(АРХИВА) Богоев: Пратеници, но и градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ испраќаат позитивни сигнали за уставните измени!

by fokus

Текстот е објавен на 11 априк 2023 во неделникот со број 1436.
Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, во интервју за „Фокус“, зборува за актуелните случувања поврзани со уставните измени. Притоа тој тврди дека дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, но и еден скопски градоначалник испраќаат позитивни сигнали за внесувањето на Бугарите во Уставот. Воедно, говори за вмешаност на близок човек на Мицкоски во бизнисот со марихуана, а дава оценка и за Апасиев, споредувајќи ја Левица со Златна зора.
Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

ФОКУС: Пред три месеци дадовте изјава дека полесно е да се обезбедат 80 пратеници за уставните измени, отколку 61 за предвремени избори. Останувате ли на тој став и денес?

БОГОЕВ: Еден дел од таа изјава веќе се докажа, дека не може да се обезбедат 61 пратеник за предвремени избори. Не се обезбедија. Напротив, колку подолго Мицкоски зборува дека ќе има ново парламентарно мнозинство и избори, толку повеќе расте мнозинството на СДСМ.

Така се случи и овојпат. Ги подгреваше очекувањата за ново мнозинство, за нови избори, па затоа тогаш сум ја дал таа изјава. И на крај на гласањето, од 64, мнозинството на власта порасна на 65 пратеници. За еден мнозинството порасна.

Сега сме во фаза на почеток на формалната процедура за уставните измени. Се формира работната група за уставните амандмани и потоа следи собраниската процедура.

Што значи, од изјавата што сум ја дал во јануари, се докажа дека нема 61 пратеник за предвремени избори, а во исто време процесот за 80 пратеници за уставните измени тече. Останува времето да покаже дали ќе биде онака како што сум предвидел. Но, како и да е, дел од таа изјава веќе се потврди.

УСТАВНИ ИЗМЕНИ КОГА-ТОГАШ

ФОКУС: Мицкоски постојано повторува дека уставни измени во овој парламентарен состав нема да има. Што значи тоа нагласување „во овој парламентарен состав“?

БОГОЕВ: Тоа треба Мицкоски да одговори. Јас велам дека уставните измени не зависат целосно од него. Да беше тој пратеник, уставните измени ќе зависеа и од него. Меѓутоа, таму има пратеници. Пратеници со свој интегритет, лични убедувања и размислувања и ќе видиме на крајот какво ќе биде гласањето.

Јас мислам дека уставните измени кога-тогаш ќе се случат. Европскиот пат на државата не може да го сопре Мицкоски, заедно со неформалниот партнер Левица.

Од друга страна, зошто тој го кажува тоа, не знам. Меѓутоа со чекорот да не номинираат свој претставник во групата за уставните измени, само покажува дека, де факто, е против членство на Македонија во ЕУ. И тука, ВМРО-ДПМНЕ и Левица може да користат флоскули колку што сакаат, дека декларативно се за ЕУ.

Во реалноста, прават сѐ да не се случи тоа. Ако мислат дека сите граѓани сме будали, и се водиме по онаа „Не гледај што правам, слушај што зборувам“, гледаме што прават. Тоа е оддалечување на државата од ЕУ. Најверојатно, нивната крајна цел е државата да отиде во прегратките на некој друг политички блок во светот.

ФОКУС: Со нагласувањето „во овој парламентарен состав“, не гледате оставање простор да ги поддржат уставните измени во некој нов парламентарен состав?

БОГОЕВ: Зошто би го направиле тоа? Еве сега е шансата. Како тоа, не сега, туку кога јас ќе сакам? Тој блеф и таа лага не му поминува никаде. Ако сака да дојде на власт, најлогично е да ги поддржи уставните измени. Така ќе покаже зрелост и дека е на нивото на задачата. Претседател на опозициска партија подразбира да носиш одговорни одлуки во корист на државата.

Ама ако ти си во константна трка со радикал како Димитар Апасиев и ако тој ти го диктира темпото на твојата реторика, па во борба за гласачите од радикалното десничарско тело, кое и на анкетите е против ЕУ и е националистички настроено, тоа е големо гласачко тело, тогаш не може да каже дека е за ЕУ. Затоа ние велиме, заложник на Апасиев. Тоа е мртва трка кој да биде радикален, во која темпото го диктира Апасиев.

