верификувате вистинитоста и ја потврдувате тезата дека Героски прв пишувал за „Рекет“. Ако од оваа временска дистанца се проверат мотивите, причините и целите на езоповските приказни на новинарот Героски или, пак, ако се обидете да ги проверите ќе видите дека тие биле дел од една поголема, добро платена и осмислена разузнавачка операција и медиумски спотер од една приватна оперативна истрага на засегнати страни за рушење на институција и бегање од одговорност, приказни зад псевдоними и параструктурни брифинзи за пропаганда и избегнување новинарска одговорност, отколку како придонес кон правдата.

 

 

 

Поврзани новости