Ирена Каревска ја доби наградата „Никола Младенов“ за случајот „Рашковски“

Новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски доби пофалница за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија

by fokus

Новинарката Ирена Каревска од тимот на „360 степени“ е добитничка на овогодинешната наградата за најдобра истражувачка сторија, која го носи името на основачот на неделникот Фокус, Никола Младенов, а ја доделува Македонскиот институт за медиуми.

Каревска ја доби наградата за серијалот од 10 ТВ-прилози преку кои го истражува случајот со набавката на софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци од страна на поранешниот секретар на Владата, Драги Рашковски, објавени во емисијата „360 степени“ на Алсат-М телевизија.

-Преку серијал од 10 прилози спакувани во модерен телевизиски продукт, Каревска умешно го води читателот низ истражувачкиот процес во кој континуирано обелоденува нови, скандалозни и компромитирачки информации, со кои демонстрира темелно новинарско истражување поткрепено со факти, докази и изјави од релевантни извори и соговорници, стои во образложението на комисијата за доделување на наградите.

Комисијата одлучи да додели и пофалница за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија на новинарот Влатко Стојановски за серијалот текстови на тема „Офшор-компании“, објавени на интернет-платформата на СКУП Македонија.

-Во рамки на серијалот од 3 истражувачки стории, авторот демонстрира темелно новинарско истражување низ кое многу умешно ги разработува, категоризира и анализира сите правни субјекти во чија сопственичка структура се јавуваат други фирми регистрирани во таканаречени офшор-зони, а открива и информации за лицата кои се поврзани со нив или стојат зад нив, за нивните дејства и активности, се вели во образложението од комисијата.

Наградата за Најдобар иновативен новинарски производ ја доби новинарката Катерина Топалова, за мултимедијалната сторија „Од партиска крава до златна кокошка “ објавена на интернет-платформата „Само прашај“.

Наградата за Најдобра репортерска фотографија му се доделува на фоторепортерот Игор Бансколиев, за фотографијата на тема „ Херојот од Дељардовце“, објавена во дневниот весник „Нова Македонија“.

Доделувањето на наградите „Никола Младенов“ се одржа вечерва во ресторанот Рагуза, а Македонскиот институт за медиуми воедно прослави и 20 години постоење.

 

Поврзани новости