ФОКУС: Има ли комуникација меѓу Ковачевски и Мицкоски во насока постигнување консензус за уставните измени?

БОГОЕВ: Не сум се сретнал досега со таква информација дека имале некакви средби.

ГЕРМАНСКИОТ МОДЕЛ Е НЕПРИФАТЛИВ

ФОКУС: Во јавноста излегоа информации за средби на поранешниот лидер на СДСМ, Заев, со Мицкоски токму на темата уставни измени. Вклучен ли е на каков било начин Заев во дејствувањето на СДСМ?

БОГОЕВ: Не, Зоран Заев во моментов е член на партијата, поранешен претседател на партијата, потпретседател, градоначалник, премиер, бил на многу важни позиции. Нормално, тој секогаш ќе има, на некој начин, посериозно место во партијата како поранешен претседател.

Меѓутоа, во моментов не е вклучен во креирањето политики или преговори за уставните измени, на каков било директен начин во партијата. Можам да зборувам во партијата. Што прави човекот во слободно време, негова работа си е, но не сум чул такво нешто.

ФОКУС: Во овој контекст беа и некои теории дека се подготвува или се работи на широка влада по германскиот модел на заедничко владеење. Кој е вашиот став за овој модел?

БОГОЕВ: Ние сме против тоа. Не може да седиш на маса во иста влада и да водиш држава, а притоа имаш стратегиски разлики. Ние сме за европскиот пат, тие се за некој друг светски блок, затоа тоа е неодржливо. Во Германија тоа е одржливо. Затоа што Германија е членка на НАТО и ЕУ, знае каде сака да остане и знаат што сакаат да направат за граѓаните.

Кај нас имаме суштинска разлика во правата стратешка определба. ВМРО-ДПМНЕ, со сѐ што прави, е против Македонија да биде дел од ЕУ. А, ние, со сѐ што правиме, се трудиме и ќе успееме, Македонија до 2030 да биде полноправна членка на ЕУ.

Исто така, тоа е партија што е нереформирана, не е исчистена од криминалци во своите редови. И тука немаме заедничко во концепциите, за заедно да водиме држава.

ФОКУС: Има ли единство во пратеничката група на СДСМ за уставните измени?

БОГОЕВ: Во пратеничката група на СДСМ има единство по сите стратегиски прашања што се влезени и во владината, и во партиската програма, вклучително и членството во ЕУ преку целиот процес на уставните измени што мора да ги направиме.

ПОЗИТИВНИ СИГНАЛИ ОД ВМРО-ДПМНЕ

ФОКУС: Меѓутоа, имаше еден пратеник што не гласаше за заклучоците за францускиот предлог.

БОГОЕВ: Да.

ФОКУС: Дали можеби има уште некој пратеник со таков сличен став за уставните измени?

БОГОЕВ: Не.

ФОКУС: Имате ли комуникација со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што се за таканаречениот Европски фронт?

БОГОЕВ: Директна комуникација со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на таа тема во моментов немаме. Секако, нашите пратеници комуницираат со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Меѓутоа, добар дел од нив и од раководството на партијата, вклучително и еден скопски градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ испраќаат позитивни пораки на различни средби и на средби со дипломати.

Испраќаат позитивни пораки и на места, настани и во разговори со луѓе за кои претпоставувам дека знаат дека ќе стигнат до нас. Тоа се охрабрувачки информации, каде што тие се свесни дека ова е нешто што треба да го направиме за да го продолжиме европскиот пат.

Од друга страна, се наоѓаат во деликатна ситуација поради хистеријата што Мицкоски и Апасиев ја искреираа летово, особено со протестите во јули. Таа хистерија што се искреира, на некаков начин им го отежнува просторот за дејствување на овие луѓе и структури во ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓутоа, тие се цврсто убедени дека ова е начинот и патот по кој треба да чекориме. Очекувам во одреден момент тие луѓе да истапат јавно и да дадат поддршка.

ФОКУС: Можеби на самото гласање за уставните измени?

БОГОЕВ: Како ќе одлучат, така.

ФОКУС: На средби со дипломати од скопските градоначалници оди Тимчо Муцунски.

БОГОЕВ: Не би откривал за кој градоначалник станува збор. Можеби и ќе се изненадите. Сепак, градоначалниците се среќаваат со дипломати, не само партиски, туку и за проекти и слично, па ги користат тие можности за да изразат политички позитивен став за европската приказна што ја предводи СДСМ.

ФОКУС: За колкав број пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што испраќаат позитивни пораки станува збор?

БОГОЕВ: Не би навлегувал во тоа.

ФОКУС: Но, што доколку на самото гласање за уставните измени, дел од пратениците на СДСМ не гласаат „за“?

БОГОЕВ: Јас сум прилично сигурен дека тоа нема да се случи.

ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ СЕ ОБЕДИНЕТИ

ФОКУС: Дали ќе се пристапи кон исклучување од партијата?

БОГОЕВ: Не би го разгледувал тоа сценарио воопшто, бидејќи сум прилично сигурен дека пратениците на СДСМ се унисони по ова прашање. Бидејќи исти вакви шпекулации имаше и за Преспанскиот договор, но сите пратеници во тој состав покажаа сериозна политичка зрелост, дека знаат во која ситуација се наоѓа државата и дека сега е моментот да се направи исчекор и сите го направија.

Затоа денес сме членка на НАТО, а на 700-800 километри воздушна линија од нас има војна во Украина. А, нас небото ни го штити, ни помалку, ни повеќе, туку НАТО со грчка авијација. Тие што до вчера ни беа најголемиот политички ривал, денес го штитат македонското небо и јас и Вие го имаме ова интервју, затоа што сме безбедни од воен аспект.

Зошто? Затоа што пратениците од СДСМ и коалицијата во тоа време го препознаа суштинското значење на моментот и гласаа за уставните измени. И знам дека и сега пратениците на СДСМ и коалицијата го препознаваат и овој момент.

ФОКУС: Има ли СДСМ стратегија што доколку уставните измени стигнат на гласање и не поминат?

БОГОЕВ: Тогаш и финално би дошло до конечен заклучок до она што и сега го знаеме: дека дефинитивно ВМРО-ДПМНЕ е против Македонија да биде членка на ЕУ. Тоа и сега се чувствува и се гледа, меѓутоа тогаш веќе ќе стават печат дека се антиевропска партија.

Не е прашањето што ќе прави СДСМ доколку не поминат уставните измени. Прашањето е што ќе правиме сите ние како граѓани и државата. Каде ќе одиме? Со Русија, со Кина? Или баш таму сакаат ВМРО-ДПМНЕ и Левица?

ФОКУС: Во однос на работното тело за амандманите за уставните измени. Дали тоа тело ќе разговара само со амандмани за внесување на Бугарите и другите етнички заедници во Уставот или можеби ќе се дискутираат други барања што би ги имале партиите?

БОГОЕВ: Нашиот став е дека во моментов е најважно она што значи продолжување на европскиот пат. Тоа значи внесување Хрвати, Црногорци, Бугари, Египќани и другите заедници во Уставот. Сѐ друго, сите други барања за уставните измени се само проблем во моментов. Тие прашања кога било во иднина можеме да ги дискутираме.

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ, ПА ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ

ФОКУС: Досега немало барања од коалициските партнери на СДСМ да се разговара и за други прашања?

БОГОЕВ: Сето тоа било неформално. Сега ќе видиме во работната група што ќе има формално. Но, единствено важно и корисно за државата е внесувањето на етничките заедници.

ФОКУС: ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека ќе инсистира парламентарните и претседателските избори следната година да се одржат во исто време. Кој е ставот на СДСМ по ова прашање?

БОГОЕВ: Ставот на СДСМ е дефиниран со закон. Многу едноставно и коректно. Ниеден закон не предвидува спојување избори. Си има парламентарни избори што мора да се одржат во рок од-до, пред и по крај на мандатот на парламентарниот состав. И претседателски избори во друг закон, каде што си стои кога треба да се одржат. Оттука, законски е да има прво претседателски избори, па потоа да има парламентарни избори. Тоа треба и ќе биде така.

ФОКУС: Дури и по цена ВМРО-ДПМНЕ да се закани со бојкот на претседателските избори?

БОГОЕВ: Јас не знам каква е таа сериозна политичка партија што сака да стане власт во државата-членка на НАТО и кандидат за ЕУ што би бојкотирала претседателски избори.

Зошто велам членка на НАТО? Претседателот е врховен командант на Армијата на земја-членка на НАТО. А, во моментов беснее руска агресија во Украина. Јас не знам на што би личело тоа да ги бојкотираат претседателските избори. Тоа би било крајно несериозно за нив како партија, а и во односот кон државата.

Не дај Боже, кој може да предвиди, дали во конфликтот би се вклучило НАТО директно или не. Би било срам за репутацијата на државата, најголемата опозициска партија да ги бојкотира изборите, на кои, покрај што се избира татко на нацијата, се избира и врховен командант на воените сили. Тоа за ВМРО-ДПМНЕ би било пукање во глава.

ФОКУС: Отворена ли е дебата во СДСМ за можни претседателски кандидати?

БОГОЕВ: Не, сѐ уште е рано за тоа. Тоа се случува во последните месеци пред самата кампања. Имајќи предвид дека изборите се, грубо, некаде за 12 месеци отсега, очекува дебатата да се интензивира некаде по Нова година. Тогаш очекувам дека нашиот кандидат од самиот старт би добил посериозна поддршка од коалициските партнери.

ЗАЕДНИЧКИ КАНДИДАТ СО ДУИ

ФОКУС: Зборуваме за заеднички настап со ДУИ?

БОГОЕВ: Дали ќе биде така или не, тоа е предмет на договор и стратегија во коалицијата. Меѓутоа, сакам да кажам, секако, партијата ќе застане позади човек што ќе има сериозен капацитет да обединува.

ФОКУС: Може да заклучиме дека нема да се фаворизира чисто партиски кандидат?

БОГОЕВ: Ние и во минатото и за други државни позиции сме покажале дека ги номинираме луѓето за што сметаме дека најдобро ќе одговорат на задачата. Не секогаш тие мора да се којзнае колку истурени партиски активисти. Но, секако мора да се блиски до идејата и до она што значи СДСМ и вредностите што ги застапува.

Сѐ уште е рано и не навлегувам во оваа тема, за да не се исперцепира дека некого фаворизирам или дискриминирам друг. Напротив, немам ниту јас во мојата глава фаворит, а камоли партијата.

ФОКУС: Левица постојано ви за заканува со таканаречена „пасокизација“. Реални ли се овие закани?

БОГОЕВ: Не. Воопшто не ги ни сметаме за сериозни. А, од друга страна, ако Левица со тоа алудира дека тие се Сириза, не се. Тие се Златна зора. Сириза е сестринска партија на СДСМ, со која соработуваме. Ципрас и Заев направија историски исчекор, решија децениски спор. Левица нема ни еден отсто од интелектуалните и политичките капацитети на Сириза. А, во нејзиното дејствување, комплетно дејствува како Златна зора.

Практично, не знам зошто таа партија сѐ уште се вика Левица, кога нема Л од левица. Таа е станата радикално десничарска партија, која ја фаворизира Црквата, што за крајно левичарска партија е несвојствено, фаворизира национализам и оди против државните стратегиски интереси.

Жално е што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ влегуваат во трка со нив кој ќе биде порадикален и повеќе ќе се додвори на друг политички блок во светот, на штета на европската интеграција на државата.

„ЛЕВИЦА Е ЗЛАТНА ЗОРА“

ФОКУС: Дали Левица ја сметате за сериозна или за маргинална партија, имајќи предвид колкава поддршка добива на анкетите?

БОГОЕВ: Јас сметам дека изјавата на Левица за пасокизација е несериозна. А, Левица како партија е сериозна. Штом успеала да го грабне во политичко заложништво лидерот на најголемата опозициска партија Мицкоски, значи таа е сериозна партија.

Дури можеби и посериозна од ВМРО-ДПМНЕ. Ако тие успеваат да го диктираат темпото, наративот и речникот на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш можеби се и посериозни од нив.

ФОКУС: ДУИ најави формирање на Фронт за Европа. Имате некои заеднички активности за оваа иницијатива?

БОГОЕВ: Би сакал да расчистам една работа. Идејата за европски фронт е на СДСМ. Во ова раководство, првпат идејата за европски фронт и блок ја пласираше Димитар Ковачевски пред шест месеци на трибините на СДСМ, кои ги правевме есента и зимоска. Доколку не се лажам, тоа се случи на трибината во Штип или во Кичево. Меѓутоа, идејата прв ја пласира Ковачевски.

На крајот на краиштата, ние во 2017 година дојдовме на власт со таква идеја. И ние сме единствената политичка партија од земјата што била дел од сите чекори во минатото и сега што ја доведоа државата до Европската Унија. Ние, 11 години имавме комплетно изолирана држава. Добивањето кандидатски статус во 2005 година е по заслуга на СДСМ, членството во НАТО и почнувањето преговори со ЕУ со заштитен македонски јазик се по заслуга на СДСМ. Тие се стратегиски работи, кои се суштината на таков европски блок. Ние дури и создадовме позитивна клима за решавање на црковното прашање.

Така што, идејата за европски фронт е наша. Драго ни е што и ДУИ е во таа идеја и мислам дека таа идеја ќе однесе убедлива победа на претседателските и на парламентарните избори. Граѓаните ги согледуваат економските придобивки што ги носи ЕУ и затоа сум убеден дека европскиот блок ќе донесе убедлива победа со претседателскиот кандидат, а потоа и на парламентарните избори.

ФОКУС: Ја загрозуваат ли „огнените“ владината коалиција?

БОГОЕВ: Досега се покажа дека не. Тоа се случувања внатре во ДУИ и очекувам внатре да си ги решат проблемите, а тоа да не се прелее на друго ниво. Досега е во ред што не влијаело врз владината коалиција. Во делот на уставните измени, и претставниците на „огнената група“ експлицитно изјавија дека ќе го поддржат процесот.

„БЕХТЕЛ И ЕНКА“ СЕ СЕРИОЗНИ

ФОКУС: Меѓутоа, Меџити во интервјуто за „Фокус“ рече дека тие сакаат партијата да разговара за можното барање за останување на формулацијата „20 отсто“ во Уставот.

БОГОЕВ: Ние го имаме целото време на светот да дискутираме за кои било интервенции во Уставот, вклучително и за тоа. Но, сега, сѐ освен овие уставни измени што ни се потребни за отворање на поглавјата, само ќе го отежни процесот и ќе направи дополнителен проблем. Најпаметно и најкорисно за државата е во моментов да се спроведат само уставните измени што ги бара ЕУ. Сѐ друго сме подготвени да разговараме понатаму.

ФОКУС: СДСМ во иднина не би имала проблем да се замени таа формулација во Уставот?

БОГОЕВ: СДСМ во иднина не би имала проблем да разговара. А, дали тоа ќе се измени или не, е сосема друга работа за која треба да се донесе одлука.

ФОКУС: Во собраниска процедура се измени на 9 закони со кои се даваат одредени привилегии на конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите. Која е оправданоста да се дадат вакви привилегии на еден конзорциум, кои одат на штета и на државниот буџет, и на работничките права?

БОГОЕВ: Не знам дали знаете од колкав обем и колку сериозни компании се „Бехтел и Енка“. Какви сериозни проекти во светот имаат работено. Второ, измените што се однесуваат на законот за урбанистичко планирање и градење, имаат за цел да го олеснат процесот на реализација на изградбата на коридорите. Ништо проблематично и ништо страшно.

Се јавува проблем, односно разногласие во делот на културното наследство. За тоа очекувам пратениците да издискутираат и да донесат одлука: дали ќе го изменат, дали ќе го повлечат или ќе го изгласаат, ќе се остави на пратениците.

Меѓутоа, генерално, измените во законите се однесуваат на поедноставување и забрзување на процесот на изградба. Нели кај нас една од главните болки е зошто толку долго се гради некој автопат или булевар?

ФОКУС: Меѓутоа, дел од измените значат и ослободување на „Бехтел и Енка“ од плаќање даноци и акцизи, што директно оди на штета на државниот буџет.

БОГОЕВ: Јас, сепак, би ја почекал собраниската процедура, дали дел од овие предлози ќе претрпат одредени измени.

ЧОВЕК НА МИЦКОСКИ ВО БИЗНИСОТ СО КАНАБИС

ФОКУС: Опозицијата постојано обвинува за корупција во владините редови. Има ли владина корупција?

БОГОЕВ: Со корупција се соочува секоја држава. Дури и тие што имаат многу низок степен на корупција, немаат нула корупција. Тоа е прашање на кое во континуитет треба да се работи.

Од друга страна, дали вие или кој било се сеќава во 30 години независност, кога високи владини функционери одговарале кога нивната партија е на власт? Кога специјален јавен обвинител одговарал додека бил на позиција? Тоа се работи што првпат се случија во мандат на СДСМ. Сметам дека тоа сериозно ја подобрува ситуацијата со корупцијата. Далеку е од решена и искоренета.

За корупцијата треба да се зборува јавно и гласно. Опозицијата, пред да го прави тоа, треба да погледне кај себе. Тие обвинуваат за плацови, парцели и ниви, а токму нивни луѓе се организатори на „Делчевски ниви“. Претходно истите тие луѓе обвинуваа градоначалници на СДСМ, а сега нивните градоначалници се фатени со рацете во медот.

Трета работа, која се надевам ќе биде интересна за читателите: ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше и критикуваше за одгледување марихуана за масло од канабис. Дали е точно дека играчи блиски до ВМРО-ДПМНЕ, вмешани во „Делчевски ниви“ во највисоките ешалони, се вмешани и во фабрика за одгледување канабис? Фабриката се наоѓа во Општина Петровец.

И дали еден од клучните луѓе блиски на Мицкоски, кои е вмешан и во „Делчевски ниви“ е еден од сопствениците, а другиот сопственик е Русин со руски капитал? И дали по ширењето на оваа работа низ политичките кулоари, човекот се повлече од сопственичката структура и остави негови блиски да ја водат работата?

Лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ да зборува за овие работи. Како и досега, битката со корупцијата ќе ја продолжиме. Тука се важни и коренити промени во правосудството. Очекувам дека за брзо, СДСМ и владата ќе излезат со конкретни активности и пакет за реформи.

ФОКУС: Дали СДСМ ќе се залага за ветинг во правосудството?

БОГОЕВ: Не би откривал детали. Мислам дека за брзо време ќе имаме сериозно раздвижување и на оваа тема. Секако, законот за ветинг, најверојатно, би бил еден од тие.

ФОКУС: Во последно време го гледаме премиерот Ковачевски како следен од камери посетува маркети, а претходно јадеше сендвичи по локални сендвичарници. Ве потсетува ли ова на „златните времиња“ на Груевски, кога со 20 камери одеше по селата и по телефон решаваше проблеми?

БОГОЕВ: Проблемот тогаш беше дали тие камери и новинари мораа да бидат таму или сакаа да бидат таму. Јас мислам дека во време на Груевски мораа да бидат таму. Сега се пушта покана од Владата, а медиумите сами одлучуваат дали ќе дојдат. Еве вие сте во многу сериозен и респектабилен медиум, дали некој од власта ви прави притисок за што било? Никогаш, за ништо.

Во делот на водење на односите со јавност, тоа не е нешто невообичаено и во светски рамки. На социјалните мрежи излезе и фотографија од Тито по некои маркети, односно во тоа време самопослуги.

Суштинската разлика од времето на Груевски е што тогаш медиумите и државата беа заробени и немаше слобода. Имаше работи што мораа да ги прават. Гледате, граѓани поставуваат прашања, новинари критички настапуваат… Ние за тоа се боревме, враќање на слободата на говор и демократијата.

За жал, добар дел од граѓаните, кога еднаш ќе ја почувствуваат слободата, забораваат да ја ценат. Брзо заборавивме какви беа 11-те години претходно.

СТОИМЕ ЗАД ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА

ФОКУС: Актуелна е и работната група за Изборниот закон. Дали СДСМ ќе се залага за една изборна единица, што им го вети на помалите партии?

БОГОЕВ: Една изборна единица си е наша програмска определба. Каде настанува компликација? Дел од политичките партии не се за една изборна единица. Има сериозно разногласие. Добро е што во оваа работна група ќе се зборува за тоа. Затоа што измените на Изборниот законик треба да се носат со консензус. Очекувам ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата да бидат дел од групата.

Навидум, има големи разлики за изборниот модел. Секој гледа што најмногу нему му одговара и како би добил најмногу мандати. Туку ние сме најискрени и стоиме зад идеја што нам не ни одговара најмногу.

НЕ СЕ ВРАЌАМ ВО ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА

ФОКУС: Каде вие лично се гледате во иднина во политичката кариера: локалната, централната власт или во Собранието?

БОГОЕВ: Јас во моментов сум целосно посветен на партијата. Како директор на Центарот за истражување и анализи и како потпретседател, мојот ангажман по цел ден е со партијата. Акти

победата. Потоа, доколку некаде би се ангажирал, ќе биде на централно ниво: дали Собрание или извршна власт.

Меѓутоа, во локалната самоуправа не би се враќал повторно. Тоа беше едно добро искуство, но од оваа перспектива не би се вратил. Едноставно доаѓате до момент кога одредена проблематика ве заситува и тоа ви прави проблем во креативноста за решавање на проблемите.

Поврзани новости